Џими Хендрикс – Вуду момче и херој на многу генерации

t

Светски икони – мода, филм, музика, стил(8.)

Џими Хендрикс – Вуду момче и херој на многу генерации

Денес навршуваат 52 години од прераната смрт на легендарниот музичар и култниот гитарист Џими Хендрикс. Тој е музичка икона од времето на хипи-движењето и славните шеести години од 20-от век. Само за четири години ги помина сите граници, ги измеша музичките стилови, испиша музичка историја и стана најдобар гитарист на сите времиња. Приказната за него всушност е приказна за неговиот раскошен талент на композитор и пејач, но и приказна за највиртуозниот гитарист на сите времиња. Тоа е приказна за брендот како гитара и приказна за гитаристот како виртуоз. А токму тоа беше Хендрикс – виртуоз и генијалец кој свири гитара, како некој од друга планета. Гитарата како да беше органски дел од неговото тело, а звукот излегуваше непосредно од најдлабоките лавиринти на душата на овој музички генијалец.

Хендрикс на светот не му покажа само се што може да направи со гитара во рацете (свирење зад глава, под клено, зад грб и со јазик), туку и на цела една генерација и покажа како да се бунтува против манипулациите и неправдата, како единствен пат да се освои личната слобода. Џими Хендрикс покажа дека бавењето со рок музика не е, не може и не смее да биде само обична забава. Тој докажа дека тоа е и лично жртвување. Многу често самиот знаеше да каже дека интересно е како мнозинството луѓе ја обожаваат смртта, а всушност, се раѓаш дури откако ќе умреш. Значи, мораш да умреш за да те ценат луѓето. Дали навистина е така?

Ова е мојата приказна за непрежалениот генијален гитарист чиј стил до денешни дни никој не успеа, ниту да го достигне, ниту барем приближно да го копира. Тој со својата смрт потврди дека мотото “Живеј брзо, умри млад“ сепак има превисока цена. Се појави во времето кога војната во Виетнам беснееше, на улиците во Далас беше убиен Џон Фицџералд Кенеди, а сексуалната револуција ја достигна својата кулминација. Токму тогаш музиката на Џими Хендрикс стана симбол на слободата и љубовта.

Неговата прва сериозна тинејџерска љубов била бела електрична гитара која на подарок ја добил од својот татко. Неговата мајка Лусил, која била Чироки Индијанка го родила на 17 годишна возраст, во 1942 година и му го дала името Џони Ален, додека татко му Џејмс Ален Ел бил на еден од фронтовите во Втората светска војна. Мајка му била алкохоличарка, поради што извесно време Џими живеел кај своите роднини во Калифорнија. Кога имал 13 години, татко му веќе разведен од неговата мајка му го променил името во Џејмс Маршал, а подоцна пред да се прослави тој го зема името Џими Хендрикс.

Слободно може да се констатира дека тој е една од најистакнатите ѕвезди на рокенролот, чија кариера беше метеорска, а музиката што ја свиреше, пред своето време. Со полн сјај, најпрвин блесна на настапите по ноќните клубови во Лондон, во првата половина на 1967 година, а потоа и на фестивалот во Монтереј во САД, на кој ја воодушеви публиката и израсна во икона на рокот. Тоа беше време кога рокенролот не беше само обична забава, туку се повеќе стануваше еден вид бегство од досадното секојдневие. Очигледно, тој имал непријатно детство, факт што подоцна ќе ја предизвика неговата потреба секогаш да биде во центарот на вниманието. Тоа внимание го нашол во љубителите на блузот, музика која сама по себе е создадена на приказна за човековата тага и патењето низ животот. Инаку, на музичката сцена во Лондон на крајот од 1966 година и почетокот на 1967 година, суверено владееја групите Битлси, Ролингстоунси и Ху, но и тројца врвни гитаристи – Ерик Клептон, Џеф Бек и Џими Пејџ.

Појавата на првиот албум на Хендрикс “Дали сте искусни“ (Are You Experience) и мега хитот “Хеј, Џо“ (Hey Joe), направија вистински дар мар на британската рок сцена. Сите важни лондонски ноќни клубови, во тоа време, бараа Џими Хендрикс да свири кај нив. Публиката лудуваше за мајсторот во бело одело, со шешир, на кој вообичаено имаше пердув од ној. Неговиот психоделичен блуз обожавателите ги фрлаше во транс, а тој како музичка атракција беше доволна гаранција за полни клубови. Подоцна, во Монтереј на 18 јуни истата година приказната се повтори, па така Хендрикс ја освои и Америка.

