Колемишевски: Тоа што го заплетка Заев не може да го отплетка цела Европа

t

Тоа што го заплетка еден Зоран Заев потпишувајќи го Договорот за пријателство со Бугарија не може да го отплетка цела Европа. Не го отплетка моќната Ангела Меркел, која можеше да го стори тоа, залудна е надежта во Емануел Макрон дека тој ќе го направи тоа. Бугарија само го доплеткува, сѐ нови Гордиеви јазли заврзува, вели Панде Колемишевски во колумна за „Нова Македонија“.

Во Бугарија постои парламентарна партија што го носи називот Има таков народ. Неа ја создал познат телевизиски шоумен. Партијата Има таков народ иако е предводена од комичар, сериозно работи на проект што е антипод на нејзиното име. Работи на проектот „Нема таков народ“, а се однесува на Македонците во Македонија (сега само Северна).

Според тој проект, не постојат македонски народ, македонска нација. Поточно нема Македонци, сите што се именуваат како такви се Бугари по род и происход, 11 века наназад сметано од денешниот ден. На таа платформа поставена најнапред од ВМРО-БНД на Красимир Каракачанов и ГЕРБ на Бојко Борисов застанаа и повеќето партии и оние застапени сега во нивното Национално собрание. Всушност, тие се наследниците на бугарската агресорска политика од 100 и повеќе години наназад. Денешните бугарски партии и лидери се деца на политиката на царот Борис, кој им беше сојузник на Адолф Хитлер и на долгогодишниот комунистички диктатор Тодор Живков, познатиот македономразец.

Здодевно, но нужно е да се повторува што бараат бугарските власти од Македонија. Бараат Македонците да се одречат од нивната целокупна историја, од идентитетот, од јазикот, од писмото, од минатото, од сите дејци и револуционери застапени во македонската политичка и народна меморија. Несреќната реченица за „заедничка историја“ напишана во Договорот за добрососедство и пријателство ја толкуваат догматски, категорички и императивно дека до 1944 година не постоел македонски народ. И дека Македонците треба да го признаат тој факт. Ако не го признаат, до крајот на светот и векот ќе висат на европска гранка.


Бугарските власти се во национална еуфорија дека она што не го постигнале низ три војни ќе го остварат во мир. Во некаков интерес за европската перспектива од Македонците дрско се бара да ги избришат своето минато, своите државотворни, национални, социјални, културни, образовни и други достигнувања. Да ја заборават окупацијата во Втората светска војна, да ги попретаат злоделата направени врз Македонците и Евреите, жртвата да ја изедначат со џелатот. Тој став го држат без отстапки. Можеби звучат поинаку зборовите и постапките на премиерот Кирил Петков, но вистината е дека неговиот вербален егзибиционизам не може да го покрие клучниот негаторски став кон Македонија. Последните настани јасно говорат дека е фатен во клопка од старите политички волци и ништо не може да направи на своја рака.

За разлика од проектот „Нема таков народ“, кој функционира координирано и непрекинато, на другата страна пропаѓа виртуелниот проект на заедничките работни групи за продлабочување на билатералната соработка. Од ден на ден станува сѐ појасно дека тие ја имаа улогата на „ковид-маски“, траеја кратко, само привремено да ја покријат суштината на спорот. Забележливо е дека веќе никој не ја споменува соработката во економијата, енергетиката, финансиите, иновациите, земјоделството, развојот. Голема е нулата во соработката во културата, образованието и науката, туризмот, младите и спортот, таму каде што би било најлесно, најевтино и за јавноста најефектно.
Заборавени се областите што административно се нарекуваат транспорт и врски, инфраструктура, локална самоуправа и меѓугранична соработка, како и областа на информатиката и комуникациите, таму кај што беа гласната пропаганда и големата надеж. Надежта не згасна, но во стварноста нема ништо реализирано, од ништо поништо. Фаќаат ’рѓа шините, се ронат бетонските потпори на утописки планираната железничка пруга Куманово – Софија.

