35 организации доставија Барање за организирање јавна расправа за Предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање до Министерството за транспорт и врски

t

Од еколошкото здружение “Фронт 21/42” информираат дека нивното барање, коешто е заедничко со уште 34 други невладини организации, а се однесува на Барање за организирање на јавна расправа за Предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање, е доставено до Министерството за транспорт и врски.

Во продолжение соопштението на граѓанските здруженија и текстот од барањето:

“Почитувани претставници на медиумите,

Ве информираме дека денес (01.02.2022) до Министерството за транспорт и
врски, 35 организации (невладини организации, граѓански иницијативи,
академски и научни институции) доставија заедничко Барање за јавна
расправа за Предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за
урбанистичко планирање. Со дописот, потпишаните организации изразуваат
загриженост дека дел од предложените законски измени може да
предизвикаат долгорочни штетни последици врз природата и животната
средина, како и фактот дека ваквото влијание е целосно игнорирано од
страна на изготвувачот.

Во прилог, Ви го доставуваме дописот во целост.

Со почит,
Ања Јованова
Еколошко здружение на граѓани „Фронт 21/42“” – стои во соопштението.

Ова е текстот од Барањето:

“До:
Министерство за транспорт и врски
Одговорно лице за контакт
Ана Ѓорѓиоска

Предмет: Барање за организирање на јавна расправа за Предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање

Почитувани,

Ние, долупотпишаните организации, Ви се обраќаме во врска со Предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање, за кој рокот за прикачување коментари на ЕНЕР измина на 25.01.2022 година, без да се спроведе законски обврзната јавна расправа.

Имајќи предвид дека урбанизацијата несомнено има влијание врз животната средина и природата, за донесување на овој Предлог Закон важат прописите од областа на животната средина, односно:
 Закон за животната средина – член 61 став (4), кој упатува на Уредбата за учество на јавноста во текот на изработката на прописи и други акти, како и планови и програми од областа на животната средина (во понатамошниот текст: Уредба за учество на јавноста):

Член 6
Органот за изработката на пропис и/или плански документ треба да обезбеди услови за учество на засегнатата јавност со одржување на најмалку една јавна расправа и да го стави нацрт прописот и нацрт планскиот документ на јавен увид и на својата веб страна.
Јавниот увид може да трае најмалку 30 дена.

Јавната расправа се одржува најмалку 15 дена од денот на ставањето на прописот и/или планскиот документ на јавен увид, а најдоцна пет дена пред денот на истекувањето на рокот за јавниот увид, од ставот 2 од овој член.

Конвенција за пристап до информации, учество на јавноста во одлучувањето и пристап до правда за прашања поврзани со животната средина (во понатамошниот текст: Архуска Конвенција):
Член 6 став (2) точка (г) под-точка (iii): „Засегнатата јавност ќе биде информирана, со јавно известување или поединечно (како што е посоодветно), на почетокот од процедурата на одлучувањето по прашањата на полето на животната средина, и на адекватен, навремен и ефикасен начин, меѓу останатото и за:

Предвидената процедура, вклучувајќи го и, доколку и кога овие информации можат да се обезбедат, следново: (iii) Времето и местото на одржување на предвиденото јавно сослушување;“

Став (8): „Секоја Страна ќе се погрижи во одлуката соодветно да се земе предвид резултатот од учеството на јавноста“;

Член 8: „Секоја Страна ќе настојува да го унапредува активното учество на јавноста во соодветна фаза, и додека опциите се уште се отворени, во текот на изготвувањето од страна на јавните власти, на извршните одредби и на останатите општо важечки правно обврзувачки правила, што можат да имаат битно влијание врз животната средина. За таа цел, ќе треба да се преземат следниве мерки:

(а) Ќе треба да се фиксираат динамиките и роковите што ќе бидат доволни за ефикасно учество;

(б) Нацрт-правилата ќе треба да се објават или некој друг начин да се направат јавно расположливи;
и
(в) На јавноста ќе треба да и се даде можност да коментира, непосредно или преку репрезентативните консултативни тела.

Резултатот од учеството на јавноста ќе се земе предвид што е можно повеќе“.

