80 ГОДИНИ ОД ПОЧЕТОКОТ НА ГРАЃАНСКАТА ВОЈНА ВО ГРЦИЈА
Додека светот уште ги лечел тешките рани од Втората светска војна, во срцето на Европа, на Балканот, се подготвувал нов конфликт кој се заканувал да направи големо воено жариште што би ги надминало регионалните граници. Копјата се кршеле меѓу две идеологии: комунизмот и десничарската политичка доктрина зад кои стоеле двата големи светски блокови кои ги предводеле СССР, од една страна и САД и Велика Британија, од друга страна. Зад тој голем параван на судирот на големите светски сили, се криело наизглед едно затворено прашање кое само чекало искра за да го распали балканскиот оган: Македонското прашање! Фактот на постоењето на федерална Македонија како дел од новата југословенска федерација ги подгревал надежите на Македонците во соседните држави дека можеби е дојден историскиот момент за обединување на сите Македонци во рамките на една држава. На такво решение се надевале и поголем дел од Македонците во Егејскиот дел на Македонија кој по Втората светска војна останал во границите на грчката држава.
И ако светот се радувал на првите години на мир, за Македонците во Егејска Македонија, војната не била завршена и во 1945 година сеуште македонски партизани се движеле низ планинските масиви во Северниот дел на Грција, бранејќи ги македонските села од нападите на разни грчки паравоени формации кои се обидувале да извршат етничко чистење во овој дел на државата. Кризата уште повеќе се разгорела и со истоварувањето на британската војска на грчка територија и помошта што и ја дала на грчката владина војска против герилските воени единици на ЕЛАС со цел воспоставување на контрола на целата територија на Грција. Состојбите во Грција ескалирале и после неколкуте вооружени судири во близината на Атина и Солун, резултатот бил склучувањето на Договорот во Варкиза во февруари 1945 година, со што државата не се стабилизирала, туку се создале предуслови за воени дејствија. Речиси една година траеле подготовките за воена разрешница помеѓу двете спротивставени страни во Грција. Раководството на КПГ тактизирало и преземало мерки како некоја „златна средина“ помеѓу политички чекори и заканата од воени дејствија ако не се решат непријателствата со грчката десничарска влада. За тоа време, македонското национално ослободително движење во Егејскиот дел на Македонија, определено за соработка со грчките комунисти, веќе имало борбени дејствија во овој дел на државата: Костурско, Леринско, Воденско, Мегленско и Ениџевардарско.
Во вакви услови Грција ја дочекала 1946 година. Никој не претпоставувал дека токму 31 март 1946 година, денот на одржувањето на изборите, ќе биде и почетокот на Граѓанската војна во Грција. Додека траело гласањето нападот на една партизанска чета врз жандармериската станица во селото Литохоро на планината Олимп го означил и официјалниот почеток на војната во Грција. И покрај големиот процент на апстиненција на гласачите, на овие избори најмногу пратеници освоила Популистичката партија, а формирањето на новата грчка влада само го зголемило јазот помеѓу левицата и десницата кои веќе од 31 март 1946 година и официјално се наоѓале во војна. И за Македонците од Егејскиот дел на Македонија, тој датум и година, пред точно 80 години имал судбоносно значење за нивниот понатамошен статус на овој дел од Балканот. Маневарскиот простор на Егејските Македонци бил многу мал и не постоел голем избор. Грчките десничарски партии не признавале македонско прашање во било каква форма, единствено КПГ покажувала одредено разбирање кон него, тактизирајќи со политичката програма, од признавање на правото на самоопределување и посебна македонска држава- до малцински права на „Славомакедонците“ во постојните граници на Грција. Променливиот однос на грчкото комунистичко раководство и посебно на генералниот секретар на Партијата, Никос Захаријадис, немал некакво силно и пресудно влијание врз Македонците на која страна ќе се определат во војната.
