Објавено на:

Че Гевара: Последниот романтичар на 20 век и последниот револуционер на нашата епоха, најголем герилец во историјата

t

Портрети: Великани на светската историја(2.1.)

Че Гевара – легендарниот El Komandante

Револуционер до последен здив

Најголем герилец во историјата

Револуционерен авантурист што стана бренд

Пред да ја дораскажам мојата приказна за великанот Че, морам да објаснам една друга работа. Секогаш кога ќе заѕвони мојот мобилен телефон и кога екранот ќе засвети се појавува ликот на Че Гевара. Голем број луѓе се чудат од каде тој на апликација на екран на мојот мобилен. Им објаснувам дека Че е мој идол уште од бунтовната 1968г.

Таа година летото брв во Охрид во еден малдински камп. За забавите што ги правевме во него меѓу другото печатевме и ликови на мици. Гицката(Александар Гицов), нашиот уметник од Кочани, најпрвин ни го аплицираше Гоце Делчев, за една младинска приредба, а потоа и Че Гевара за една забава. Значи, тие се првите два лика кои јас во моите бунтовни години сум ги носел на моите маици и на моите гради. Во 1978г. во Шпанија, од излетничкото место Лорет де Мар купив црвено-црна маица со ликот на Че која ја носев дваесетина години. Во меѓувреме, редовно читав се за Че, па мислам дека не постои книга за за него што јас не сум ја купил и прочитал.

Продолжуваме со приказната за Че. Многу луѓе го имаат раскажано нивното искуство од дружбата со бунтовниот Великан. Така во затворот во Ла Паз, францускиот интелектуалец и следбеник на Че, Режис Дебре, признава дека бил во герилата на овој револуционер и дека длабоко верува во неговите идеали. Притоа додава: ‘’Еден Че е мртов. Други само што не се родиле’’.

Митот за Че веќе почна да поприма димензии на легенда. Неговите мошти, или тоа што е пронајдено, во Куба се префрлени на 12 јули 1997 година. Но, мештаните и селаните од Ваља Гранде и Индиосите од Ла Игара во Боливија и понатаму се уверени дека коските на ‘’Светиот Ернесто’’ лежат во нивната древна земја и дека никој не може да ги ископа од утробата на Андите.  И така митот за Че не се предава. Не мирува. Тој и понатаму опстојува. Митот за неговиот живот, за неговото крвничко погубување, повторно се прошири во годината кога светот чествуваше четириесет години од неговата гибел. На тој начин митот за него добива нови крила и се шири ореолот на недопирливата легенда, која и понатаму, незадржливо се провлекува низ годините, декадите, а сега веќе и вековите.

Според славата, престижот и угледот, тој беше најатрактивното знаме на кубанската револуција, но и ‘’летечки амбасадор’’ воопшто на бунтот, револуцијата и револуционерниот романтизам, во Латинска Америка и светот во целина. Не еднаш самиот велеше дека е Кубанец, но и Аргентинец, Боливијанец, Перуанец, Парагваец….Тој веруваше во револуцијата, и беше убеден дека револуцијата најпрвин ќе победи во Латинска Америка, а потоа и во светот. Се декларираше како револуционерен комунист, ама јасно беше дека догматичар не е. До коска беше убеден левичар, авантурист и романтичар, но не и анархист. Го ризикуваше својот живот, на крајот и го положи за своите убедувања и идеали. Дејствуваше онака како што мислеше, и сосема сигурно, беше доследен на своите убедувања.

Кратко и јасно кажано, беше човек со извонредна човечка  чистота. Целиот беше посветен на другите и решавањето на нивните проблеми. Со право можеме да тврдеме дека светската слава на Че не се должеше само на неговиот револуционерен потфат под Андите, ниту пак само на неговите идеи и идеологијата која ја застапуваше. Напротив. И славата и митот за El komandante се темелат на неговите идеали и на неговата саможртва, која е принесена на олтарот на тие идеали. Треба да знаеме дека Че не постана легенда како резултат на тоа што го направи, туку како последица на тоа што се обидуваше да го постигне. Тој стана легенда поради својата револуционерна борба, поради начинот на кој се бореше за своите идеали, и на крајот поради начинот на кој се жртвуваше. 

