Ванковска: Цел свет гледа кон Путин и можноста за нуклеарен Армагедон, кај нас главни се ДПМНЕ, СДС, Таче, Мицко
Професорката Билјана Ванковска на Фејсбук вели дека додека целиот свет гледа кон Путин и можноста за нуклеарен Армагедон, во Македонија главна тема се препукувањата меѓу власта и опозицијата.
– Вчера следев дебатни емисии на повеќе регионални и светски канали.
Тема на денот: одлуката на Москва да го зголеми своето присуство во Украина и можната ескалација на судирот до нуклеарен Армагедон. Во Македонија вестите на денот се исти со денови: ДПМНЕ, СДС, Таче, Мицко, историската комисија, ДУИ, Груби, Маричиќ и колку крка владата …
Ние не сме од оваа планета. Ние живееме во некој свој свет, или се вртиме во истиот ѓаволски круг ама на микро ниво. За тоа се виновни колку политичарите, толку и медиумите. Не’ држат во ментален затвор во кој тие ја диктираат агендата, програмата, забавата… Светот ќе отиде по ѓаволите ние нема ни да забележиме. А и струја ако снема и храна и останато – ќе речеме: да чува господ од полошо!, пишува Ванковска.
Рускиот претседател, Владимир Путин вчера во неговото обраќање до нацијата порача дека не блефира и дека доколку некој го загрози територијалниот интегритет на Русија, тие ќе се бранат со сите расположливи средства.
Иако не беше директно кажано, светот ја разбра пораката дека Путин нема да се двоуми да употреби нуклеарно оружје доколку биде загрозен територијалниот интегритет на неговата држава.