Утре стартува новиот систем за влез во ЕУ, се очекуваат подолги задржувања на границите
Од утре стартува ЕЕС системот на Европската Унија за биометриска проверка на патници при влез во Шенген-зоната, со што значително се менуваат правилата на граничните премини. Со новиот систем, на надворешните граници на Европската Унија се воведува нов, дигитализиран начин на евиденција и контрола на државјани кои патуваат за краткорочен престој, а се од држави кои не се членки на ЕУ, вклучувајќи ја и Македонија.
Тоа значи дека ако утре патувате во земја од Европската Унија, на граничниот премин ќе ви земат отпечаток од прст и ќе ве фотографираат при првиот влез. Ова значи дека при прв влез во ЕУ, граѓаните ќе мора да поминат низ процес на регистрација, кој може да потрае подолго од вообичаеното. При следните патувања ќе се користи автоматско препознавање. Дополнително, ќе се евидентираат сите влезови и излези од ЕУ, со цел подобра контрола и откривање на злоупотреби, вклучително и лажни идентитети.
Иако системот има цел да ја зголеми ефикасноста, реалноста е дека во почетната фаза може да дојде до подолги задржувања на граничните премини. Особено во првите недели од целосната имплементација, кога ќе се врши масовна регистрација на патниците.
Според податоците на Европската комисија, досега во системот се регистрирани околу 45 милиони патници. Првичните резултати покажуваат дека повеќе од 24.000 лица биле одбиени на границите поради неисполнување на условите за влез, додека над 600 лица биле идентификувани како безбедносен ризик.
Новите правила ќе влијаат и на времето на чекање на граничните премини. Се очекува задржување од две до пет минути по патник, бидејќи во одредени случаи ќе се бара излегување од возилата за спроведување на проверките. Сепак, граничните служби ќе имаат можност привремено да ги суспендираат биометриските проверки во периоди на големи гужви, особено во туристичката сезона.
Доколку чекањето на границите надмине три часа, службениците ќе можат да се вратат на класични пасошки контроли, како што беше практиката досега.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Утре стартува новиот систем за влез во…
Од утре стартува ЕЕС системот на Европската…
ЕУ го поздравува примирјето во Иран, гледа…
Високата дипломатка на ЕУ, Каја Калас, го…
Њујорк Тајмс: Извештајот за експлозиви во близина…
Пронаоѓањето експлозиви во близина на гасоводот „Турски…
Од 10 април почнува целосна имплементација на…
Министерството за внатрешни работи известува дека од…
Шефот на германската дипломатија бара укинување на…
Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул…