Ристо Никовски: Македонија без компас

t

Сите држави преговараат и се договараат за тековни прашања и за идната соработка. Македонија, меѓутоа, (не само што) е присилена преку преговори да врши ревизија на сопствената, туку да прифати и корекции и дефиниции на историите на соседите, правејќи незамисливи национални отстапки. Во никој случај, и под никакви услови не смеевме да потпишеме договор за заедничка историја со источниот сосед, и со него да преговараме за нашиот јазик, а уште помалку да вршиме хируршки зафат врз сопствениот национален идентитет, со јужниот. Врвот на трагедијата во која се доведени државата и народот е фактот што перманентно мора да докажуваме дека сме Македонци. Тоа само покажува дека се ближи крајот на нашиот опстанок. За една држава, не може да се замисли по понижувачка и посрамна позиција од оваа. На таква улога се присилени само држави агресори, декласирани во војна, и Македонија во никој случај не заслужува таков третман, којшто ние го дозволуваме. Странскиот фактор, којшто веднаш по распадот на Југославија започна да спроведува сценарио за разнебитувањето на Македонците, си го тера своето. Силно боли, меѓутоа, што ние самите сме извршители на странските планови и интереси.

Проблем со Бугарија не се односите и нивото на нивниот развој, туку бугарските историски синдроми, симболизирани во нивната санстефанска фантазмагорија за голема држава, коишто се сведуваат на непризнавање на Македонците како посебен народ. Со договорот за (не)пријателство… (2017), Софија направи огромен исчекор во бришењето на Македонците, откако им беше прифатено дека – а) имаме заедничка историја, која може да биде само бугарска; б) нема Македонци во Бугарија, а ако ги нема нив, тоа потврдува дека такви нема никаде; и в) македонскиот јазик не е автохтон туку е според Уставот, што е крунски доказ дека е дијалект на бугарскиот. Софија беше презадоволна со својот историски успех и мислеше дека е на прав пат. Следуваа, меѓутоа, Нивици, каде Македонија целосно капитулира. Се откажа и од националниот идентитет, и од се’ македонско во државата. Промената на името, народот неизбежно го прави северномакедонски, што значи измислен; се откажавме од придавките македонски/а/о и веќе кај нас не може да има Македонски народен театар а може, и имаме, Албански и Турски… и, да не ги редиме сите други трагични последици, вклучувајќи дека во светот нема да има ниту македонско вино.

Тоа беше удар и за Софија, којашто сфати дека нивниот договор за (не)пријателство е играчка во споредба со поразителни отстапки дадени на Грција. Им стана јасно дека во Скопје седат политичари коишто, под опсесија со датумот, спремни се да жртвуваат се’ национално, само за да ги започнат преговорите со ЕУ. Видоа дека имаат историска шанса за своите вековни аспирации кон Македонците, и започнаа да поставуваат нови услови, сите надвор од умот.

Во Македонија, не се сфаќа дека, без оглед кој е на власт во Софија, барем 95 проценти од нивните политики кон Македонија се вековни и остануваат непроменети. Тоа важи и за Петков, којшто успеа да не залаже со некакви нови комисии, без да ја менува целта. Поминаа месец, два, имаше многу настани меѓу двете земји, посети ваму, посети таму, разни комисии, авионска врска… и, кој е заклучокот? Се’ што се случи, без исклучок, беше во интерес на Бугарија. Петков го неутрализира притисокот на кој беа изложени заради блокадата во Брисел, а ние не добивме апсолутно ништо. Во интервју на Би-би-си, Петков рекол дека се договорил со Ковачевски дека – „Бугарите треба да имаат легални права, кои ги имаат сите Македонци…“, што значи внесување во Уставот (не е јасно врз основа на каков мандат му е ветено тоа); доби нота во ООН за кусото име, што беше едно од нивните понижувачки барања; договори заедничко чествување на Гоце Делчев по повод 150 години од раѓањето, што е негова голема победа… Додека Софија продолжува со агресија и нецивилизациска политика, величајќи го Делчев како голем бугарски револуционер, ние им се додворуваме при што никој не смее да спомне дека Гоце е Македонец!

