Никовски: И МПЦ – ОА НИ ОДИ ЈАБАНА
Некој умен кичевчанец, дал одлична дефиниција за современата македонска трагедија: името – грчко, јазикот – бугарски, црквата – српска, територијата – албанска, вредностите – европски! Арно ама, времето бргу го исправи – црквата веќе не е српска туку – ничија! Ќе прашате – како?
Последните неколку години, откако државата се прекрсти, следуваа интензивни настани сврзани со иднината на МПЦ – ОА, за кои јавноста не беше информирана. Како резултат, сосема неочекувано, на 09/05/2022, Вселенската патријаршија од Цариград (Истанбул) ја симна шизмата од нашата црква и ја прими во канонско единство со другите православни цркви. И од нашата црква, ама и од сите политички фактори во државата, веста беше громогласно поздравена. Имаше дури и воодушевување дека со ова се потврдува и нашиот вековен идентитет, што е токму спротивно на намерата на Вселенската патријаршија, којашто е грчка црква. Веста секако имаше и своја добра страна, ама се премолчуваа деталите од одлуката на Цариград, коишто даваат доста поинакво светло. Изненадуваше што сите политичари зборуваа за некакво обновување на Охридската архиепископија, за што нема трага во веста. Цариград прецизно објави дека црквата ќе биде “Охрид(ска)“ – и толку. Нема архиепископија. Факт е дека цариградскиот патријарх, Вартоломеј, на грчка телевизија, рекол дека црквата ќе биде “Охридска архиепископија“, ама можеме да бидеме целосно уверени дека тој мисли на нова црква а не како на продолжение на старата.
„Слободен печат“, од 11/05/2022, го пренесе речиси во целост соопштението на Вселенската патријаршија, освен клучниот дел во којшто се вели дека црквата нема да може да го користи името “Македонија“ ниту било какви деривати од него. Со други зборови, црква ќе имаме, ама не македонска. Тоа единствено може да значи дека таа ќе биде – ничија. Сепак, изненадување не треба да има. Ако во Нивици се согласивме дека овде нема Македонци, туку само во Грција, не може ниту црквата, исто како и МТВ, МИА, МОБ… да бидат македонски. Тие ќе бидат национални (чии?), медиумски… или охридски.
Според каноните, Цариград и остави на СПЦ – “да ги среди управните прашања“ меѓу двете цркви бидејќи, формално, МПЦ се одвои од СПЦ. Српската црква направи извонреден потег со прифаќањето и признавањето на автокефалноста на МПЦ – ОА, и тоа со нејзиното име, со што се откажа од своите долги претензии кон нашата црква. Не треба воопшто да има сомневање дека одлуката на Белград е во голем мерка – политичка. Во голем дел, очекувањата на црковните експерти беа дека СПЦ ќе тактизира и дека следниот чекор повторно ќе го преземе Цариград, на сличен начин како што постапи со Украинската православна црква. Поточно, дека томос за автокефалност ќе биде даден без согласност на СПЦ. Тоа ќе беше нова поделба меѓу православните цркви и сериозна конфронтација меѓу МПЦ и СПЦ. Силен е впечатокот дека, токму заради таквиот можен развој, во проблемот се вклучи и српската политика и ни го донесе овој голем дар за македонскиот народ.
Потегот на СПЦ има нагласено политичко значење. Тоа повторно ја става Србија во центарот на балканските работи. Во ситуација кога место СПЦ, Грчка црква ја зема главната улога во решавање на овој спор; кога Бугарија сака да ги избриши Македонците… Белград му подава рака на Скопје и на блескав начин го анулира единственото отворено прашање меѓу двете земји. Тоа е маестрален политички потег. Атина секако не е задоволна од ваквиот развој на настаните, барем заради името, додека Софија е жестоко погодена. Србија им одржа лекција.
Крајниот збор за МПЦ – ОА, повторно го има Вселенската патријаршија. Тој, во никој случај, не може да биде поинаков од тоа што веќе го кажаа на 9 мај, со веќе објавеното соопштение. Освен забраната за користење на името македонска, Цариград јасно одреди дека името на црквата ќе биде “Охрид(ска)“ и дека ќе има – “јурисдикција исклучиво на територијата на државата (С) Македонија“. Тоа значи дека на МПЦ – ОА и се одземаат четирите епархии надвор од земјата: Австралиско – сиднејската, Австралиско – новозеландската, Европската и Канадско – американската. Спомнувањето на Охрид, пак, како седиште на стара црква, треба да биде и некаква утешна награда за нас. Сепак, треба да го почекаме томосот, којшто наскоро ќе го добиеме, и во него ќе бидат сите детали. Ние се тешиме и се повикуваме на славните 800 години на Охридската архиепископијата, ама тоа во никој случај не е дел од намерите на Цариград. Напротив, тие (и другите?) ќе не третираат како нова црква.
