Текстилен отпад од цела Македонија ќе се гори во Цементарницата „Титан-Усје“ во Скопје, скопјани, „ако не мораат нека не дишат“?
Текстилен отпад од цела Македонија ќе се гори во Цементарницата „Титан-Усје“ во Скопје, скопјани, „ако не мораат нека не дишат“?
„Усје не уби со горењето на сецкана гума, ни фали уште текстилен отпад да се гори“ – Марјан Ненов, еко-активист.
„Горење на отпад како алтернативно гориво е светски призната практика“ – Цементарница „Титан-Усје“
Во просек, во Македонија годишно се произведува околу 9.000 тони текстилен отпад. За оние кои не се упатени во работата на македонската текстилна индустрија, најголем дел од компаниите од Македонија соработуваат со странски компании кои им даваат работа, истите им ги даваат сите потребни материјали, текстил, копчиња, конец, апсолутно се. При изработката на продуктите остануваат остатоци, кои не можат да се употребат, ситни парчиња, оштетени делови и слично, кои се нарекуваат текстилен отпад. Исто како и материјалите кои ги добиваат, компаниите мораат точно да наведат колкава количина на текстилен отпад произведуваат.
Досега текстилниот отпад беше преземан од страна на комуналните претпријатија кои го затрупуваа од причина што горењето на текстил е опасно, би можело да се каже и токсично доколку се земе предвид какви хемикалии содржи текстилот.
Сопственици на текстилни компании и читатели на Инфомакс алармираа дека Цементарницата „Титан-Усје“ со почеток до 1 јануари 2024 година добива ексклузувитет во справувањето со царинскиот текстилен отпад од Македонија.
Како што велат нашите читатели, Министерството за животна средина им има дадено забрана на комуналните претпријатија од општините да го собираат текстилниот отпад и покрај тоа што истите можат да го обавуваат ова.
Како што вели сопственик на текстилна компанија, секоја фабрика сега ќе треба да му плаќа на Усје околу 20 евра за еден тон отпад, а Усје подоцна истиот ќе го гори и ќе го користи како алтернативно возило. Секако, додаваат сопствениците на текстилни компании, отпадот треба да се транспортира со специјални возила, што секако ги има Усје.
„Добра зделка, целото ѓубре од цела Македонија ќе ви дојде во Сокпје како загадување“, велат сопственици на текстилни компании.
Одговори за ова побаравме од Министерството за животна средина и просторно планирање пред седум дена, дали, кој и зошто има дадено таков ексклузивитет на Усје, но одговор не добивме ниту на нашите прашања поставени на мејл, ниту некој ни се јави на телефонот за контакт во кабинетот на министерката Шукова.
Од Цементарницата Усје за Инфомакс велат дека користењето на отпад и преработки од отпад како алтернативно гориво е светски потврдена пракса која се применува и во САД и во ЕУ.
– Користењето на отпад и преработки од отпад како алтернативно гориво во цементната индустрија е светски потврдена праска коjа се применува повеќе од 50 години во Европската Унија и во САД. Во моментот во Европската Унија во цементната индустрија над 40% од енергенсите што се користат доаѓаат од алтернативни горива кои потекнуваат од отпад. Имено печките во цементарниците работат на температура од над 1450 степени, каде има целосно согорување и овој процес е целосно безбеден за животната и работната средина и за пошироката заедница.
Цементарница Усје има дозва за користење на алтернативни горива од 2013 година, а оваа дозвола се однесува на користење на неопасни фракции од отпад, како што се лушпи од ориз, кафе, текстил, хартија, картон, пластика и композитни материјали. Со користење на алтернативни горива, започнавме во 2018 година, со увоз на приготвен РДФ од преработени фракции на неопасен комунален отпад од Италија, кој се користи во сите земји од Унијата. По промената на Законот за управување со отпад во 2020 година, со што беше забранет увоз, се користи само моно фракции од отпад од домашно потекло. Во моментот се користат, лушпи од ориз, кафе,текстил,хартија, картон и композитни материјали. Сега вкупниот процент на замена на енергенсите со алтернативни горива е помалку од 5% на годишно ниво. Во Цементарница Усје постојано се врши континуиран мониторинг на емисиите во воздухот и мерењата од страна на акредитирани независни лаборатории, покажуваат дека нема никакви отстапки во емисиите кога се користат алтернативни горива. Сите податоци од мерењата се јавно достапни и редовно се испраќаат до медиумите и до сите надлежни институции, како и до невладиниот сектор, а истите можат да се најдат и на интернет страната на компанијата www.usje.mk, велат од Цементарницата „Титан-Усје“.
