Фон дер Лајен: Интеграција на Западен Балкан во ЕУ, Путин не смее да победи!
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска на отворањето на 17. Бледски стратешки форум изјави дека рускиот претседател Владимир Путин не смее да ја добие војната со Украина, туку Украина, наведувајќи дека ЕУ ја поддржува интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ, од која што зависи напредокот на регионот.
Фон дер Лајен нагласи дека ЕУ ќе продолжи да ја поддржува Украина, наведувајќи дека овогодинешната тема на форумот – последиците од војната во Украина врз Европа и светот е најактуелното прашање во моментов. Таа посочува дека многу зависи од силата на демократијата, но и од капацитетот на ЕУ да ги зачува основните принципи и да се спротивстави на агресијата.
„Мораме да ги заштитиме нашите вредности и нашите пријатели. Светот внимателно го следи нашиот одговор на руската агресија. Пораката не може да биде појасна. Ако сакаме да ги зачуваме основните принципи, како што се самоопределувањето и неповредливоста на границите, Путин не може да победи во оваа војна, а Украина мора да победи. Тоа е сосема јасно”, рече таа.
Потсетувајќи дека ЕУ воведе серија „остри санкции“ против Русија, Фон дер Лајен најави нови и поголеми санкции.
„Ние го правиме тоа за Украина, го правиме за да ги зачуваме нашите европски вредности и да им покажеме на Русија и на светот дека кршењето на меѓународните правила скапо се плаќа”, рече таа.
Говорејќи за европската интеграција на Западен Балкан, претседателката на ЕК вели дека ЕУ ќе продолжи да му дава поддршка на регионот и оти чекорите што ги прават Северна Македонија и Албанија се многу важни.
„Нашите пријатели од Западен Балкан се дел од нашето европско семејство. Просперитетот на Балканот целосно зависи од интеграцијата на регионот во остатокот од Европа. Најважно е дека луѓето од Западен Балкан со големо мнозинство сакаат да се приклучат на Европската унија”, рече таа.
Таа потсети дека во изминатите неколку години има забавување на интеграцијата на земјите од Западен Балкан.
Според неа, ЕУ има стратешки интерес сите земји од Западен Балкан да го продолжат својот пат кон членство во Унијата и нагласува оти е неопходно да се забрзаат економските интеграции и да се зајакне кредибилитетот на процесот на интеграција во ЕУ.
„Стабилноста на Западен Балкан е и европска стабилност, како што и просперитетот на Западен Балкан е европски просперитет”, истакна Фон дер Лајен.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Стано за литиумот: ЕУ не би поддржала…
Европската унија нема да поддржи нешто во…
Мали: Србија е на прво место по…
Министерот за финансии на Србија, Синиша Мали…
ЕУ: Украина има законко право да се…
Портпаролот на Европската унија, Петер Стано, коментирајќи…
ЕУ исплаќа 4,2 милијарди евра финансиска помош…
Земјите од Европската унија денеска ја одобрија…
Филипче до Гир: Се сомневам во намерите…
Претседателот на СДСМ, проф. д-р Венко Филипче,…