Што означува посетата на Кирил Петков во Скопје?
Посетата на премиерот Кирил Петков ќе означи нов почеток во развојот на билатералните односи меѓу Бугарија и Република Македонија и ќе ги претстави следните чекори што двете влади ќе ги преземат за решавање на отворените билатерални прашања, соопшти бугарското МНР најавувајќи ја посетата на бугарскиот премиер на земјава за 18 јануари.
-Треба да го промениме нашето разбирање за тоа што значи Република Македонија да преговара со ЕУ и да биде дел од неа во иднина. Ајде да зборуваме за сите придобивки што ќе ги имаме ние и Република Македонија од овој процес, се цитира во соопштението од бугарското МНР изјавата на премиерот Петков.
Според македонското МНР, посетата е планирано да се реализира веднаш по стапувањето во функција на новата Влада на Република Македонија.
-Со тоа, двете држави сведочат за важноста која ја придаваат на меѓусебните односи и соработка. На средбите се очекува да се реафирмираат досегашните резултати и постигнат напредок, како и да се воспостави дополнителна интензивна комуникација во насока на надминување на разликите за важни билатерални прашања меѓу двете земји, наведува МНР.
Во фокусот на разговорите, според Министерството, ќе бидат доследната имплементација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка потпишан меѓу двете земји во август 2017 година, како и продолжувањето на напорите за исчекор во обидите да се обезбеди поддршка за почеток на преговорите на Македонија со Европската Унија.
Француската амбасадорка во Бугарија, Флоренс Робин, изјави дека за нејзината земја прашањето за проширувањето на ЕУ со Македонија и Албанија е исклучително важно и како претседавач со ЕУ во првата половина на 2022 година Франција ќе понуди посредување за справување со спорот меѓу Софија и Скопје. На овој начин, како што вели во изјавата за радио Дарик, ќе може да се реши спорот меѓу двете земји и ќе се потврди европската определба на Париз.
Според амбасадорката Робин, Западен Балкан е дел од Европа и е прашање на безбедност регионот да биде вклучен повеќе во политиките на ЕУ, економскиот развој и размената воопшто. Амбицијата на Франција е да ја потврди својата европска посветеност кон Западен Балкан, а особено кон Македонија и Албанија.
Флоренс Робин изјави дека има спор меѓу соседните земји, и изрази уверување дека со добра волја и преку дискусии и промовирање на почитувањето на граѓанските права и почитувањето на малцинствата, тие ќе може да одговорат на овие предизвици. Според неа, навистина е важна стабилноста и одржувањето на добри односи, а „со разбирање и слушање, работите може да се средат“.
Граѓанското здружение за бугарско-македонско пријателство „Под едно небо“, заедно со Институтот за балкански перспективи, Бугарскиот културен клуб – Скопје и Бугарско-македонска стопанска комора вчера, упатија отворено писмо до премиерите на Бугарија и на Република Македонија, во кое ја поздравуваат желбата на двајцата премиери за промени и за искористување на следните месеци за постигнување позитивни резултати.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, тие ги поздравуваат конструктивните потези на новата бугарска влада и лично на премиерот Кирил Петков и се надеваат дека и Димитар Ковачевски и новата влада во Република Македонија, доколку бидат избрани, ќе направат исти такви коректни и точни потези. Според авторите на писмото, барањата на Петков за проширување на односите меѓу Софија и Скопје со заеднички работни групи во различни области се можност да се потпрат на Договорот за добрососедство, кој, се наведува, треба да биде фундаментален за односите меѓу двете земји. Ова исто така, се додава, ќе и овозможи на Бугарија да ја врати својата корисна улога во пристапувањето на Македонија во Европската Унија, како и да ги поттикне аспирациите на другите земји од Западен Балкан за членство во ЕУ.
Авторите на писмото кое е поддржано од 185 граѓани, се посочува, се надеваат дека идниот премиер на Република Македонија ќе ја поттикне македонската дипломатија и институции да заземат проактивна позиција за носење на неопходните одлуки во македонското општество и добрососедската политика со Република Бугарија – преку активен дијалог и позитивна размена на идеи за нови односи и политики на промени.
Поранешниот бугарски премиер, и актуелен уставен судија Филип Димитров, за сегашната ситуација меѓу Македонија и Бугарија, вели дека решение постои ако барем едната страна, можеби посилната, дава позитивни сигнали, а ќе се постигне ако двете страни разговараат како рамноправни.
– Не сум во позиција да и давам лекции на владата. Но, лично јас сум убеден дека нема начин да се договориме ако не разговараме како рамноправни, со снисходливост, и без вршење притисок… Проблеми и напрегања не може да нема, но тие се надминуваат со текот на времето, ако само еден, можеби посилниот, дава позитивни сигнали. Но, ако во поделено семејство некој удира со нога и вика: ‘Како не ме сакаш. Како ме сакаше пред десет години!’ Звучи прилично смешно, нели? Љубов и почит не се бараат на суд, вели во интервју за БГНЕС Димитров кој ја извршуваше премиерската функција меѓу 1991 и 1992 година.
Во врска со историјата, Димитров вели дека таа е многу важна, но нагласува дека разбирањето за неа се избиструва со текот на времето.
-Историјата е важна. Отсекогаш имало искривувања, но на крајот во светот опстојуваат поубедливите аргументи. Различните остануваат регионално затворени… Во нашиот регион, изгледа не сите разбираат дека политиката не е само пазарење. Прво треба да докажете кој сте и што сте, па дури потоа да барате поддршка, вели Димитров.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
АХВ: Водата во Скопје е безбедна за…
Инспекциските служби на Агенција за храна и…
Од март директна авиолинија од Скопје до…
Од март ќе биде воведена директна авиолинија…
БРАВО! Скопјани ќе добијат вода за неколку…
Во завршна фаза се активностите за санација…
Од вечер повеќе од половина од Скопје…
Од 22 часот денеска, повеќе од половина од Скопје…
Штедете и гответе оброци што не бараат…
Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во пресрет…