Великани на светскиот спорт: Фудбалскиот волшебник Зинедин Зидан-Зизу
Пред два дена фудбалската легенда Зинедин Зидан наполни 50 години. оваа колумна е посветена на тој голем фудбалер и тренер и на неговиот јубилеј – 50 години /ивот исполнест со фудбал, успеси, награди и среќа.
За фудбалската игра безмалку сите имаат свој приод, поглед, став, мислење за тоа што е добар фудбал, кој клуб е најдобар, која репрезентација треба да биде светски првак, кои се најдобрите единаесетмина на сите времиња и кој е најдобриот од најдобрите фудбалери. Социолозите можат многу нешто да кажат за овој спорт што ги собира, организира и раздвижува широките маси околу парче кожа наполнета со воздух, фудбалската топка, по која на фудбалско игралиште со зелена трева, трчаат две екипи од по 11 фудбалери и се обидуваат да постигнат гол. Притоа, во секој фудбалски натпревар, без разлика каде се игра, дали во некоја фавела во Рио де Жанеиро или Сао Паоло, во некое сиромашно предградие на Буенос Аирес, на маалското игралиште од нашата уличка, во некоја национална лига, на европски или светски шампионат, секогаш има многу страст, енергија, емоции и желба за победа и да се биде најдобар. Ех, таква е таа најубава споредна работа на светот. Секогаш има дилеми дали победил подобриот, кој е најдобар фудбалер и кој е најголем виртуоз на фудбалската игра.
Точно е дека во историјата на фудбалот постојат многу квалитетни фудбалери, но фудбалски виртуози како Зинедин Зидан, не се појавуваат секоја година на светската фудбалска сцена. Неговата перфектна техника и совршената креативност го поставија на светскиот фудбалски врв каде има место само за најдобрите и најголемите. А токму таков е живата фудбалска легенда на европскиот и светскиот фудбал Зинедин Зидан, популарно наречен Зизу. Тој не играше обичен фудбал. Напротив. Тој фудбалската игра ја издигна на ниво на уметност – фудбалска уметност од која милиони љубители на овој спорт се воодушевуваа. А тој, се разбира, беше и остана, уметник, кој на фудбалскиот терен ги исцрта најубавите фудбалски потези, додавања, голови и победи. Уште од времето на големиот и генијален Мишел Платини, Франција, Европа и светскиот фудбал немале толку талентиран, умешен и влијателен фудбалер. Со зачудувачка леснотија ја водеше топката, диригираше со играта, ги проигруваше своите соиграчи, даваше голови и ги совладуваше голманите на екипите против кои играше.
Со иста страст играше како за екипите на Кан, Бордо, Јувентус и Реал Мадрид, така и во националната селекција на Франција. Фудбалски волшебник, без разлика за кого и против кого играше. Без сомнение најголем играч на својата генерација. Меѓу најдобрите на сите времиња. Вистински фудбалски волшебник, кој на противничките фудбалери им ја криеше топката. Лидер на екипата и на терененот, лидер кој поседуваше извонредна индивидуалност и врвна брилијантност за играње фудбал. Тоа беа особините што од него направија победник и легенда. Неспорен беше неговиот талент, желбата да се натпреварува постојано присутна, залагањето на теренот огромно, а фудбалската умешност немерлива. Како што реков уметник, помеѓу занаетчии. Знаеше и можеше со еден генијален потег да го промени текот на натпреварот. Со дриблерските способности кога се пробиваше кон противничкиот гол, со прецизните проигрувања кон своите соиграчи, со генијално изведените слободни удари и со несекојдневните и прекрасни голови, противничките дефанзивни играчи, најчесто ги ставаше во изгубена шах-мат позиција и ги доведуваше до избезуменост и лудило.