Да, навистина помеѓу локалните Македонци имало и голем број членови на КПГ, но во редовите на герилското, партизанско движење во таа 1946-та година се вклучувале и такви кои не биле идеолошки определени комунисти и биле само национално ориентирани и посветени на идејата за одбрана на родните места или ако се создадат услови овој дел од Македонија да се присоедини кон матичната македонска држава што веќе функционирала како федерална југословенска република. Можеби загрозеноста на македонскиот опстој во Егејска Македонија била и клучна да не се создаде некаков подлабок идеолошки раскол помеѓу тамошните Македонци и тоа да биде услов тие масовно да се вклучат во Граѓанската војна на страна на левичарските воено- политички сили. Впрочем, уште пред да се создадат воено- политичките тела од грчка левичарска провиниенција, Македонците веќе во 1946 година војната ја дочекале со формирани автохтони политички организации и воени одреди со македонски национални обележја. Веќе една година, од април 1945 година била активна и на теренот во Егејска Македонија дејствувала организацијата Народно ослободителен фронт (НОФ), а низ планинските предели агитирале и го вооружувале локалното македонско население, само во 1946 година- околу 700 македонски партизани. Националната свест на Македонците била на едно високо ниво, целите биле јасно поставени, а самото означување на НОФ како втората македонска ВМРО ја покажувала цврстата македонска национална платформа на македонските воено- политички раководители. Тоа е доказ дека 31 март 1946 година не ги затекнал Македонците во овој дел на Македонија. Македонските воено- политички раководители: Паскал Митровски, Михаил Керамитчиев, Џоџо Урдов, Павле Раковски, Евдокија Балева- Вера и другите биле комунисти по политичка определба, но биле и национално определени. Тие како раководители на НОФ биле свесни за колебливоста на Захаријадис, но исто така ја препознале принципиелноста на генералот Маркос Вафијадис, легендарниот командант на Демократската армија на Грција (ДАГ) кој имал искрен однос кон македонското прашање и затоа му дале полна поддршка од името на Егејските Македонци кога се формирала оваа левичарска борбена формација. Огромната поддршка на ДАГ се гледала на теренот во Егејска Македонија во првата година на Граѓанската војна со самиот факт што во близина на населените места со жители од македонска националност се создале и првите мали слободни територии каде биле формирани и првите органи на власт во кои учествувале и Македонци по националност. Македонските села под Кајмакчалан, селата под планинските височини на Костурско и Леринско им дале засолништа не само на борците на самостојните македонски партизански одреди, туку и на единиците на ДАГ каде доминантни биле Грци по националност. Не, кај македонските селани не постоела омраза или шовинистички чувства, иако претрпеле големи злосторства од воени единици кои го зборувале грчкиот јазик.
Напротив, тие ги снабдувале со храна, облека и лекови подеднакво и грчките партизани. Податоците на теренот покажувале дека имало случаи кај поединци Грци, борци на ДАГ кои имале негаторски однос кон Македонците, слично на припадниците на десничарските политички партии. За среќа, тоа не прераснало во официјална политика на ДАГ и КПГ. Но, дека стравот од грчките андартски колежи не бил толку дамнешно минато за Егејска Македонија, потсетил случајот со македонската партизанка Мирка Гинова, членка на АФЖ која во летото 1946 година била сурово ликвидирана од страна на грчката владина војска. Начинот на измачувањето и убиството на Мирка Гинова од страна на грчката војска наликувал на свирепите егзекуции на македонските комити што на почетокот на XX век го вршеле грчките андарти кои во името на т.н. „македонска борба“ ги отсекувале главите на македонските борци за слобода и по примерот на средновековната инквизиција, јавно ги покажувале за да го заплашат македонскиот народ. Новите „македономахи“- грчката владина војска, ги доусовршиле методите на своите претходници и пред да ја усмртат Мирка Гинова стрелале во близина на нејзината глава за да ја зголемат нејзината мака и страдање. Но, херојската смрт на македонската партизанка не оставила рамнодушен еден од грчките војници кој тајно испратил писмо до родителите на Гинова, во кое ја опишал нејзината смрт и го воздигнал нејзиното смело држење. Мирка Гинова со тој чин си обезбедила место во пантеонот на бесмртните македонски маченици- борци за слободата на Македонија, народот од тие краишта ја опеал нејзината смрт и со тоа дал придонес за поголема масовност на Македонците во редовите на партизанските единици и ДАГ. Септември 1946 година донел уште една потврда дека Граѓанската војна во Грција само што започнала.
На 1 септември, на денот на референдумот распишан за карактерот на државното уредување на Грција, победила концепцијата за враќање на монархијата и Кралот, со што биле закопани надежите на демократската јавност за републиканска форма на управа на земјата. Во контекст на јакнењето на антивладиниот отпор во ноември 1946 година бил постигнат договор помеѓу раководството на НОФ и КПГ со што оваа македонска организација со нејзиното членство се претопила во редовите на грчката комунистичка партија и нејзините придружни воени и политички организации и со тоа ја изгубила својата независност, а се со цел засилување на заедничката борба против грчката владина војска и странските воени сили што ја помагале. Дали македонските воено- политички раководители направиле грешка, тешко е да се каже од перспектива на денешната временска дистанца.