Дијаметрално спротивно, Петков јавно стави до знаење дека Македонци во Бугарија нема, и дека за нив е тоа затворено прашање. Македонија ги премолчи пресудите од Стразбур. МНР, Генчовска („Слободен печат“ од 4/2/2022), рече дека во преговорите на двете министерства, кои се во тек – „строго ќе го почитува мандатот на Владата и декларацијата на Собранието од 2019, договорот за добрососедство, а ќе се земе предвид и мислењето на последниот состанок на Советодавниот совет за безбедност“! Според сите тие документи, договор со Бугарија е единствено возможен ако прифатиме дека сме биле „Бугари“ до 1944 или, поточно, дека сме втора нивна држава. Тоа го потврдува и нивниот ко-претседател на заедничката комисија за историја, А. Димитров, којшто рекол – „работата не напредува поради неподготвеноста на нашите колеги да прифатат дека имаме заедничка историја што е започната во средниот век“. Со други зборови, нема согласност дека сме еден народ. Фактот, пак, што двете министерства преговараат за бугарскиот предлог „4 + 1“, е грубо кршење, поточно игнорирање на Резолуцијата на Собранието. Нејзин клучен принцип е – „Преговорите да се водат на рамноправна и принципиелна основа … без никакво условување од едната или од другата страна“. А, бугарскиот документ „4 + 1“ е едностран ултиматум со скриени намери. Се заборава дека нивна првична цел беше да прифатиме капитулација и потпишеме дека до 1944 сме биле „Бугари“ и, откако тоа не им помина, сега најважно за нив е вклучување на „Македонските Бугари“ во Уставот, со намераеден ден сите да бидеме такви! Токму затоа, тие не зборуваат за „Бугари во Македонија“, што е сосема различно. Според потребите, Софија се престројува во своите ментални девијации а ние ги следиме како послушни лакеи и им се прилагодуваме на монструозните измислици и манипулации! Неверојатно! И, додека Бугари во Македонија нема, или се неколку стотици, никој во земјава (освен Пендаровски, иако само начелно и недоследно) не се осмелува ниту да ги спомне Македонците во Бугарија, кои ги има стотици илјади! Тоа е предавство на фундаменталните македонски интереси. Тие преговори мора веднаш да се прекинат и да се постават на РЕЦИПРОЧНА ОСНОВА. Тоа е можно само ако веднаш се откаже сегашниот, и започне да се преговара нов договор, за вистинско пријателство.

На чествувањето, по повод 150 години од раѓањето на Гоце Делчев („Нова Македонија“ од 9/2/2022), претседателот Радев ни кажа се’: „… Само неколку месеци по нејзиното воскреснување во 1878 година (Сан Стефано!), слободна Бугарија била распарчена, а Македонија и Тракија повторно биле поробени. Но, Берлинскиот конгрес не успеа да ја угаси ниту вербата на македонските и тракиските Бугари во нивните сопствени сили да го одбранат своето право на достоинствен живот, ниту надежта за слобода. Затоа што имаше луѓе револуционери како Гоце Делчев“. По истиот повод, Петков напишал – „Делчев е и составен дел од заедничката историја со Македонија… Тој е еден од личностите кои ги прават горди двата народа“. Ако е историјата заедничка, и ако Гоце бил „бугарски револуционер“, тој можел да се бори само за бугарска Македонија.

Во интервју на радио „Дарик“, на 29/1/2022, Петков ја критикувал претходната уценувачка и ултимативна бугарска политика, ама ни ја објасни и нивната погубна стратегија кон Македонија: „Не функционира пристапот – прифати се’ како јас ти велам. Да се пушти Македонија кон, не значи и во Европа. До членство има 15 години. Во тие 15 години има 27 поглавја да се отворат. Ако направиме процес да се развива историската вистина, да се отстрани дискриминацијата и говорот на омраза и тој процес има јасен механизам како да се исчистат тие елементи“! Арно ама, кај нас никој не чита.