Сите кои го гледаа како ја владее фудбалската топка и како диригира со фудбалската игра, ја препознаваа неговата доминантност и уживаа во генијалноста што ја покажуваше на теренот за време на играта. Задоволство беше да се гледаат неговите потези. Тоа не беа обични потези во фудбалот, туку потези на фудбалски магионичар. Спокојноста што ја имаше, фокусираноста на играта што ја покажуваше, фудбалската умешност што на теренот ја демонстрираше и головите што ги постигнуваше, истовремено беа предуслов, но и гаранција за освојување на сите можни трофеи на клупско и репрезентативно ниво. Со Јувентус во 1996 година ги освои Супер купот на Европа и Интернационалниот фудбалски куп, а следната година ги освои првенството и купот на Италија. Врвот на кариерата го достигна во периодот од 1998 до 2000-та, кога најпрвин со селекцијата на „триколорите“ го освоија Светскиот куп, а потоа ја освои и европската фудбалска круна. Со Реал Мадрид најпрвин стана првак на Шпанија, а потоа победи и во Лигата на шампионите, кога во 2002-та го постигна победничкиот гол со прекрасен волеј-удар со лева нога, од 16 метри, што е еден од најубавите голови во историјата на фудбалот. Од ФИФА трипати беше прогласуван за најдобар играч на светот(1998, 2000 и 2003 г.), во 1998 г. ја освои „златната топка“ на списанието „Франс фудбал“, а на светското првенство одржано во Германија во 2006-тата, беше прогласен за најдобар играч.
Дефинитивно тој е најдобриот светски фудбалер во последната деценија од 20 век и на почетокот од 21 век. Разликата помеѓу фудбалските ѕвезди и икони и добрите фудбалери е во пописот на нивните достигнувања и освоени трофеи. Преку сите овие остварени постигања и успеси и освоени признанија во фудбалот, тивкиот и скромен Зизу, се стекна со статус на врвна фудбалска икона. Фудбалски генијалец на кој му се поклонуваа, но и учеа од него, како Англичаните, кои го измислија фудбалот, така и Бразилците, кои го усовршија до перфекција. Како и нема да е така кога во финалето на Светското првенство, безмалку сам ги победи Бразилците предводени од „феноменот“ Роналдо, постигнувајќи два прекрасни гола со глава. Неговите Французи го славеа и обожаваа како фудбалско божество.
Жак Ширак, претседателот на Република Франција, за Зидан ќе каже дека е човек со срце и уверување и ќе го прогласи за национален херој. Францускиот филозоф Бернар-Хенри Леви, во престижниот Wall Street Journal, Зинедин Зидан го опиша како „Човек кој повеќе е обожаван од Папата, Далај Лама и Нелсон Мандела заедно, полубог, избран свештеник на новата религија и новото царство (фудбалот)“. Оваа мисла кажува сè за Зидан како фудбалер и за фудбалот што тој го играше. Тоа е момент кога филозофијата се поклонува на убавините на фудбалската игра и на генијалците кои ја играат, а несомнено еден од нив е и Зидан.
Фудбалската класа на Зинедин Зидан е вечна. Постоеше опасност по тој непромислен удар со глава во градите на Матераци и исклучувањето во финалето на Светското фудбалско првенство во Германија, неговата слава да биде намалена, а тој маргинализиран и заборавен, но за среќа тоа не се случи. И денес тој е идол на многу млади кои сакаат да играат фудбал како него. Тоа го потврдува и Карим Бензема, веќе ѕвезда на фудбалските терени ширум Европа и светот, кој вели: „Зидан е голем човек и фудбалер, кој секогаш ми дава совети кога ми се потребни. Се надевам дека ќе направам кариера слична како неговата и дека ќе постигнам приближен успех како неговиот“. Кога на ова ќе се додадат и неговите национални, европски и светски титули освоени како тременаџер и тренер на Реал Мадрид, тогаш сликата е целосна.
Можам само да додадам дека Зизу беше и остана фудбалер кој поседуваше фудбалска магија во нозете.
Пишува: Сотир Костов
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Левица: Владата на Мицкоски доделила државно земјиште…
Партијата Левица остро реагираше на одлуката на…
„Се прашуваш каде живее човекот“, вели Жерновски…
Според Евростат, последни сме во Европа по…
Калас: Русија денес нема шанси против ЕУ…
Русија годинава издвои повеќе за војската отколку…
Нуклеарниот часовник повторно отчукува: Светот се приближува…
Во најновиот годишен извештај на Стокхолмскиот меѓународен…
Алиу: Прво пребројување на паркинг местата во…
Новиот министер за здравство Азир Алиу, одговарајќи…