Како историска наука и толкувачи на историските настани не треба да им судиме на актерите на тој чин, туку треба да го опишеме историското време и условите во таа судбоносна 1946 година. Во врска со ова се поставува прашањето, дали можело поинаку да се постапи и дејствува? Во тие тешки времиња единствен внатрешен сојузник на Македонците во Егејска Македонија им биле грчките комунисти, додека помошта од надвор до 1948 година доаѓала само од соседна Југославија, во македонскиот дел од границата. И покрај сите овие околности, може да се заклучи дека 1946 година била успешна за борбата и афирмацијата на правата на Егејските Македонци. Македонското национално ослободително движење се наоѓало во подем, а ентузијазмот, волјата и моралот на Македонците бил на високо ниво. Решеноста да се бранат родните огништа и дедовината што Македонците ја имале со векови, не отстапувала пред теророт, притисоците и обидите на тогашна официјална Атина. Тоа ги вбројува Македонците од Егејска Македонија во семејството на слободољубиви, горди и непокорни народи. Исто како и нивните браќа и сонародници во Народна Република Македонија во таа 1946 година.
По 80 поминати години, тешко е да се претпостави дека Република Грција ќе го одбележи со некоја голема јавна манифестација датумот на почетокот на Граѓанската војна. Тоа можеби ќе се сведе на некој скромен собир од членовите на сегашната Комунистичка партија на Грција. Грчката историографија кон Граѓанската војна се однесува со објаснување како за класична идеолошка војна. Нема никакво објаснување низ грчките историски книги за статусот на Македонците во војната, Македонците ги нема, не постојат. Грчките архиви сигурно во себе чуваат документи кои го објаснуваат и гледиштето на тогашната грчка десничарска влада кон македонското прашање, но барем јас како историчар, такви документи не сум видел. Во Република Македонија имаме пристап до објавената архивска граѓа од КПГ, ДАГ и македонските левичарски организации за време на Граѓанската војна и од таму извлекуваме најголем дел од податоците и за 1946 година.
Граѓанската војна во Грција уште години и децении веројатно ќе го бранува грчкото општество и историографија и ќе предизвикува различни емоции. Но, тоа е проблем на Република Грција и ги охрабруваме да го отворат истиот и да ги решаваат сите, за нив, непознати работи за трагичниот настан од пред 8 децении.
Денеска, кога сме на неколку дена од одбележувањето на 80 годишнината од почетокот на Граѓанската војна во Грција, ние, овде, во Република Македонија, да се потсетиме на жртвата на Македонците од Егејска Македонија во далечната 1946 година и нивниот стремеж за слобода и човечко достоинство! Да се потсетиме на нив, во нашата единствена татковина Република Македонија која им подаде братска рака на Егејските Македонци по трагичниот крај на војната и со тоа ублажи дел од пеколните страданија и маки што ги претрпеја во обид да се изборат за своите човечки правдини! Споменот за славната и борбена 1946 година ќе остане да биде зачуван на страниците на македонските историски книги и во срцата на тие што се родија во Воденско, Мегленско, Костурско, Леринско, Солунско, Ениџевардарско, Кајларско, Драмско! Историската меморија ќе претставува долг и чест и за потомците на Македонците од Егејскиот дел на Македонија кои денеска живеат во Република Македонија и ширум светот.
Во името на тие светли традиции, во името на споменот на загинатите за слободата: Вечна слава на хероите! Вечна памет на борците за слободна Македонија! Да живее Македонија!
Март 2026 година
Пишува: Проф.д-р Никола Жежов
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
80 ГОДИНИ ОД ПОЧЕТОКОТ НА ГРАЃАНСКАТА ВОЈНА…
Додека светот уште ги лечел тешките рани…
ОЈО Кочани: Пронајдено тело на маж со…
Во близина на Виница е пронајдено тело…
Ердоган предупреди: Турција воено ќе интервенира ако…
Турција упати сериозно предупредување до Соединетите Американски…
„Не ги сакам Германците“ изјави жената која…
Градски суд на Софија ја остави во…
Протести против Трамп ги зафатија сите 50…
Масовни протести против американскиот претседател Доналд Трамп…