Ќе се доградуваат недовршените згради кај Ректоратот на УКИМ
Министерството за образование и наука најави дека двата недовршени објекти кај ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, чија изградба е запрена повеќе од една деценија, конечно ќе се доградуваат откако ќе биде избран проектант, а потоа и изведувач на градежните работи.
Од МОН информираат дека на 30 јануари завршил рокот за пријавување на тендерот за изработка на нови проекти за градба, кој беше објавен во декември. Повикот се темели на стручна анализа за состојбата на објектите и на актуелните потреби на нивните идни корисници.
Поради променетите стандарди и потреби во однос на времето кога започна изградбата во 2013 година, одлучено е двата објекта да ги користи исклучиво Факултетот за информатички технологии и компјутерско инженерство (ФИНКИ). За Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, за кој првично беше наменет едниот објект, се планира изградба на нова зграда на постојната локација.
Стручната анализа беше изработена од работна група координирана од проф. д-р Горан Марковски од Градежниот факултет, во која беа вклучени и експерти од ФЕИТ, Машинскиот и Архитектонскиот факултет, како и од Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС).
Проф. Марковски за МИА изјави дека објектите, со вкупна површина од 22.753 квадратни метри, ќе го задржат постојниот габарит и нема да добијат барокна фасада. Ќе има прераспределба на внатрешните простории, нови инсталации и модернизација, а двата објекта ќе бидат подземно и функционално поврзани, бидејќи ќе служат за еден факултет.
Анализата покажала и загрижувачка појава на силна карбонизација на бетонот, како последица на долготрајна изложеност на атмосферски влијанија и високото загадување на воздухот во тој дел од Скопје. Според Марковски, тоа е директен показател за енормно присуство на јаглерод диоксид, но конструкцијата засега е стабилна и со соодветни мерки може да се заштити од понатамошна деградација.
Динамиката на продолжување на изградбата ќе зависи од расположливите средства во државниот буџет. Се очекува проектирањето да заврши до есен, а до крајот на годината да биде распишан тендер за избор на изведувач.
Работната група ја изработи анализата бесплатно, од општествена одговорност и со цел да се обезбеди квалитетен и безбеден простор за студентите и наставниот кадар на ФИНКИ.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Ќе се доградуваат недовршените згради кај Ректоратот…
Министерството за образование и наука најави дека…
Салата на УКИМ која чинеше 2,5 милиони…
Спортската сала на УКИМ, во која државата…
Тим на ФЕИТ доби меѓународна награда за…
Студенти и истражувачи на Факултетот за електротехника…
„УКИМци за Палестина“ до МНР: Осудете ја…
Група студенти „УКИМци за Палестина“ го повикаа…
УКИМ испадна од листата најдобри 2.000 универзитети…
Државниот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ од…