Славење на новата година – обичај стар 4.000 години
Славењето на доаѓањето на Новата година е еден од најстарите обичаи, а првите пишани записи датираат од 2.000 години п.н.е. и потекнуваат од Месопотамија.
Различни народи имаат различни календари, така што времето на славење се разликува од регион до регион. Кинезите и Грците го славеле доаѓањето на Новата година на пролет, на пролетната рамноденица, Египќаните во јули, Евреите во септември или ноември…
Грегоријанскиот календар
Денеска почетокот на Новата година се одбележува на 1 јануари (иако традиционалните прослави на новата година не изумреле во многу култури), Римјаните први го користеле тој датум како почеток на новата година.
Сè започнува во 45 п.н.е. кога Гај Јулиј Цезар го вовел јулијанскиот календар, соларен календар што го заменил претходниот лунарен календар. Во новиот календар годината започнувала точно на 1 јануари. На латински тој месец се викал Јануариус и бил посветен на Јан, богот на почетоците, па изгледало логично годината да започнува на тој ден.
Со ширењето на христијанството низ Европа, славењето на Новата година било напуштено како пагански обичај, а европските народи користеле неколку различни календари до 16 век, поточно до 1582 година, кога папата Григориј XIII го вовел новиот – Грегоријански календар, кој е во употреба и денес.
Според новиот календар почетокот на новата година повторно станал 1 јануари. Повеќето католички земји веднаш го прифатиле реформираниот календар, но тоа не било случај во цела Европа, така што, на пример, Британската империја започнала да го користи Грегоријанскиот календар дури во 1752 година.
Кршење садови
Со текот на времето доаѓањето на Новата година станала омилен празник, а денес тој ден се слави во целиот свет со музика, огномет и многу храна и пијалоци. Покрај тоа, секоја нација има свои специфични обичаи.
Така, на пример, во Еквадор, на новогодишната ноќ, се палат кукли – плашила и стари фотографии. На овој начин Еквадорците се ослободуваат од лошата среќа и лошите спомени.
Данците, пак, ја повикуваат среќата со кршење садови. Колку повеќе садови ќе скршите пред вратата од вашиот дом, толку повеќе ќе имате среќа во новата година.
Сличен обичај е широко распространет во Грција, со тоа што Грците не кршат садови туку „кршат“ калинки. Според грчката традиција, во новата година ќе имате онолку среќа колку што ќе испаднат семките од калинката откако ќе ја распарчите пред вратата од вашата куќа.
Ако не сте за кршење и палење, тогаш држете се до јужноамериканската традиција. Во Мексико, Бразил и Боливија луѓето веруваат дека боите ќе им донесат среќа. Оние кои бараат љубов треба да ја чекаат Новата година во црвена облека, оние кои сакаат повеќе пари ќе им помогне жолтата облека, а ако само сакате мир, одлучете се за бела комбинација.
Фрлање цвеќиња во океанот
Ако случајно сте во Бразил на новогодишната ноќ, можете да се обидете да си ја повикате среќата со фрлање цвеќиња во океанот. Тоа е стар обичај на Бразилците кои веруваат дека на тој начин ќе ѝ угодат на божицата на морето, која за возврат ќе им даде многу среќа.
Шкотите се нација која посветува посебно внимание на испраќањето на старата година и доаѓањето на Новата година. Според тоа, Единбург, главниот град на Шкотска, го држи рекордот за најмасовна новогодишна прослава. Во 1997 година 400.000 луѓе ја дочекале Новата на улиците на главниот град на Шкотска, а тоа е забелажано и во
Гинисовата книга на рекорди.
Без разлика дали сте суеверни или не, не е лоша идеја да носите облека со комбинација од повеќе бои и да искршите неколку чинии или некое овошје на овој ден. Така ќе бидете сигурни дека не сте предизвикале инфлација, земјотрес или нова епидемија, советуваат експерите.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Напладне продолжува седницата за изборот на новата…
Денеска во 12 часот ќе продолжи седницата…
Пуштена во оптек новата монета од две…
По повод 20-годишнината од еврото и почетокот…