Врската меѓу гласната музика и бунтовништвото се покажала како безвременска во 60-тите години на 20-от век. Џими Хендрикс експериментираше со фонијата во неговите гитарски сола. Така тој ја доближуваше гитарата опасно блиску до засилувачот со цел да произведе фонија со високи крикови и врисоци. Со користењето на направи на вах-вах педалите и тремоло рачката, Хендрикс ги збогатил гитарата и рок музиката со цела нова сонична палета на звуци. Дефинитивно е точно дека тој свиреше со нечуена гласност и интензитет како никој пред него. На тој план тој соработувал со британските тон мајстори Џим Маршал и Роџер Маер во развивањето на гитарски засилувачи со голема моќност и со егзотични аудио ефекти. Познат е и по тоа што на својствен и специфичен начин ги правеше најголемите музички миксови во кои на звуците од блузот додаваше рок мелодии, а блуз мелодиите ги продлабочуваше со диви рок тонови.
На почетокот не беше сфатен, бидејќи тој одеше преку сите музички граници. Со тек на времето Хендрикс својот гитарски занает го разви на рок и блуз подлога позната како Делта Мисисипи Блуз. Тој асимилираше различни стилови на свирење и усовршуваше техники многу побрзо отколку било кој дотогаш. Многу добро е познато дека фокусирно гледал, внимателно слушал и по потреба учел и копирал се што требало од другите. Тоа пред се се однесува на кралевите на блуз гитарата Б.Б. Кинг и Алберт Кинг. Бил воодушевен од Боб Дилан, а неизмерно го почитувал и кралот на рокенролот Елвис Присли. Познат е по тоа што во Гринвич Вилиџ пред бела публика го изведувал своето црнечко шоу – неговото свирење на гитара кое било сериозен перформанс на неповторливо музичко доживување.

Сепак, тој на почетокот во Њујорк недоволно се вклопувал. Не беше доволно црн за Харлем, но и доволно бел за Гринвич Вилиџ. Изведувајќи некои свои песни Хендрикс себе се претставува како космичка сила која патува низ телото и духот, просторот и времето. Како таков публиката го перцепираше како музички бог. Во неговите гитарски перформанси на сцената имаше и примордијална еротика, сцени на древни клетви, цигански пророштва и интергалактичко заедништво (блуз-сешнот Woodoo Child). Всушност тој беше вуду момче (Voodoo Child) со најмоќен вуду имиџ кого обожавателите го прифаќаа како вуду свештеник, кој публиката ја води низ музика односно низ ритуали и церемонии.

Инаку, неговата музичка кариера достигна кулминација на Трите дена мир и музика, познати под името Вудсток (15-19 август 1969 година), каде тој изведе 16 музички нумери, а најмногу е запаметен по гитарската инетрпретација на химната на САД-Знамето искитено со ѕвезди, која, според зборовите на Ал Ароновиц, музички критичар на Њујорк Пост, претставувала најелектричен момент на Вудсток, а можеби и најголем музички момент на 60те. Можеме да кажеме дека колку и да настојуваше Џими Хендрикс да оддаде почит на своите црнечки корени (блуз и џез) поради белиот карактер на својата музика, тој правеше расчекор кој никогаш и самиот не го објасни. Тој експериментираше со музиката, така што непристрасно ги адаптираше сите форми со кои доаѓаше во контакт, почнувајќи од композициите на Џорџ Фридрих Хендел, преку џез басот на Чарлс Мингус, па до џез саксафонот на Џон Колтран. Така ги комбинираше афричкиот звук, европската хармонија и азиската полифонија. Не сакајќи да биде лимитиран со границите на рокенролот, ниту со своите музички преференции, силно се спротивставуваше на секоја можна категоризација и дефиниција на неговата музика.

(продолжува)

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Повеќе од 40.000 туристи се заглавени во…

Будење со звукот на сирените за воздушен…

Левица Градско: Итна еколошка контрола поради загадувањето…

Во центарот на Општина Градско, под плаштот…

Трамп никогаш поостар: Ако го нападне САД,…

Американскиот претседател Доналд Трамп порача дека Иран…

(Видео) Аеродромот во Тел Авив во пламен,…

Израелските одбранбени сили (ИДФ) денес објавија дека…

ДУИ: Злоупотреби на средства од буџетот на…

УИ изразува длабока загриженост за најновиот скандал…