Растат полиња трње на трасата од патот што има име Коридор 8 што во некоја небеска перспектива треба да ги поврзе Бургас во Бугарија и Драч во Албанија. Испрекинати се и поврзувањата со другите патни правци по должината на границата на двете земји. Кај наводниот граничен премин Клепало уште не удрило клепалото. И којзнае дали е на небото авионот од авиолинијата Скопје – Софија и обратно, дали сѐ е останато на првиот и неколкуте други летови на кои бесплатно летаа министри и други административни трабанти.


Шуто ми е, празно ми е од сите проекти, програми и договарања. На бело видело се виде дека од пруга, од коридор и од авиолинија договор не бива, барем не во две земји на Балканот, која од која демократски помизерна, културно понекултурна, економски посиромашна, историски и психолошки пооптоварена. Тие наместо да го отвораат патот, упорно го затвораат. Се удрија на големи ѕвона тие лажливи пропаганди за да се чујат во Европа и веднаш да замолкнат. Европа не замолкна – таа си тера со своето традиционално лицемерство, со ширењето лажни надежи и ветувања за кои и самата знае дека не може да се исполнат. Баш го боли увото Макрон, сигурно немаат мирен сон европските шефови што Македонија нема море.

Во процесот на наводното помирување и спроведување на Договорот за добрососедство и пријателство двете страни го погребаа главниот принцип на медијацијата за мирно решавање на споровите. Ако тој принцип гласи – заборавете го минатото, гледајте во иднината – во случајов меѓу Македонија и Бугарија тој е прегазен како што шлепер прегазува жаба. Зошто? Затоа што многумина и во едната и во другата држава посакуваат „да нема таков народ“. Да нема македонски народ, да се растовари светот од македонскиот историски и национален баласт, од таканареченото македонско прашање, од бурето барут на Балканот.

Бугарските власти сѐ поцврсто наместо да ја подаваат својата, ја виткаат раката на македонската политика. Фаќајќи прст посакуваат да ја земат целата рака. Во такви околности, тешко е да се дојде до решение без услови, односно нема решение. Нема зашто во огнот што се пали, во котелот што врие се прашања што за Бугарите, наводно, значат живот, а за Македонците смрт. Клучот лежи во историјата, идентитетот, јазикот и писмото. Попусто македонските политичари раскинуваат усти тврдејќи дека за нив не се преговара. А вистината е дека нема ништо спорно освен, да повториме, идентитетот, историјата, јазикот и писмото. Значи, ако нив ги има, тогаш таков народ има, ако ги нема, таков народ нема.

Бугарската пропаганда нема да запре да шири лажни вести, извештаи, репортажи, фалсификати за минатото на македонскиот народ. Добар дел од бугарската јавност е свесен дека на тој начин се раѓа незадоволство кај Македонците, но гласовите на разум се задушуваат. Напорот на пропагандата да ја убедат Западна Европа во нивните небулози не им дава плод. Немаат голема поддршка ни од македонските медиуми, освен од неколку портали, од еден-два наводни интелектуалци и новинари поединци, анационално настроени. Бугарската пропагандна и контраразузнавачка машинерија или немаат пари или не сакаат да дадат пари за да заземат поголем простор. Така направија итрите Грците, кои преку данајски дарови илегално потрошија околу 50 милиони долари, поткупија политичари, невладини организации, цели медиумски редакции и новинари поединци и го добија тоа што го сакаа. Ѝ го сменија името на Република Македонија, која од јужна стана Северна со што, меѓу другото, ги наруши географските поими.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Груевски открива дека Заев има бизниси во…

Иако во минатото во повеќе наврати кажав…

На денешен ден Заев и Димитров беа…

На денешен ден пред 6 години тогашниот…

Децата на политичката елита профитираат од брзите…

Децата на политичката елита профитираат на грбот…

(Видео) Австрија има женска верзија на Заев:…

Изјавата на австриската министерка дека Африка е…

3aeв нema да користи aпaнажа, ќе се…

Поранешниот премиер Зоран Заев од вчера има…