Македонија доби интервентни возила од Чешка

t

Денеска (09.06.2022) министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со заменик шефот на Мисијата на Амбасадата на Чешка Република, Лубомир Пшенка присуствуваа во Полицискиот центар „Ѓорче Петров“ на промоција на возила набавени со донацијата од страна на чешкото Министерство за внатрешни работи и од Владата на пријателска Република Чешка.

Набавени се осум специјализирани интервентни возила за потребите на организационите единици во рамки на Одделот за специјални полициски операции во вредност од околу 14.240.000 денари, односно 6 интервентни комбиња за јавен ред и мир за потребите на Единицата за брзо распоредување и 2 возила за интервентни операции на САЕ „Тигар“. Пред присутните на пистата во Полицискиот центар „Ѓорче Петров” беше изведена демонстрација на брзо излегување и влегување, како и тактичко движење, а беа презентирани и техничките карактеристики на возилата.

„Оваа донација на Чешката Република претставува продолжение на процесот започнат уште во 2018 година, така што досега севкупно гледано, во рамки на донацијата, набавивме 31 ново возило за потребите на Министерството, по принципот на користење на финасиската донација за купување и одржување на техничка опрема во согласност со претходно договорените спецификации. Самиот тој факт, надополнет со низа други партнерски активности, меѓу кои незаобиколно е споменувањето на заедничките безбедносни активности со колегите од чешкото МВР на нашата јужна граница, уште еднаш го демонстрира тој широк опсег на билатерална соработка во повеќе безбедносни сегменти од взаемен интерес,” истакна министерот Спасовски.

Спасовски се заблагодари за континуираната поддршка што во сите години наназад Чешката Република ја дава на МВР, етаблирајќи се како еден од најзначајните поддржувачи и партнери на нашата држава, особено на патот кон полноправно членство во Европската Унија.

„Затоа сакам во оваа прилика уште еднаш, во свое име и во име на Министерството за внатрешни работи, да им се заблагодарам на нашите чешки пријатели за несебичната и сесрдна поддршка и помош, со длабока увереност дека и во годините што се пред нас ќе продолжиме заеднички да работиме на унапредување и продлабочување на нашето пријателство и соработката, што примарно е од интерес на националната безбедност како на двете земји, така и во поширок контекст на безбедноста на Југоисточна Европа”, подвлече министерот Спасовски.

Заменик Шефот на мисијата на Амбасадата на Чешката Република, Лубомир Пшенка, го поздрави денешното примопредавање на возила набавени од донацијата на Република Чешка и дадени на употреба на Единицата за брзо распоредување и САЕ„Тигар“ при МВР, а воедно изрази задоволство од соработката меѓу претставници на двете министерства за внатрешни работи, особено до министерот Спасовски и директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски.

„Неизмерна благодарност за успешно спроведување на сите активности за зачувување на јужната граница, каде чешките и македонските полицајци имаат можност да соработуваат и разменуваат искуства. Нашата поддршка на Министерството за внатрешни работи ќе продолжи и понатаму со цел проширување и продлабочување на взаемната соработка”, потенцираше Пшенка.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Македонската кујна на 47. место меѓу најдобрите…

Популарниот гастрономски портал за храна и патувања,…

Рекорден пад на вработените во текстилниот сектор…

Текстилниот сектор во Македонија се соочува со…

(Видео) Oдбраната на Мицевска со која обезбеди…

Голманката на македонската репрезентација Јована Мицевска беше една од…

Државата денеска се задолжува со уште 89…

За денеска се закажани две аукции на…

Меџити пред првиот меѓувладин состанок со Владата на…

Два дена пред меѓувладината средба помеѓу Македонија…