Еко-активистот Марјан Ненов во кратка изјава за Инфомакс вели дека горењето на текстилен отпад дефинитивно е штетно и дека тој веднаш би ја затворил Цементарницата Титан-Усје.
– Дефинитивно е штетно горење на текститен отпад, не треба да се дозволи горење на текстилен отпад, Исје нѐ уби сите нас во Скопје со горењето на сецкана гума, Усје беше еден од иницијаторите за носење на РДС, сецкана пластика во бали која којзнае со што е полна. Еден од начините со кои индустријата се ослободува од токсични материи е складирање на тие материи во пелети, во такви бали, и се сомневам дека некој ќе се ослбодува од токсични материи на овој начин. Текстичната индустрија не смее да го дава својот отпад за горење во Усје, вели Ненов кој смета дека главни виновници за ова што се случува се политичките партии кои се финансираат од вакви компании, па им прогледуваат низ прсти.
– Политичките партии и нивните лидери се финансираат од вакви индустрии што загадуваат, затоа нѐ убива ова, нивното евтино гориво не убива сите нас, јас би ја затворил Усје одма!
Во Усје не се мерат сите точки на испуст, тоа ни го кажаа поранешни вработени. Ако сакате да се преполови загадувањето, вратете ја Ана Петровска назад во државен инспекторат, сѐ после нејзе е полошо. Намерно ја сменија, затоа што не можат да профитираат од евтиното гориво на овие индустрии.
Верувајте камиони со сецкани гуми одат во Усје, луѓе пријавувале во полиција и не се реагира, дозволено му е се, петрол кокс, РДФ, сега и текстил, вели Ненов за Инфомакс.
Цементарницата УСЈЕ е посочена како еден од главните загадувачи на Скопје, меѓутоа таа тема од некоја причина (позната причина) не е тема на новинарски текстови, можеби затоа што многу медиуми се финансирани од УСЈЕ?!
И додека многу медиуми молчат, социјалните мрежи вријат, а на Твитер се појави фотографија од УСЈЕ и загадувањето кое го предизвикува.
– Гледате ли кој загадува еве и нацртано според движење и распрснување после со ветерот. Јас не знам зошто сите ќутиме а они полека не убиваат…. секако и граѓаните што немаат за греење под итно да им се помогне за да не горат се и сешто!!!! И секако строги казни и контроли, пишува во објавата на Твитер.
Инфомакс во јануари годинава детално пишуваше на темава, откако градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска поднесе кривична пријава против Цементарницата Усје по три членови од Кривичниот Законик ( чл. 218 – Загадување на животната средина и природата, чл. 230 – Загрозување на животната средина и природата со отпад и чл. 234 – Тешки дела против животната средина и природата).
Пече на очи, пече на грло, се гушиме, не може да се дише…
Вака жителите на Скопје, на Кисела Вода, особено во близина на Цементарницата ТИТАН УСЈЕ зборуваа тогаш, а зборуваат и сега за загадувањето и последиците од истото. Ова се најчестите симптоми кои сите ги чувствуваме и ни се добро познати, посебно во деновите кога мерните станици покажуваат неколкукратно, честопати и повеќе од десетпати поголемо загадување од дозволеното.
Тажно и страшно е што овие симптоми иако се најчести, можеби се најмалку страшни…
Зошто УСЈЕ ги труе скопјани?
Дека Цементарница Усје ги труе скопјани, утврди и министерството за животна средина и простоно планирање по извршените вонредни мерења на квалитетот на воздухот во околината на цементарницата, на иницијатива на Градот Скопје.
Извештајот утврди дека кај котелот од Котларата за загревање на просториите каде како енергенс се користи мазут, утврдено е дека има надминување на ГВЕ за параметарот азотни оксиди NOx и од дозволената ГВЕ-350 резултатот е 711,9 милиграми/метар кубен.
Поради утврден прекршок од III категорија согласно член 212-ж став (1) точка 3 и став (2)од Законот за животната средина започната е постапка за спогодување. Постапката ќе ја води Комисијата за спогодување при МЖСПП, во спротивно доколу не се прифати постапката за спогодување ќе се покрене судска постапка. За сторениот прекршок Глобата за големи трговци изнесува180.000-200.000 евра во денарска противвредност за правното лице и 10.000 евра во денарска противвредност за одговорното лице.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, на вонредна прес-конференција откри дека инспекторите од Град Скопје со државниот инспекторат при МЖСПП забележале сериозни прекршувања кои што се спротивни на еколошката дозвола издадена од Министерството.
