СДСМ ќе поднесе предлог-закон за помош на семејствата на жртвите од Кочани
СДСМ денеска во Собрание ќе поднесе Предлог-закон за помош на семејствата на загинатите и повредените од пожарот во Кочани. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче смета дека изготвиле добро законско решение и ги повика пратениците од владејачкото мнозинство да го поддржат или да се вклучат во негово модифицирање ако имаат предлози, нагласувајќи дека целта не е да се политизира трагедијата.
-Изработивме предлог-закон кој навистина мислам дека е добар. Има финансиски надоместок за семејствата коишто изгубија членови, има финансиски надоместок за оние кои имаат трошоци за лекување, има поволности за децата кои сега губат настава во училиштата, нешто од аспект на социјалата, така што мислам дека е добро и квалитетно решение. Ќе го поднесеме во редовна собраниска процедура за да има простор да се вклучат повеќе чинители, да дадат коментари. Во еден дел се осврнуваме и на семејствата од претходните трагедии – Ласкарци, Тетово, „Беса-транс“ – изјави Филипче по отворањето нова градинка во населба Пролет во општина Центар.
Тој очекува поддршка и од ВМРО-ДПМНЕ иако, рече дека имало коментар од владејачката партија дека нема да го поддржат нивниот предлог кога тие го најавиле.
-Предлог-законот нема за цел да ја политизира трагедијата. Ги повикувам заедно да го донесеме законот. Не сметам дека првичната изјава дека нема да го поддржат е во насока на политичка конфронтација. Искрено, верувам дека не е тоа апсолутно знак дека не сакаат да им се помогне на семејствата. Во смисла на неполитизирање на оваа трагедија во Кочани, јавно ги повикувам да седнеме и разгледаме законот и да го поддржиме заедно, подготвени сме и да се модифицира. Да им покажеме на граѓаните, на семејствата, дека таква криза треба да не обедини и дека треба да работиме заедно да го унапредиме системот за такви трагедии повеќе да не се повторуваат – истакна Филипче.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Градското собрание на Лос Анџелес ќе биде…
Градското Собрание на Лос Анџелес во американската…
Родителите од Кочани официјално побараа средба со…
Семејствата и родителите на починатите во пожарот…
СДСМ: Нема правда без одговорност на Тошковски…
Откако речиси четири месеци Мицкоски и Тошковски…
ОЈО ќе организира средба со родителите на…
Откако за време на вчерашниот протест во…
Кочани ни е во фокусот, вели новиот…
Министерот најави амбициозен план за реформи во…