Францускиот предлог денека во Собрание: Фон дер Лајен “ќе внимава” на пратениците
Пред пратениците во Собранието денеска ќе се најде францускиот предлог, а претходно на пленарна седница обраќање ќе има претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Претседателката на ЕК, Фон дер Лајен ќе се обрати пред Собранието, во рамки на 80-тата пленарна седница, на која како што е најавено се поканети и претставници на дипломатскиот кор. По завршување на седницата, Собранието ќе ја одржи и 81-та пленарна седница, на која пратениците ќе расправаат за Информација за содржината на Предлог преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија, предложена од страна на Претседателството на Франција со Советот на Европската Унија на 30 јуни 2022 година, по што ќе треба и да бидат усвоени заклучоци, односно насоките што ќе и бидат испорачани на Владата.
Во врска со очекувањата од денешната седница во Собранието, на чиј дневен ред е францускиот предлог, премиерот Димитар Ковачевски во интервју за МИА вчера изјави дека од пратениците очекува да размислуваат државнички, како претставници на народот, а не само на партиите.
– За одлуката во Собранието, очекувам плодна и суштинска дискусија, очекувам дека пратениците ќе бидат на ниво на задачата, која е пред нив и дека ќе размислуваат државнички и трезвено, како им доликува, како претставници на народот, а не само на политичките партии, изјави во интервју за МИА премиерот Димитар Ковачевски.
Ковачевски нагласи дека во Собранието најпрво ќе се отвори дискусија, а потоа и ќе се донесат заклучоците, со кои ќе се задолжи Владата да постапува согласно одредени принципи од кои нема да смее да отстапи, а сѐ со цел заштита на позициите, кои, како што рече, нам како држава ни се најважни во целиот овој процес.
– Во оваа насока, СДСМ прави напори да дојде до предлог заклучоци кои би биле прифатливи за сите партии, а кои ќе го отворат патот за прифаќање на предлогот и ќе овозможат отпочнување на преговорите, нагласи Ковачевски.
На прашањето зошто воопшто вакви заклучоци, доколку тие немаат влијание врз предлогот, Ковачевски вели дека заклучоците кои ќе се донесат практично ќе ја задолжат Владата во процесот на преговори да води исклучителна грижа за нашите црвени линии, односно да се обврзе на заштита на националниот идентитет и сите наши специфичности да бидат зачувани и заштитени.
– Македонскиот јазик е чист во европскиот предлог, чист. Нема никакви фусноти, дополнувања, астерикси итн. Чист македонски јазик, директно во преговарачката рамка. Унилатералните изјави, се забелешки со кои бугарската страна изјавува нешто и ние изјавуваме нешто друго. И тука се затвора таа приказна. Правно-формално, тие едностраните изјави немаат никакво влијание врз процесот. Со таа унилатерална изјава, бугарската страна, дава забелешка дека таа и само таа и ниту една друга земја членка, има поинакво мислење од она кое e наведено во официјалниот документ на Европската Унија. И тоа стои како информација, која нема никакво влијание ниту на јазикот, ниту на процесот, ниту на која било точка од преговорите понатаму, вели Ковачевски.
Премиерот нагласува дека откако Македонија ќе стане полноправна членка македонските граѓани ќе можат да се обратат до институциите на ЕУ на македонски јазик, а институциите ќе бидат должни да им одговорат, исто така, на македонски.
Претходно, пораки со поддршка беа упатени и од високи претставници на ЕУ и САД за прифаќање на францускиот предлог, меѓу кои и од германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон, додека некои беа и во Скопје, како претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел.
Холандскиот амбасадор во земјава Дирк Јан Коп, вчера во Скопје изјави дека за Европа е добро Северна Македонија да биде членка на ЕУ.
– Интересите на Холандија во Северна Македонија се многу едноставни. Сакаме просперитет и стабилност и затоа не гледаме алтернатива за Северна Македонија освен ЕУ и НАТО. Треба да бидете во НАТО и треба да бидете во ЕУ. Тоа е добро за Северна Македонија, тоа е добро за Холандија и тоа е добро за Европа, изјави Јан Коп.
Влегувањето во ЕУ, посочи Јан Коп, е процес базиран на заслуги, но не се работи само за едноставно заокружување на она што е постигнато, туку и да се дејствува и да се спроведуваат реформи. Чувство за оптимизам, според него, треба да биде тоа што Северна Македонија може да напредува многу брзо во многу поглавја од преговорите.
– Само еден пример. Кога преговорите ќе дојдат до поглавјето за тарифи и царина, земјата ќе ги помине речиси веднаш. Побрзо од очекуваното и има многу области во преговорите со ЕУ каде Северна Македонија е најдобриот ученик, споредено со останатите земји од Западен Балкан и тоа треба да биде извор на оптимизам, а не Бугарија, изјави Јан Коп.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Видео) „Вмровска“ шота за прослава на Илинден…
Со албански фолклор Собранието го одбележува најголемиот…
(Документи) Илјадници народни пари потрошени на ручеци…
Шетајте луѓе, народ плаќа. Над 17.500 евра…
(Видео) Битиќи: Во најава е „Франкенштајн економија”, …
„Наместо фискална консолидација, имаме тотална фискална деструкција.…
Хактан: Владата создава паралелни структури на извршната…
Повторно се создава паралелна власт во институциите,…
Крмов: Левица наскоро ќе поднесе интерпелација за…
Левица наскоро ќе ја поднесе интерпелацијата за…