Хелсиншкиот комитет бара Собранието одговорно да почне да си ја врши својата функција по трагедијата во Кочани

Речиси две недели откако се случи трагедијата во Кочани, Собранието продолжува да ги одложува своите седници, вклучувајќи ја и седницата за пратенички прашања. Ова, според Хелсиншкиот комитет за човекови права, е неприфатливо и неодговорно во време кога граѓаните очекуваат одговори и кога е неопходно да се анализира системот и да се договараат чекорите што Собранието треба да ги преземе.
Од Хелсиншкиот комитет потсетуваат дека Собранието не само што има законодавна функција, туку и претставничка и надзорна. Пратеничките прашања се една од основните форми на надзор над работата на Владата и другите носители на јавни функции. Собранието има механизми преку кои може да дејствува, како што се формирање на анкетни комисии за секое прашање од јавен интерес, а нивните наоди можат да доведат до утврдување на одговорност на носителите на јавни функции.
„Несфатливо е што Собранието, имајќи ги овие механизми на располагање, реши да не одржува седници. Каква е потребата од постоењето на највисокиот претставнички орган на граѓаните, кога народните избраници одлучуваат да останат неми во моменти кога им се најпотребни?“ – велат од Хелсиншкиот комитет.
Тие исто така нагласуваат дека закажувањето на седница за пратенички прашања ќе можеше да отворе простор за посуштествена дебата и ќе ја артикулираше насоката за понатамошните чекори во процесот на справување со трагедијата. Исто така, на таква седница пратениците ќе имале можност јавно да изразат сочувство за загинатите и нивните семејства.
Граѓаните, додаваат од Хелсиншкиот комитет, очекуваат дека по трагедијата, целокупниот систем, вклучително и нивните избраници, ќе придонесат за борба против корупцијата и исправување на неправилностите во општеството. Тие исто така бараат од Собранието да ги искористи сите свои механизми за зголемување на функционалноста на системот и справување со општествените девијации.
„Граѓаните од своите избраници, како и од другите носители на јавни функции, бараат системот да функционира без привилегии за никого и законите да важат за сите подеднакво“, додаваат од Комитетот.
Ситуацијата во Кочани ја поставува сериозна етичка и политичка одговорност пред Собранието, и не е време за одложување на одлуките, туку за конкретни и ефективни дејства во интерес на граѓаните и правдата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
„Кој е следен?“ на 29 март пред…
Граѓанското движење „Кој е следен?“, в сабота…
Собранието цела недела на ормор, ти народе…
Собранието цела недела на ормор, ти народе…
Општа тепачка меѓу припадници на приватно обезбедување…
Се одржува седница на Собранието на град…
10 МИЛИОНИ за авиобилети ќе троши Собранието…
Собранието ќе потроши 10 милиони денари за…
(Цел список на трошаџиите) А да го…
Вкупно 18 милиони 671 илјада 591 денар…