Зошто наместо функционална, имаме формална демократија?(2.) – Без демократија во партиите нема демократски развој на државата

t

Железниот закон на (партиската) олигархија

/Владеење на малкумината/

Произлегува дека објаснувањето на олигархискиот феномен, што е оцртан, делумно е психолошки: олигархијата значи потекнува од психичките проблеми што ги трпат водачките личности на партиите во текот на животот. Но исто така, па дури и повеќе, олигархијата зависи од она што можеме да го наречеме психологија на организацијата сама по себе, и тоа ќе рече, зависи од тактичките и техничките нужности, што се резултат на консолидацијата на секој дисциплиниран политички агрегат. Сведен на најконцизен израз, фундаменталниот социолошки закон на политичките партии, би можел да се формулира со следните зборови: “Токму организацијата ја раѓа превладата на избраните над избирачите, на мандаторите врз оние

што им го даваат мандатот, на делегатите врз оние што ги делегираат.

 Кој ќе рече организација, вели олигархија“.

Секоја партиска организација претставува олигархиска моќ втемелена врз демократска основа. Насекаде наоѓаме избирачи и избрани. Исто така, насекаде наоѓаме дека моќта на избраните водачи над избирачките маси е речиси неограничена. Олигархиската структура на зградата го задушува базичниот демократски принцип. Она што постои, го потиснува она што треба да биде. За масите, оваа суштинска разлика меѓу реалноста и идеалот останува тајна.

Роберт Михелс, Олигархискиот феномен на политичките парии

Политичките партии се камен-темелник на демократското општество и на демократската држава.

Без нив е навистина тешко, и речиси невозможно  да се изврши вистинската политичка мобилизација и интеграција на граѓаните,  да се изврши артикулација на граѓанските интереси,

да се формулираат јавните политики, да се регрутираат политичките лидери,

и да се организираат клучните политички институции во земјата – парламентот и владата.

Саво Климовски, Тања Каракамишева-Јовановска, Александар Спасеновски,

Политички партии и интересовни групи

Пред повеќе од 80 години Харолд Ласвел ја напиша книгата “Политика: Кој добива, што, кога, како?“. Оваа книга јасно и недвосмислено покажува на една вистина: во политиката се работи за победници и губитници. Сите политички системи, вклучително и перфектно демократските, не можат да бидат секогаш праведни за сите луѓе. Неизбежно, политиката некого фаворизира, а некого не. Оваа опсервација е многу важна од аспект дека е потребно да се открие кои политички партии и поединци најмногу профитираат од политичката борба во Македонија. Дали се тоа СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, или пак ДУИ, ДПА, ПДП(во минатото), а сега веќе и Беса, Алтернатива и Алијансата за Албанците? Уште поважно е зошто профитираат, како и на кој начин? (Џенет Батолф Џонсон, Х.Т.Рејнолдс, Истражувачки методи на политичката наука, Академски печат, Скопје, 2009).

Токму затоа изборите несомнено се фокус  на политичкиот живот и постојан предизвик на сите чинители учесници во тој политички живот. Најмногу за државните институции, за изборната администрација, за политичките партии, за медиумите и за домашната и меѓународната јавност. Тие се неизбежна тема за анализа преку опсервација на политичките категории, процеси, субјекти и нивните интеракции и појавни феномени и трендови. Во таа смисла и со право ги заслужуваат епитетите комплексен, разновиден и контрадикторен феномен.

Приметувате дека во корелација ги поставив Железниот закон на партиската олигархија/Владеење на малкумината, од Роберт Михелс, како “негативна слика“ и “Политичките партии и интересните групи“, од Саво Климовски, Тања Каракамишева-Јовановска, Александар Спасеновски, како “позитивна слика“ за политичките партии и нивната улога, место и функции во политичкиот систем на една држава. Ќе видете има и зошто, т.е. има основани причини.

6.