-За загадувањето од котларата за загревање на цементарницата утврдено е дека има надминување на граничните вредности на азотните оксиди при што е покажано двојно поголеми вредности од дозволените 350 милиграми на метар кубен. Како градоначалник презедов иницијатива за покренување на кривична постапка против Цементарницата „Титан УСЈЕ“ за непридржување на прописите за заштита и унапредување на животната средина, кажа Арсовска.
А која е ЦЕНАТА што ја плаќаме?
На почетокот споменавме дека гушење и кашлање како најчести симптои воопшто не се најстрашни, многу пострашни се тие за кои никој не разговара.
Која е цената што сите ја плаќаме за загадувачите да се богатат ја прашавме Доцент Д-р. Мирјана Димовска од Институтот за јавно здравје на Република Македонија.
– Нашето население воглавно се плаши од краткорочни изложености на загаден воздух, нормално дека во тие услови прво реаираат најчувствителните групи на населението, хронично болните, малите деца, бремените жени, старите лица или оние кои работат професионално изложени надвор на тие високи концентрации на високо загадување, воглавно со ПМ честички, објаснува Димовска.
– Мозокот и централниот нервен систем и те како е афектиран уште во утробата на мајката на детето, така да последиците се видливи некаде после првата година кога детето заостанува во развојот, во смисла се почеста појава и зголемена стапка на аутизам, некое нарушување од аутистичниот спектар или пак во покасната возраст кога детето има интеракција со надворешната средина, појава на АДХД синдромот, односно синдром во кој доминира недостаток на внимание, објаснува докторката.
– Утробата на мајката наместо да биде најбезбедното место на светот за тоа се уште неродено дете, за жал не претставува така безбедно место затоа што зборуваме за лебдечки честички кои имаат многу јак воспалителен и оксидационен потенцијал, рече Димовска.
Докторката објасни дека децата родени од мајки кои за време на бременоста живееле во загадени средини може да се родат со понизок коефициент на интелигенција од нивните врсници од незагадените средини. Тој недостаток веројатно нема да може да се надокнади ниту во понатамошниот раст и развој на детето, особено не ако повторно е изложено на високо загадување…
И да, кашлањето очигледно не е најстрашниот проблем кој го предизвикува загадувањето, многу пострашно е што предвреме ги осакатуваме идните генерации…
Ќе им застане ли некој на патот на олигарсите кои не трујат?
Арсовска во јануари поднесе кривична пријава но никој не постапи по пријавата, загадувачот помина само со прекршочна пријава и глоба која секако е исплатливо да ја плати, кога за неколку дена труење на скопјани ќе заработи десетина пати повеќе од платената глоба.
ОЈО не се охрабри да постапи и покрај притисокот од јавноста кој бараше да се стави крај на печалбата од загадување. Дополнително, УСЈЕ си го откупи гревот со донации во општините Аеродром и Кисела Вода, со што си купи и мир во полиитчката партија ВМРО-ДПМНЕ која не само што не бараше санкција за загадувачот, напротив, преку медиумите блиски до Централниот штаб се ширеше одбраната на УСЈЕ.
Советниците на ВМРО-ДПМНЕ во Градот Скопје тогаш во неколку наврати не гласаа за поставување на мерни станици околу УСЈЕ, со изговор дека Општината Кисела Вода ќе постави такви, но некакво поместување во оваа насока нема. Па како би се охрабриле да тргнат против “донаторот”?
Некој ќе се богати, друг ќе умира, никој не реагира, дури некој и саботира.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Тешка кражба во Скопје
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против…
(Видео) ЕКСКЛУЗИВНИ ДЕТАЛИ ЗА СКАНДАЛОТ НА СКОПСКИОТ…
Во вечерашната вонредна епизода на „Тешки муабети“…
(Видео) Андов: Ќе тужам за незаконското разрешување…
Ќе тужам поради незаконското разрешување од позицијата,…
Се намалува цената на парното во Скопје
Од први август скопјани ќе плаќаат пониска…
Денеска ќе знаеме колку ќе поскапи парното…
Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) денеска на…