ТВ Телма: Панче vs Тошковски – Додека бил адвокат имал позитивна, сега има негативна безбедносна проценка за катна гаража зад Собрание
До вторник, зад собранието, треба целосно да се изгради катната гаража, согласно законските рокови. Во реалноста, тоа нема да се случи. Има една голема дупка, кутнати се преостанатите исушени дрвја, а парцелата која е во приватна сопственост е полузаградена. Откако се смени собранискиот состав и почнаа прашањата, министерството за внатрешни работи (МВР) одговори дека катната гаража е безбедносен ризик и не даде позитивно мислење, пишува Телма.
„Организациските единици на МВР и други институции кои се засегнати со ова прашање, одржаа работен состанок и утврдија дека евентуалната изградба на катна гаража во непосредна близина на Собранието на РСМ и Домот на АРМ би претставувала безбедносен ризик и не е исклучена можноста од постоење на импликации во однос на секојдневното функционирање на виталните објекти. Согласно тоа, МВР, имајќи ја предвид безбедноста на објектот Собрание на РСМ кој е од витално значење, не е во можност да заземе позитивен став по однос на изградбата на катната гаража во непосредна близина на Собранието на РСМ“, се вели во одговорот на МВР.
Истиот одговор на МВР веќе го објави и самопрашај.мк. Но, според сознанија на Телма, уште во 2008-та, МВР дало спротивставено и позитивно мислење, односно дека катната гаража во дворот на собранието не е безбедносен ризик за оваа витална институција. Во тоа време задолжена за безбедносни проценки беше Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), раководена од Сашо Мијалков. УБК, пак, беше во состав на МВР, раководено од Гордана Јанкулоска. Засега нема објаснување зошто МВР двапати во рок од 16 години дало различно мислење за влијанието на катната гаража врз безбедносниот периметар на Собранието.
Позитивното мислење на МВР тогаш предизвика државната парцела да биде продадена на приватна фирма која требаше да изгради катна гаража, а општината да донесе ДУП за Мал ринг во кој е предвидена и катната гаража. Одобрението за градба е издадено во 2014-та, па беше поништено, но Управниот суд го врати во правна сила. Сега кога рокот истекува, се бара начин како да се обесштети приватната фирма и да се заштити Собранието. Ќе има состаноци кај спикерот Гаши на таа тема, иако Собранието нема никакви надлежности за туѓите грешки и пропусти кои, пак, премиерот Мицкоски ги лоцира пред 12 години.
Но, во целата игра, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски се појавува во двојна улога. Сега раководи со МВР кое ја донесе негативната безбедносна проценка, а пред три години бил адвокат на фирмта „Анго“ која преку Управниот суд успеа да го врати одобрението за градба во правна сила, откако Општина Центар првично го поништи. Од МВР одговорија дека Тошковски не учествувал во носењето на негативното мислење за катната гаража и поради сегашната функција „не е во можност да споделува став околу предметниот случај поради конфликт на интереси.“
Извор: ТЕЛМА ТВ
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
ТВ Телма: Панче vs Тошковски – Додека…
До вторник, зад собранието, треба целосно да…
Денеска во Собрание се расправа за интерпелацијата…
Интерпелацијата на претседателот на Собранието Африм Гаши…
БРУКА ВО МВР: Поради Наим Рамука и…
Никој не го „гиба“ Африм Гаши, ниту…
Го осудиле за фалсификат диплома, ДПМНЕ го…
Владата се чини дека „не знае кај…
Во Собранието ќе има „глува соба“ за…
Заштитената соба односно т.н „глува соба“ во…