Премиерот Мицотакис (Канал 5, од 14/2/2022), рекол – „не сме задоволни со договорот од Нивици заради јазикот и идентитетот. Тоа ќе го расчистиме во преговорите на Македонија за членство во ЕУ, колку што ќе биде можно во процесот“. По средбата со Пендаровски, претседателката на Грција изјави – „Препознаваме дека од … Македонија се направени позитивни чекори, но сепак постојат многу нерешени прашања. Затворањето на овие отворени прашања ќе овозможи понатамошен развој на нашата соработка“! Треба ли други докази дека нашите преговори за членство во ЕУ ќе бидат крвава касапница на остатокот од македонизмот?

За разлика, МНР, Османи прво изјави дека Бугарија нема обврска да ги става Македонците во нивниот Устав! Не им бил соодветен!? Потоа („Слободен печат“, од 7/2/2022), рекол – „ние сме во асиметричен однос со Бугарија. Тие се членка, ние не сме. Ние бараме да влеземе во ЕУ, тие се веќе таму. И не можеме да очекуваме дека овој спор е помеѓу две еднакви страни“!? Ви се верува: тој им дава до знаење на душманите дека ние сме хендикепирани и немаме избор. Зарем не му е познато дека, според Повелбата (Уставот) на ООН, сите земји во меѓународните односи се меѓу себе рамноправни? Османи сигурно не прифаќа никаква асиметричност кога е Косово во прашење, кое не е член ниту на ООН. Не дај Боже. Таму, тој има емоции, овде нема. За него не смее да има асиметрија и меѓу македонското мнозинство и албанското малцинство во земјава. Човекот очигледно навива за Бугарија!

Бројни се индикаторите дека, по секоја цена, Македонија сака што поскоро да ги започне преговорите со ЕУ и дека за таа цел постои спремност да се прифати дури и дека Гоце Делчев бил Бугарин. Без оглед што, макар и имплицитно, тоа значи дека до 1944 година сите сме биле Бугари и сме зборувале бугарски јазик. Во услови кога и надлежниот заменик премиер за европски прашања, кој јавно изјавува дека не знае дали има Македонци во Бугарија, вели дека до членство во Унијата ќе поминат повеќе од 10 години (а ќе бидат потребни и цели 20 ако не и повеќе), логично е прашањето – знае ли оваа власт што прави со државата и народот? Никој не планира за подолго од 15 и повеќе години бидејќи ништо не е извесно. За толку време, се прават само општи проекции кои никого не обврзуваат. Така мораме и ние да се однесуваме. Унијата е далечна и речиси, барем за сега, недостижна цел, и наше е да бараме практични решенија за побрз напредок на земјата и да ги решаваме натрупаните проблеми, коишто само се множат. Народот не смее да се лаже. Ако веќе и од Софија, и од Атина, ни е јасно ставено до знаење дека во текот на преговорите безмилосно ќе сотрат се’ наше преостанато македонско, што значи дека тие ќе се влечат до бескрај, секој мора да се праша – знае ли некој во државава што сакаме, во кој правец се движиме и што не чека? Дури, и ако свесно сакаме да се само уништиме, ова што се прави е погрешно и надвор од умот. Мора во земјава да се појави сила која ќе повика на прекин на ова лудило и, со сите средства, да предводи во барање на соодветни решенија за иднината и на македонскиот народ и на македонската држава. Додека не е предоцна. Како сега се одвиваат работите, никогаш нема да стигнеме до Унијата, а и ако некогаш стигнеме, тогаш ќе нема веќе Македонци, што значи дека сите усилија биле – џабе. Секому веќе мора да му биде јасно: без радикални промени во нашите политики, ќе продолжиме да пропаѓаме прудолу, во бездна без дно, и без никакви изгледи за некаков успех.

Ристо Никовски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Ристо Никовски: Македонија без компас

Сите држави преговараат и се договараат за…