Чарли Чаплин, првата и најголема ѕвезда на немиот филм – светскиот крал на комедијата

t

Светски икони – мода, филм, музика, стил (19.)

Чарли Чаплин – светскиот крал на комедијата(прв дел)

Филмскиот опус на овој уметник одамна е споменик – монументален. На американската и светската кинематографија. Чаплин со смеа и комика ги забавуваше народните маси, но со неговите “бурлески“, со смејурии и пишурии, и со филмови(Големиот диктатор, Светлината на велеградот) беше и жесток критичар на девијантните општествени појави(нацизам/фашизам, корупција, криминал). Во секој поглед популарниот Шарло(“Скитникот“) беше скитник без нарушено достоинство, бездомник со префинети манири. Истовремено и господин со сопствен став – префинет благородник.

Чарли Чаплин!

И покрај тоа што многу знаеме за кариерата и животот на овој уметник, Чаплин  останува голема енигма. Енигма е и неговиот талент и неговиот живот, полн драми и интриги, но и контрадикторности. Но, доколку го цениме неговиот успех во филмската уметност тој дефинитивно е феномен, и тоа феномен во позитивна смисла на овој поим.

Сер Чарли Чаплин е првата и најголема ѕвезда на немиот филм.

Актер,  вистинска легенда на филмската уметност и врвен мајстор на филмската индустрија како режисер, сценарист, глумец и музичар. Роден е во Лондон, каде детството го поминал во бедно опкружување, сиромаштија и домови за сирачиња. Таткому бил алкохоличар кој го напуштил семејството, а мајкаму успешна актерка, но и редовен пациент на душевните санаториуми. На десет години го напуштил училиштето и се вработил во циркус како акробат и мимичар. Рано заминува во САД каде ја започнува својата актерска кариера и ја стекнал својата универзална популарност креирајќи го оригиналниот лик на сентименталниот кловн –скитник.

Така, веќе во дваесетишестата година го освои Холивуд и загосподари со него. Уште тогаш беше толку богат што можел слободно да се повлече од сцената, а дури и неговите внуци и правнуци да уживаат во благодетите од богатството што тој го спечали. Чаплин од секогаш се идентификуваше со своите ликови. Беше патетична фигура во совршена рамнотежа помеѓу комиката и поезијата. Најголем вагабунт, осамен сонувач и авантурист. Но, и мал срамежлив човек потпрен на својот бастун со кој упатуваше предизвици кон сите: и кон тие што го сакаа и обожаваа, но и кон тие што неможеа да го прифатат неговиот успех и да ја смислат големата слава што ја уживаше.

Беше понижуван, но секогаш гордо исправен. Макартни и САД неосновано го обвинуваа дека е левичар и комунист, но тој одважно и иронично одговараше дека не е комунист туку пацифист. Без разлика на проблемите во приватниот живот, тој преку неговиот алтер-его Шарло(Чарли) со својата насмевка секогаш зрачеше хуманост, гласноговорник на обичните и онеправдани луѓе, мал херој кој дејствуваше беспрекорно. На почетокот неговиот живот не бил ни малку лесен. Бил дете на сиромаштијата и гладта, но и дете на уметноста. Од мали нозе избрал да ги засмејува блиските, да глуми, имитира, пее и да изигрува смешен кловн.

Навистина, кој е Чарли Чаплин?

Голем гениј кој самиот себе се создаде од ништо, а доживеа да вечера  и дискутира со Ајнштајн  и Бернард Шо, да патува со Кокто, да поминува викенди  во викендицата на Винстон Черчил,  на своите приватни проекции ги повикувше Томас Ман и Махатма Ганди, a Марсел Пруст и Зигмунд Фројд просто го обожавале. Тоа е така бидејќи тој беше човек кој комуницираше беспрекорно, имаше нагласена смисла за хумор, но и поетичност. Сето ова се потврдува од неговата изјава дека хуморот ја поттикнува нашата смисла за преживување и ја чува нашата ментална рамнотежа, како и ставот што го застапуваше дека совршената љубов е најубава фрустрација, затоа што секогаш е повеќе од тоа што можеме да го искажеме.

Чарли Чаплин е крал на комедијата. Безвременски и бесмртен. Во многу анкети спроведени помеѓу љубителите на филмската уметност и филмските критичари од целиот свет, прогласен е за најголем актер во филмската историја. Прв успеал да го контролира целиот филмски создавачки процес. Заедно со Даглас Фербанкс, Мери Пикфорд и Д.В. Грифит го формира студиото ‘’Јунајтед артист’’, во кое заедно се грижеле за продукцијата, кастингот, режијата, пишувањето сценарија и за монтажата на филмовите во кои глумеле и самите. Така го создаде својот сопствен свет, најпрвин во филмската уметност, а потоа и пошироко во реалноста. Неговиот прекрасен, извонреден и исклучителен свет полн со смеа, забава, радост, солзи и тага, и понатаму постои и живее во луѓето кои не прекинуваат да му се воодушевуваат.

Сите го паметиме како ‘’најголемиот кловн на 20 век’’, ‘’крал на мимиката’’ и ‘’легенда на немиот филм’’. Покрај тоа што поминаа многу години од неговиот творечки зенит, но и од неговото физичко заминување од овој свет, сите ние и понатаму уживаме во ненадминатите креации што тој ги создаде на филмот, телевизијата и анимацијата. Очигледно неговиот лик сеуште е присутен во нашата меморија, а тоа сигурно ќе трае вечно.

Причината зошто со тек на времето популарноста на Чаплин воопшто не опадна, е фактот што тој не се ограничи само на слепстик комедијата како жарн, туку го отвори и патот кон драмата и хуманизмот, кои ги направи популарни кај публиката. Знаеше да каже дека животот во поединостите е трагедија, но во целина е комедија. Но, важно е и што тој го создаде и универзалниот лик Чарли – Чарли Скитникот. Лик на скитник, бездомник со отмено држење и џентлменско однесување. Чаплин беше храбар генијалец и ненадминат креативец кој успеа да ја насмее публиката така што на Скитникот му даваше манири и однесување на господин. Чаплин преку него создаде врвни ремек-дела полни со патос и дух на побуна. Но, Скитникот беше и симпатично зајадлив кон богатите и моќните луѓе, што всушност беше потсмев кон постојниот класен систем во САД и Европа. Инспирацијата за ликот на Скитникот доаѓа од неговото растење во сиромаштија. Го замислил како креативна пародија на формалните вечерни костуми, но и интересен спој на возрасен човек и дете, невиност и сериозност. Скитникот е дете на сентименталната поврзаност на Чаплин со парталите од детството, за кои немало замена со луксузот и славата што дошле подоцна.

(продолжува)

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Еден Стpaтег, една Струмичка Барбика и немopaлна…

Колумната е кратка приказна за селските и…