Потегот на Цариград воопшто не е случаен. Катиљ ферманот на Вселенската патријаршија за новата црква од Охрид е наш нов понижувачки договор со Грција или, поточно – Нивици 2. Да не беше претходниот самоуништувачки договор од Нивици, немаше да биде можно ни бришењето на македонската црква. Се’ е тоа дел од истото сценарио за разнебитување на Македонците како посебен народ, коешто филигрански се спроведува по распадот на Југославија. Носители не се ниту Грција, а уште помалку Бугарија. За тие што разбираат, веќе е премногу видливо дека судбината, цело време, ни ја кројат – САД. Ние сме им трн во око бидејќи не се вклопуваме во намерите и плановите на Вашингтон за Балканот. Атина и Софија се само пиони во нивни раце.
Одделувањето на црквите на нашата дијаспора од МПЦ – ОА е само нова, жестока поделба на македонското национално ткиво. Прво не натераа (ама ние прифативме !), да се откажавме од Македонците во Бугарија (1999), потоа од нашите во Беломорскиот дел (2018), сега (2022) и од дијаспората… Зарем никој во државата не разбира дека ако нема Македонци во Грција, ако ги нема во Бугарија, ако ги нема во дијаспората – дека, на крајот од денот, не може да има Македонци ниту тука, во државава? Зарем никој не забележува дека, на крајно безобразен начин, Софија сега агресивно ги присвојува и Македонците во Албанија а ние молчиме како да сме отсутни? Зарем не се сфаќа дека не разнебитуваат чекор по чекор? Зарем сме толку недоветни и некадарни?
По Нивици, откако се откажавме од името и идентитетот, дијаспората веќе не ја признава оваа држава како своја. Го отфрлија новото и со сила наметнато име, не го признаваат нашето знаме и го користат претходното, со шеснаесет краци, не сакаат контакти со претставници од државата… Пред кусо време, во Канада гостуваше “Танец“ и домаќини му беа Срби, не Македонци. Тоа е дел од нашата трагедија која нашите политичари ја игнорираат и никаде ништо не преземаат, а таа навлегува во дамарите на македонството.
Како потврда за тврдењето кој стои зад нашата трагедија, ќе наведеме една неверојатна “коинциденција“, којашто ни се повторува. Кога во 2008, на самитот на НАТО, во Букурешт, САД спречија да станеме членка, иако претседателот Буш сакаше, ама беше на крај од мандатот и веќе не го есапеа, Вашингтон ни “подари“ “Декларација за стратегиско партнерство и соработка меѓу двете земји“. Таа немаше никаква реална вредност, ама беше пропагандна утешна награда за нашата земја.
Денес, Бугарија води отворена национал – шовинистичка политика кон Македонците и сака без пардон да ги елиминира како народ. За таа цел е очигледно подготвен и нов договор кој треба да ја запечати нашата судбина и се чека само момент кога тој треба да се објави. Паралелно, во постапка е однародувањето на нашата црква… И, повторно нова “коинциденција“: Вашингтон ни нуди стратегиски дијалог меѓу двете земји. Демек, еве, имате и пријател којшто се грижи за вас, иако дијалогот, бидете сосема уверени, во најголема мерка е чист пропаганден политички блеф, и нова утешна награда.
Дека сето ова е точно има и конкретен пример. Во Декларацијата од 2008-та, се нагласуваа соработката во безбедноста, меѓу човешките врски, и трговијата. Во ниту еден од трите сегменти, нема конкретни и видливи резултати. Факт е дека нѐ примија во НАТО ама тоа беше стратегиски интерес на Вашингтон. А колку се важни врските меѓу луѓето, за кои се залагаше Декларацијата, зборува следниот случај. Некаде во септември 2021 година, мајка и ќерка од познато скопско семејство, чии син и брат со децении живее во САД и одлично е ситуиран, побараа термин за виза за да ги поминат таму новогодишните празници. +Термин добија во октомври 2022.
Декларацијата не била спомната.
Пишува: Ристо Никовски
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Владата ќе ги покачува пензиите непосредно пред…
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, денеска…
Дали ДПМНЕ го награди Максим со 243…
Од унгарскиот кредит од 50 милиони евра,…
Николоски: ОПОЗИЦИЈАТА ЌЕ ОСВОИ ОД 0 ДО…
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски…
Ужас во Охрид: Автомобил влета меѓу пешаци…
Стравична сообраќајка вечерва ја потресе Охрид –…
Сите ја плаќаме цената на иранските напади,…
Бенјамин Нетанјаху кажа дека целиот израелски народ…