Филипче: Производството на струја е спуштено на историски најниско ниво, а граѓаните ќе ја плаќаат цената

t

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска остро ја нападна Владата на ВМРО-ДПМНЕ и актуелното раководство во енергетските институции, обвинувајќи ги дека за само една година ипол успеале да го доведат домашното производство на електрична енергија до најниската точка во историјата на државата. Според него, состојбата е драматична, а бројките — скандалозни.

„На ВМРО-ДПМНЕ за година ипол им успеа нешто што не го направила ниту една власт — да го спуштат производството на струја на историски најниско ниво“, изјави Филипче. Тој посочи дека секоја влада носи енергетски биланс во кој се планира годишното производство, а според билансот што го донела сегашната влада, било проектирано производство од 5.000 гигават-часови електрична енергија.

Но, според официјалните извештаи на МЕПСО и ЕЛЕМ, бројките се далеку под очекувањата. Од јануари до октомври се произведени само 2.450 гигават-часови, што значи дека и на два месеци пред крајот на годината не е реализирано ниту 50 проценти од она што било планирано. „Тоа покажува колку неспособно се менаџира енергетскиот систем,“ истакна Филипче.

Тој направи и директна споредба со претходното работење на ЕСМ. Во периодот јуни 2023 – јуни 2024, споредено со периодот јули 2024 – јули 2025, новото раководство произвело 448.330 мегават-часови помалку електрична енергија од претходната година. „Тоа е количина што одговара на половина од капацитетот на сите хидроелектрични централи во земјава. Практично, како да ги немаме хидроцентралите, како да не работеле,“ порача тој.

Намаленото производство директно го принудило државниот енергетски систем да купува струја од странство, но по многу повисоки цени од нормалните производствени трошоци. „Ако домашното производство на еден мегават-час чини 80, 85 или 90 евра, тие купувале струја за 140 евра. За тоа се потрошени 62 милиони евра народни пари,“ посочи Филипче, додавајќи дека станува збор за огромна штета предизвикана поради „неспособноста да се планира и управува со енергетските ресурси“.

Според него, граѓаните најмногу ќе го почувствуваат ударот, бидејќи веќе се извесни нови поскапувања. На новиот тендер за следната година, цената што ЕСМ ја понудило за снабдување на ЕВН за домаќинствата се зголемила од 62 на 65 евра за мегават-час. „Тоа значи само едно — нов раст на цената на струјата. А со раст на цената на струјата растат и сите други цени во државата,“ предупреди Филипче.

Тој нагласи дека владата досега не донела ниту една мерка која би ги заштитила граѓаните од растот на цените, ниту нешто што би го стабилизирало системот. Напротив, како што рече, се движи кон продлабочување на кризата: „Гледаме дека ниту една мерка не им помогна на граѓаните. Сè што прават е доцно, недоволно и без стратегија.“

Филипче предупреди дека Фондот за ПИОМ се соочува со огромен буџетски дефицит, со што во ризик е доведена одржливоста на пензискиот систем. Дупката во ПИОМ која денес изнесува една милијарда евра, како што кажа Филипче е последица на промашените политики на владата на премиерот Мицкоски.

„За само година и пол се врати оној систем на претходното владеење на ВМРО-ДПМНЕ кој што ние го затекнавме во 2017 година, кога исто така дупката во ПИОМ изнесуваше околу 50% проценти или точно 48%“, рече Филипче.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ реагираа на денешната прес-конференција на Филипче и велат дека тој не треба да се грижи за пензионерите.

„Аман Филипче не се грижи! Заборавил ли Филипче дека беше дел од владата на СДС? Владата на СДС, онаа влада која на пензионерите им даваше некоја ситна сума од околу стотина денари, а во одреден период достигнуваше 1.000 денари или илјада и нешто.

Владата предводена од другарот на Филипче, Заев, не само што не се грижеше за пензионерите, туку со сумата која им ја даваше ги понижуваше, навредуваше или што уште не“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Сметаат дека „нешто што Филипче може да направи за доброто на сите е да собере сила и да замине од СДС“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Филипче: Производството на струја е спуштено на…

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска остро…

Трамп: Воздушниот простор над и околу Венецуела…

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска порача дека…

Дете нападнато од родител на соученик

На 28.11.2025 во 20.10 часот во СВР…

Пензионерите кои се за линеарно зголемување на…

Пенизонерите кои се за линеарно зголемување на…

Владата на Мицкоски создаде хаос во пензискиот…

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната…