Тим на ФЕИТ доби меѓународна награда за модел на вештачка интелигенција на македонски јазик
Студенти и истражувачи на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ при УКИМ) ја освоија наградата за најдобар научен труд со наслов ‘Towards Open Foundation Language Model and Corpus for Macedonian: A Low-Resource Language’ на меѓународната конференција Slavic NLP Workshop, одржана во Виена во рамките на 63-тото издание на една од најпрестижните светски конференции за обработка јазик – ACL (Association for Computational Linguistics).
Стефан Крстески, Борјан Саздов и Матеа Ташковска, под менторство на професорите Бранислав Геразов и Христијан Ѓорески, со овој труд направија значаен придонес кон дигитализацијата и технолошкиот развој на македонскиот јазик и Вештачката Интелигенција (ВИ) во Македонија. Во рамките на ова истражување беа развиени четири клучни ресурси:
• голем јазичен ВИ модел (анг. LLM) специјализиран за македонски јазик кој е најдобар во својата категорија – domestic-yak-8B;
• најголемиот јавно достапен текстуален корпус за македонски јазик;
• множество на инструкции на македонски јазик наменето за развој на големи јазични модели;
• систем за евалуација на перформансите на јазичните модели на македонски јазик
Овие ресурси се јавно достапни на веб-страницата www.lvstck.org и претставуваат прва отворена инфраструктура за развој на големи јазични модели и апликации базирани на вештачка интелигенција на македонски. Овие ресурси можат се искористат како основа за понатамошни истражувања, развој на македонски јазични алатки и нивна примена во различни сфери и апликации.
ACL е водечка глобална конференција во областа на обработка на природен јазик, со традиција од 63 години. “Slavic NLP”Workshop, која оваа година го одбележа своето десетто издание, е посветена на истражувања од областа на обработка на сите словенски јазици.
Овој успех не само што претставува меѓународно признание за македонските истражувачи, туку и чекор кон дигитална иднина во која македонскиот јазик добива поддршка и видливост во глобалниот развој на јазични технологии и вештачка интелигенција.
извор: ФЕИТ
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
УКИМ продолжува да тоне: Го нема ни…
На штотуку публикуваната листа Глобал 2000 објавена…
Јаневска најавува многу покрупна неправилност на факултетите…
Многу бргу ќе слушнеме уште една, многу…
Ќе се доградуваат недовршените згради кај Ректоратот…
Министерството за образование и наука најави дека…
Салата на УКИМ која чинеше 2,5 милиони…
Спортската сала на УКИМ, во која државата…
Тим на ФЕИТ доби меѓународна награда за…
Студенти и истражувачи на Факултетот за електротехника…