11 октомври 1941г. – Востанието како непокор и простум, Востанието како сведоштво, сеќавање, опомена и поттик

t

11 октомври 1941г. – Востанието како непокор и простум
/ Востанието како сведоштво, сеќавање, опомена и поттик /

Денес го чествуваме и славиме Денот на востанието на македонскиот народ – 81 година од антифашистичкото народно востание. Востание кое беше предвесник на славната и победоносна Народноослободителна борба на македонскиот народ. За нас востанието е сведоштво за славната и крвава македонска историја. Востанието е и сеќавање за пролеаната крв и дадените жртви за слободата. Востанието е и опомена: за недобронамерниците да ги тргнат рацете од Македонија; за нас да бидеме на штрек, за одбрана на државноста, суверенитетот и интегритетот на Македонија. Востанието е поттик, за наш простум и непокор, сега и тука.

Востанието од 11 октомври 1941г., кое прерасна во Народноослободителна борба/војна, претставува еден од најсветлите настани во историјата на Македонија. Да се потсетиме и никогаш да не заборавиме: Во Втората светска војна Македонија поново беше окупирана и поделена. Вардарска Македонија од српско потпадна под бугарско и албанско владеење. Во Егејска Македонија окупатори беа Италијанците, Германците, Бугарите и грчкиот фашистички режим. Само Пиринска Македонија остана под старата бугарска власт.

Веднаш почнаа насилствата, силувањата, грабежите и убиствата врз недолжното македонско население. Фашистичките окупатори како гладни волци се нафрлија врз се што создавал македонскиот народ низ вековите и почнаа да го крадат и носат во Бугарија, Германија и Италија. Целта беше да се ограби Македонија и да се користат нејзините богатства што ги создала природата (плодната земја, шумите, рудното богатство) и вредниот македонски народ. Основна задача на окупаторите беше осиромашување на Македонија и денационализација/асимилација/бугаризација на македонскиот народ.

Во овие валкани, срамни и не цивилизациски цели покрај војни, полициски и жандармериски бројни сили учествуваше и цела една мрежа од националистички и фашистички организации од типот на “Браник“, “Легионери“, Отец Пајсиј“, “Ратници“ и др.

Да не заборавиме: Македонија претрпе големи разорувања во оваа крвава војна. Беа дадени големи човечки жртви, уништени значајни стопански објекти, опустошени и изгорени села и градови и искрадено големо културно наследство.
Уште на самиот почеток на војната македонскиот народ одлучи да даде отпор. Изврши неопходни подготовки и дигна востание за ослободување од наведените фашистички и нацистички окупатори. Востание кое се претвори во масовен народен бунт, непокор и простум, за изборување на слобода и создавање на држава – македонска држава.

Најпрвин беа формирани три партизански одреди -Скопскиот, Прилепскиот и Кумановскиот, а подоцна, до крајот на 1941г., во Вардарска Македонија, се формираа уште девет партизански одреди. Така, во сабота, 11 октомвеи 1941г., точно во 22:00 часот Прилепскиот партизански одред изведе една поголема војничка акција, кога во Прилеп беше извршен едновремен напад брз бугарската полициска станица, врз затворот, врз телеграфско-телефонската мрежа и врз електричната централа. Овој датум и настан, го означуваат почетокот на вооруженото востание против фашистичките окупатори во Македонија. Секако, тоа важи и за судирите и борбите на Кумановскиот(Козјачкиот и Карадачкиот) и Скопскиот одред(составен од пет диверзантски групи) со бугарската полиција и војска.

Треба да се знае дека отпорот против окупаторите се изразуваше и преку многу други форми и начини, во кои учествуваа членови на КПМ, скоевци и голем број на родољуби од селата и градовите во Македонија. Сите заедно, одлучно и непоколебливо, извршуваа саботажи, диверзантски акции, правеа штрајкови, и на сите можни начини го организираа и бунтуваа македонското население на отпор и борба.

Што денес претставува тој нескршлив отпор и таа славна борба?

Востанието е сведоштво за непомирливоста, отпорот, храброста, херојството и слободарската свест на македонскиот народ. Сведоштво за неговата нескршливост и непобедливост од било кој непријател и окупатор.

Востанието е опомена за недобронамерниците, силниците, моќниците и за секој кој ќе се обиде да го погази дигнитетот, честа и достоинството на Македонците и ќе се обиде да ги понижи, првин окупирајќи ги, а потоа и обидувајќи се да ги асимилира.

Востанието е сеќавање. Сеќавање на храброста, подвизите и победите на народните херои, на носителите на партизански споменици, на сите знајни и незналјни борци, кои ги положија животите за денешната слобода. Сеќавање за болката и ненадоместливите загуби. Сеќавање на самопрегорот и саможртвата.

Востанието е и поттик за секој еден Македонец, толку колку што не има, и за тие што ќе дојдат по нас, напоени со безрезервната љубов кон Македонија, да вложуваме максимални напори за одбрана на се што е македонско – за одбрана и заштита на постигањата и придобивките на НОБ/НОВ, за одбрана на македонското достоинство, за одбрана на скапо платените слобода(национална, социјална), независност и самостојност.

Чест и слава за борците и хероите од Народното востание и НОБ.
Нека ни е честит и вековит празникот 11 октомври 1941 година.

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Македонските државјани во Србија на гласаат на…

Македонските државјани во Србија денеска гласаaт на…

Филипче: Земјоделците најмногу добиваат од членството во…

Интегрален текст од соопштение за јавност на…

Со право на глас на овие избори…

Со право на глас на овие избори…

Додик повторно во Русија: Имаме притисок, но…

Лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, повторно…