Сообраќајки, тешки повреди и случаи од пиротехника: Клиниките со полни раце работа за новогодишната ноќ
Бурна новогодишна ноќ имале и хируршките клиники, каде биле згрижени голем број пациенти со различни повреди, информираат лекарите од дежурните служби.
Во текот на ноќта биле евидентирани три сообраќајни незгоди, при што околу 20 пациенти со лесни телесни повреди биле прегледани и пуштени на домашно лекување. Една 17-годишна пациентка од Тетово била примена со тешка телесна повреда и во моментот на информирањето врз неа се изведувала хируршка интервенција.
Од Клиниката посочуваат дека во Скопје немало тешки сообраќајни незгоди, што делумно се поврзува со функционирањето на системот „Сејф Сити“.
Регистрирани се и тројца политрауматизирани пациенти по пад од висина. Меѓу нив е и 30-годишен маж, пронајден паднат во реонот на Буњаковец, кој бил во животозагрозувачка состојба. Кај него е извршена операција на ’рбетниот столб и моментално се наоѓа на Клиниката за интензивно лекување. На Неврохирургија е примен и 16-годишен пациент од Штип, исто така по пад од висина.
Особено тежок случај е двегодишно дете со непознати лични податоци, примено на интензивна нега со прострелна повреда на главата од огнено оружје. Детето е во животна опасност, а засега нема официјални информации за околностите под кои се случил инцидентот.
Во текот на ноќта биле евидентирани и осум случаи на физички напади. Шест пациенти со телесни повреди се пуштени на домашно лекување, како и едно лице со површна повреда од нож во левата лумбална регија.
Регистрирана е и прострелна повреда во пределот на лактниот зглоб кај пациент од Скопје, а настанот се случил во Прилеп. Пациентот е подготвуван за оперативно лекување.
Голем број повреди се поврзани и со употреба на пиротехнички средства. Вкупно 20 пациенти биле примени, дел на Клиниката за пластична хирургија, а две деца на возраст од 12 и 13 години се згрижени на Детска хирургија, каде е планирано оперативно лекување. На Клиниката за трауматологија е примен и 69-годишен пациент со повреди на левата подлактица и шака од пиротехника, додека три лица со полесни повреди ќе бидат пуштени на домашно лекување.
Лекарите предупредуваат дека бројот на повредени за време на новогодишната ноќ е значително зголемен во споредба со претходните години, а дел од случаите се поврзани со алкохолизирана состојба. Истражните органи ги утврдуваат околностите за потешките инциденти.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Алкалоид земал речиси 6 милиони евра тендери…
Клиниките чии директори го фалат кандидатот на…
Таравари вети дека во понеделник ќе ги…
Од понеделник здравствените установи ќе немаат економски…