Во сето ова тој беше последниот романтичар на 20от век, а според се, и последниот револуционер на нашата епоха. Можеби неговите идеи, според стандардите на конвенционалниот прагматизам, па дури и за обичните луѓе, делуваат нестварно, дури утописки. Но, неговите идеали се светски, трајни и вон временски. Во тој контекст Габриел Гарсија Маркес, вели дека можеби се уште е рано за конечни историски оценки за личноста и митот за Че Гевара. Но, веќе сега може да се каже дека Че беше личност која во колективната меморија на епохата оставила длабок и како метеор блескав траг, кој тешко дека некогаш ќе биде избришан. Пишан траг, покрај многуте пишувачи на книги и биографии за Че, напиша и рускиот поет Јевгениј Јевтушенко. Тој во спомен на славниот El komandante, ја напиша песната ‘’Клучот на Командантот’’:

…Каде е клучот од училиштето? Селаните не одговараат. Ја чувствувам миризбата на смртта. Каде е клучот од училиштето? Селаните одговараат: Не знаеме, сењор, не знаеме…

Легендата за  Че патува низ целиот свет.  Ликот и делото на Че Гевара, во светот, а особено во Боливија, Аргентина и Куба, имаат политичка, комерцијална и митска димензија. Секој предмет со кој дојде во допир за време на својот живот, како и сите места во кои се одвиваше неговата борба, како и местото во кое беше убиен, станаа реликвии и светилишта. И тоа што не беше мистично за векот на Че Гевара, луѓето после него го обоиа со мистика и го покрија со езотерија и обожување. Кога денес ќе поминете покрај некоја улична тезга, продавница на сувенири или било кој плоштад во Париз, Лондон, Калкута, Њујорк, Токио, Шангај, Прага или Виена, ќе ви бидат достапни мајци, беџови, капи, постери и други материјали и сувенири со ликот на овој светски револуционер.

Ликот на Че најде место и во натписите на рестораните, клубовите, библиотеките и светлечките реклами покрај автопатиштата, па дури и на рамото Диего Армандо Марадона, една друга аргентинска икона на дваесетиот век. Може да се случи во Лондон да испите чај во филџан со ликот на Че, а во уметничките галерии во Париз да наидете на изложба на модерни уметници на кои Гевара им е извор на инспирација. На тој начин неговиот лик останува симбол на бунтовноста и за новите генерации, кои бесконечно го аплицираат и реплицираат како лого на маици, како графит на ѕидови, како субкултура и поп-уметност и пресликуван на обвивки на различни производи, од филџани, чаши, преку запалки и табакери, до торби, паричници и привезоци. Социологот Атила Борон, од Боливија, тврди дека Че во политичка смисла не е ‘’празна мајца’’ со неговиот лик. Можеби денес никој повеќе не се занесува со неговата идеја за покренување на ‘’револуционерно жариште’’, но неговата идеја дека вреди да се бориш и да се жртвуваш за социјална правда и за промена на светот каков што е, сеуште живее.

Доколку не постојат луѓе каков што беше Че Гевара, авантуристи, револуционерни романтичари и слободарски бонвивани, човековата душа денес би била преморена, стара и предвремено увенета. Затоа El Komandante беше Дон Кихот на 20от век, храбриот витез од Андите. Само така може да се објасне и разбере митот кој настана врз името на Че Гевара. И покрај неговиот авантуризам и војничкиот пораз на грд и не хуман начин,  тој израсна во митска фигура на едно столетие и со право е сместен покрај славните имиња на големиот Боливар и славниот Гарибалди.

Како што живееше, Че, така и умре – на донкихотовски начин. Тој, поточно умре  од природна смрт во својата 39 година од животот. Умре во револуционерната борба која беше негова, за идеалите кои ги стави пред својата министерска фотеља и пред сопствениот живот. Секоја друга смрт за него би била неприродна. Убаво пишува Андре Марло: ‘’Смртта е таа која ја одредува судбината на животот’’.

Че Гевара, во секој случај, умре на време, за да израсне во мит. Мит, кој до ден денес не се предава. Им се оттргнува на луѓето од рацете, ги збунува новинарите, истражувачите и науката, и повторно полетува преку Андите, како би могле луѓето да го бараат и среќаваат во далеките прашуми во Боливија, во кањоните на небеските Кордиљери, кои го наткрилуваат ланецот на латиноамерикански земји помеѓу Пацификот и Антлантикот. Сигурно е дека Ернесто Гевара е убиен во Боливија. Но уште по сигурно е дека Че останува и понатаму да живее. На вечно жешкото кубанско сонце, легендата за Че и понатаму живее.

(крај)

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Еден Стpaтег, една Струмичка Барбика и немopaлна…

Колумната е кратка приказна за селските и…