Во предизборниот период и во текот на самиот изборен процес вообичаено гледаме грда симбиоза на “црна пропаганда“ со негативна кампања. Повеќе се напаѓаа политичките противници, отколку што се афирмираа сопствените политики. Најчесто употребувано средство во кампањата е политичкото етикетирање, дезинформациите, и лагите за противниците, до ниво на стигматизирање и анатемисување. Таквата состојба најчесто предизвикува изборен “бумеранг-ефект“. Наместо да се добијат позитивни ефекти, да се мотивираат повеќе избирачи да гласаат, со цел да се освојат повеќе гласови, се случува спротивното. Тоа е правилото од “лошо“ и “лошо“ не можеш да добиеш “добро“, како што од ништо и ништо не се добива нешто. На генерален план тоа значи дека концептите на “црната пропаганда“ и негативната кампања, секогаш даваат домен на одбивање (latitude of rejection), во кој перцептивната комуникација поради негативниот контекст, најчесто продуцира изместено, искривено, а понекогаш и искривоколчено перцепирање, кое резултира со одбивност, а не привлекување.

7.

Политичките партии во Македонија на крајот од втората и почетокот на третата декада во 21от век, се соочуваат со низа нови предизвици, проблеми и состојби, кои од нив бараат нов начин на организирање, посовремено функционирање и испорачување на нови, иновативни и креативни јавни политики. Некои од тие предизвици, проблеми и состојби имаат корени во промените(успешни – неуспешни; целосни – нецелосни; формални – суштински; завршени – незавршени) на природата на општествениот и политичкиот систем. На тој план партиите досега не се снаоѓаат најдобро и најефикасно.

8.

Партиите во Македонија навлегоа во еден неповратен процес на опаѓање. Тоа опаѓање има идејни, организациски, изборни, културни и институционални симптоми и причини, кои никогаш и никој досега во Македонија темелно и докрај ги нема истражено и анализирано.(Такво нешто ќе биде направено во книгата “Политички партии во Македонија – владеење, покровителство, пад“, која ќе биде објавена до крајот на 2022г.)

9.

Партиите во Македонија се маргинализирани на теренот кај гласачкото тело, имајќи ја во предвид нивната добра позиционираност во периодот 1990 – 2011г. Зафатени се од синдромот: “Лидерот станува партија; Партијата станува лидер. Лидерот станува држава“, со што се враќаме во времето на Луј XIV и “Државата тоа сум јас“. Следствено, краен штетен симптом на оваа штетна и недемократска појава е јасното физичко пропаѓање на партиите на терен. Јасно е дека не постои само една форма на партиска организација, ниту пак идеална форма на партиско организирање. Уште појасно е дека сите партии се во потрега на нов modus operandi на организирање на членството и комуницирање со гласачите. Најголема пречка во тој процес е партиската бирократија која ја има контролата врз зоната на организациска сигурност и затоа е многу моќна и влијателна, како врз членството, така и кон лидерот.

10.

Партиите, кога ја практикуваат власта, се повеќе имаат голема примарна позиција во јавните служби и јавните претпријатија, што доведува до стекнување на неконтролирана моќ и нивна картелизација. Тоа е феноменот на parteienstaat или partitokrazia ситуација во која политичките партии доминираат над државата и ги потчинуваат главните сегменти на институциите и општеството, од типот на јавна администрација, јавни претпријатија, образование, здравство, социјала, медиуми и сл. Од оваа болест најпрвин беше зафатена СДСМ (од периодот на “Сојуз за Македонија“ – 1994 – 1998г. и од 2017 до денес), подоцна и ВМРО-ДПМНЕ (период 2006 – 2014), а ДУИ е во перманентна parteienstaat состојба од 2002 до денес. Во нив главен збор имаат партиските елити кои се стекнуваат со голема, дури нереална моќ (партиска, државна, политичка, економска, финансиска). Тоа е сотојба на симбиоза на партиски и државен естаблишмент.

