(Фото+видео) Херојско реми на Македонија ЃП со ЦСКА Софија: Реванш за седум дена
Фудбалерите на Македонија Ѓорче Петров одиграа одличен натпревар и ремизираа со фаворизираната ЦСКА Софија (0-0) во второто претколо за пласман во Конференциската лига на УЕФА. Откако се одигра рамноправен прв дел со по некоја шанса на двете страни, пресвртница беше црвениот картон на расположениот Матеус Лемос. Во продолжението бугарскиот состав повеќе ја имаше топката во нозете, меѓутоа не пронајде решение за гранитната одбрана на „лавовите“.
Предводникот на „лавовите“ Муарем Бајрами се реши за Стевковски меѓу стативите, Мишевски, Личина, Зука и Илиевски во последната линија, Адем и Емини на средината, а Лемос и Алексовски на крилните позиции, додека во нападот се најдоа Стојковски и Ѓурѓевиќ. Ѓорчепетровци отворија рамноправно, се надигруваа со поквалитетниот ривал и изгледаа одлично на теренот. Скопскиот тим ги имаше и првите закани по противничкиот гол, се обиде Сефер Емини од слободен, а потоа во транзиција над голот биеше Кристијан Стојковски.

Бугарите се консолидираа, се обидоа да се наметнат, меѓутоа одбраната на Македонија Ѓорче Петров беше на ниво. „Лавовите“ продолжија со истото темпо, цврста одбрана и напади преку транзиција, а имаа обид преку Личина по слободен удар. На спротивната страна единствената можност вредна за издвојување беше преку напаѓачот Назон кој откосо биеше крај голот на Стевковски. Во финишот на првиот дел ЦСКА можеше да материјализира невнимание на Илиевски, ама скопскиот голман беше присебен. Кога сите очекуваа крај на првиот дел, судијата Ван Дриш донесе во краен случај спорна одлука. Матеус Лемос Да Силва по еден дуел се судри со противнички дефанзивец и заработи втор жолт и црвен картон.
На стартот на второто полувреме Саша Илиќ го пушти во игра Туфегџиќ наместо Маурисио, а Бајрами принудно го пушти Самаке на местото на Сефер Емини кој се повреди. Бугарите имаа контрола на играта и една изгледна шанса која голманот Христијан Стевковски одлично ја скроти. Очекувано, домашниот тим повеќе размислуваше на дефанзива, а во игра влезе и Емир Скендери наместо Фахрудин Ѓурѓевиќ. Иако бугарскиот колектив беше поопасен, најзрелата шанса ја имаше Македонија Ѓорче Петров. Илиевси спаси топка на десната страна, па Стојковски ја упати во шеснаесетникот. Откако немаше реакција, до удар дојде капитенот Ермедин Адем кој биеше крај голот на голманот Бусато.
ЦСКА Софија беше без идеја како да го пробие бедемот пред домашниот гол, па пиров обид имаше Туритсов со удар од далечина. Бајрами уште двапати посегна по клупата, ги замени Алексовски и Стојковски со Мена Перез и Вања Вучичевиќ. Темпото на игра опадна во завршницата од дуелот, а тензијата се крена. Имаше многу прекршоци на средината од теренот и прекини во играта.
Во последните десет минути на двете страни имаше по обиди по центаршутеви со глава, за бугарскиот тим се заканија Туфегџиќ и Кратсев, а за македонскиот претставник одново биеше Адем. Завршницата беше брканица на теренот, ЦСКА Софија силно притисна и се обиде да дојде до победата, меѓутоа Македонија Ѓорче Петров одлично се одбрани. Во последните секунди од натпреварот скопскиот тим можеше и до победата, имаше слободен удар од изгледна позиција, ама одличниот удар на Мишевски заврши покрај стативата.
„Лавовите“ на Бајрами патуваат во Софија со активен резултат и со надеж за сензација. Реваншот е закажан за седум дена.
Извор: Гол.мк
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Повеќе од 40.000 туристи се заглавени во…
Будење со звукот на сирените за воздушен…
Левица Градско: Итна еколошка контрола поради загадувањето…
Во центарот на Општина Градско, под плаштот…
Трамп никогаш поостар: Ако го нападне САД,…
Американскиот претседател Доналд Трамп порача дека Иран…
(Видео) Аеродромот во Тел Авив во пламен,…
Израелските одбранбени сили (ИДФ) денес објавија дека…
ДУИ: Злоупотреби на средства од буџетот на…
УИ изразува длабока загриженост за најновиот скандал…