Дел од предложените законски измени длабоко нè загрижуваат и сметаме дека може да предизвикаат долгорочни штетни последици по природата и животната средина.

Исто така, сметаме дека констатацијата во Нацрт Извештајот за ПВР дека Законот нема да има никакво влијание врз животната средина е недозволив пропуст на изготвувачот.

Со предложените измени:

Урбанизацијата се дефинира сама по себе како дејност од јавен интерес. Оваа интервенција има потенцијал да направи пустош во нашата природа. На пример, Законот за шуми забранува копачење и трајна пренамена на шумите, освен под одредени услови, меѓу кои е и спроведување на дејности од јавен интерес.

Со актуелниот закон не може да се уништи некоја шума за да се спроведе план/проект за урбанизација, со предложените измени се отвара оваа врата;

Се овозможува реализација на донесените и започнатите општи акти за села, што исклучува спроведување на стратегиска проценка на влијанието врз животната средина. Во пракса, се овозможува урбанизација на селата во заштитените подрачја, без да се процени нејзиното влијание врз природата и животната средина и без да се информира и вклучи јавноста во ваквата проценка. Меѓу селата за кои се усвоени/започнати општи акти се и село Скудриње во НП Маврово; селата Лагадин, Љубаништа и Елшани во Светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион; итн.;

Се дава можност земјоделското, шумското и крајбрежното земјиште во области вон населени места и вон плански опфати да се третира како градежно по автоматизам, без да се спроведе процес на пренамена регулиран со специфичните закони за различните типови на земјиште;

Се ускратува и оневозможува жалбениот механизам при одобрување на планските програми за урбанистичките планови, како и при одобрување на урбанистички проекти – наместо со решение (како поединечен акт) предвидено е овие програми и проекти да се одобруваат со потврда за заверка.

3
Поаѓајќи од сето ова, сметаме дека е недозволиво и противзаконски ваквите измени да се усвојат без јавна дебата и врз основа на член 6 од Уредбата за учество на јавноста; член 6 и 8 од Архуската Конвенција БАРАМЕ организирање на најмалку една јавна расправа и овозможување дополнителни 10 дена по расправата за доставување коментари од страна на јавноста.

Со почит,
1. Еколошко здружение на граѓани „Фронт 21/42“
2. Институт за комуникациски студии
3. АРТ ПОИНТ – ГУМНО
4. Геосфера-Битола
5. Рурална Коалиција
6. Здружение за ромско-турско пријателство РОМСКО ЈАТО БИТОЛА
7. Гоу Грин Скопје
8. Го Сакам Водно
9. ЕКО ЛОГИК
10. Национален Ромски Центар
11. Еко Герила
12. Граѓанска иницијатива Охрид SOS
13. Асоцијација за демократски иницијативи АДИ
14. ЕКОЗВОН, Скопје
15. Зелен институт
16. О2 Иницијатива
17. Здрава Котлина Струмица
18. Наша Добра Земја
19. Ековита Неготино
20. Македонско еколошко друштво
21. Е.Д.Е.Н.
22. ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД
23. Градежен Институт Македонија
24. ЦЕД ФЛОРОЗОН
25. Еко-свест
26. Македонско здружение на млади правници
27. Факултет за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем” (ХЕФ)
28. Грин.орг Кочани
29. ЕД Планетум
30. Центар за управување со знаење
31. Центар за правни истражувања и анализи
32. Младински културен центар – Битола
33. НаТочак
34. Центар за истражување и креирање политики ЦИКП
35. Еколошко друштво Вила Зора

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ДУИ му помогна на Мицкоски за двотретинско…

Со 88 гласа “за” пред 3 часот…

Снопче бара од СДСМ и Европскиот фронт…

Пратеникот Халил Снопче од коалицијата ВЛЕН денеска…

Орбан со закон ќе ги контролира странските…

Унгарската владејачка партија Фидес планира да поднесе…

Јовески се правда: Обвинителството не е консултирано…

Владата во постапката за донесување закони, а…

Стопанската комора најави дека ќе го оспори…

Носењето на Законот за данок на солидарност…