Синот на Сабина Ајрула удри по Драмски театар: Мајка ми заслужува повеќе од чаша “тиквешко” и хипи-смотра со банална благодарност

t

Недостоен и навредлив. Вака синот на актерката Сабина Ајрула Тозија го опишува настанот за денеска на кој Драмскиот театар ќе им се заблагодари на Ристо, Сабина, Мајда, Вида…, наместо да одржи комеморација.

Вардан Тозија се огласи преку социјалните мрежи и истакна дека денеска нема да присуствува на настанот. Тозија посочува дека неговата мајка заслужува нешто повеќе од, како што вели, хипи-смотра на денот на театарот, низ банална “благодарност“ и “чаша тиквешко“.

Драги пријатели и почитувачи на делото на Сабина Тозија, Ве известувам дека нема да присуствувам на утрешната комеморација организирана од Драмски театар за заминувањето на мојата мајка, Сабина Тозија.
Сметам дека групниот и паушален начин на кој се испраќаат Сабина и неколкуте големци на овој театар, е недостоинствен за овие луѓе кои го посветиле животот на Драмски, а воедно е навредлив за мене и моето семејство. Мислам дека, како личност која поминала најголем дел од животот во оваа институција и оставила силен печат во македонскиот театар и кинематографија, таа заслужува нешто повеќе од хипи-смотра на денот на театарот, низ банална “благодарност“ и “чаша тиквешко“. До неодамна постоеше правило како се испраќа колега, пријател, актер… очигледно, тие вредности кај некои кои раководат со театарот не значат многу. Сигурен сум дека таа на ист начин би ги бранела овие актерски, и пред се’, човечки начела кога би станало збор за нејзин соработник. Ова збогување со луѓе кои го оставиле својот живот за афирмација на театарот и својата земја, е воедно срам за театарот, и срам за оваа земја. Комеморација за Сабина Тозија ќе има во блиска иднина. Таа ќе биде изведена на поинаков начин, за жал, во рамки на друга институција, и за тоа ќе бидете благовремено известени. Нека почиваат во мир иконите на македонскиот театар, напиша Вардан на Фејсбук.

Со ист став е и семејството на Ристо Стефановски театролог, долгогодишен театарски работник, театарски историчар и долгогодишен директор на Драмскиот театар Скопје. И тие истакнаа дека нема да присуствуваат денеска во Драмски.

-Главната причина е поради тоа што сметаме дека комеморација за Ристо Стефановски не само што треба, туку МОРА да има, а друга причина е што веруваме дека собирањето што го предложува Драмски, театарот којшто тој го формираше и со него ги доживеа ѕвездените мигови, не доликува, и е омаловажување, на ликот и делото не само на нашиот Ристо, туку и на глумците на театарот кои починаа во изминатите месеци. Лесна им земја на сите – легенди, стои во изјавата на семејството на Стефановски.

Инаку, наместо одржување на комеморација, Драмски најави дека на Стефановски, Ајрула и Тушар ќе им се заблагодарат за се што му дале на театарот. Дополнително, пред Ѕидот на славните, како што е најавено, ќе се пие и црно тиквешко.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