11.

Слабеење на чувството на идентификација со партиите, како на членовите, така и на симпатизерите и гласачите. Се повеќесе присутни чувства на одалеченост кон политиките на партиите. Кога оддалеченоста ќе биде придружена и со забележлив неуспех во изборната трка, тогаш таа се развива и во чувство на отуѓување и недоверба. Краен резултат на сето ова се маргинализирани членови на партијата и запоставени гласачи и неводење грижа за нивните проблеми и отсуство на понуди за ефикасно решавање на истите.

12.

Се почести се исклучувањата или напуштањата на членови од партиите, како резултат на разочараност, фрустрации или грешки. Од тој аспект партиите се во длабока криза и се побројни и почести се барањата за бројни промени: организациски, феноменолошки, функционални, од една страна. Но и промени во нивните интеракции и врски со државата и разновидните интересни групи од цивилното општество, според димензии, опсег и тежина.

13.

Партиите ја изгубија својата легитимност кај три вида на гласачи: независните гласачигласачите со помал интерес за политиката и гласачи со помало познавање на политиката. Тие пред овие сегменти од избирачкото тело се дискредитирани, така што тие веќе не се нивни сојузници.

14.

После се, политичките партии во Македонија, веќе не се доволно ефикасни главни посредници помеѓу гласачите и нивните интереси, од една страна, и институциите за донесување одлуки, од друга страна. Во голема мера зачепени се каналите на политичка интеракција помеѓу “цивилното општество“, кое е во криза, и “државата“, која исто така минува низ институционална криза.

Веднаш под насловот го претставив “Олигархискиот феномен на политичките партии (Железниот закон на партиската олигархија)“, од Роберт Михелс, од причина што мислам дека токму тој феномен ни се случува денес, во парламентарниот систем на демократија во Македонија. И секако, да појаснам, не дека политичките партии во Република Македонија, ништо не покажаа од своето појавување на плуралната сцена и дека се тотално неуспешни. Напротив. Почетокот беше блескав, со многу елан и огромна енергија. Се конституира Собрание, се избра претседател на истото, се избра претседател на Република Македонија(од втор обид), од втор или трет обид се избра потпретседател на Претседателот на Р.М., се спроведе Референдум за независност, се донесе Уставот на Р.М., се донесоа три Декларации за сувереност, независност и меѓународно признавање на Р.М.(три декларации), се состави првата “експертска“ влада, и тука некаде заврши првата успешна фаза од дејствувањето на политичките партии во Македонија.  Веднаш потоа проблемите, домашни, на внатрешен план, и меѓународни, надоаѓаа еден по еден, и ретко кој од нив, успешно и целосно, беше решен. Како најголеми проблеми се покажаа меѓупартиските неуспешни договори, неискрениот дијалог, и отсуството на политичка сериозност и одговорност при настапите и решавањето на државните и националните прашања.

На овој феномен го спротивставив видувањето на нашите тројца автори, кои во нивната книга даваат слика, реална и идеална, за тоа како треба да се одранизира една партија, како да дејствува, што да работи, и како да ги сработува задачите што ги поставува политичкиот систем и општеството во целина.

Е сега, дали состојбата на овој план, кај нас во Македонија е “црна“, “бела“, “црно-бела“ или јас би рекол “драп во штрафти“? Одговорот е повеќе од очигледен. Само ни треба соодветна диоптрија за негово перцепирање и восприемање.

(продолжува)

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

„Севернизација“ во Собранието: Од 41 закон се…

Владата и министерствата ја бетонираат „северна“. До…

Пожар изби во Ајфеловата кула во Париз,…

Во тек е евакуација на Ајфеловата кула…

Кривична пријава за даночно затајување за сопственик…

Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава…

Кривичен ја одби жалбата за притвор на…

Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје…

Владата со препорака Службен весник да ја…

Транспарентна влада е силна влада! Еден значаен…