Македонија не смее да биде промоција на фашизмот: Демократски сојуз повикува на одговорно однесување на Владата
Демократскиот сојуз најостро осудува формирање здруженија на граѓани преку кои се враќа и афирмира фашизмот на територијата на Македонија.
Уставно право и слобода е граѓаните, без разлика на нивната етничка, верска или партиска припадност, да се здружуваат за афирмација на културни, идентитетски, јазични и други обележја, но не смее да се регистрираат здруженија со имиња на познати фашисти, сојузници на Третиот рајх, соработници на Хитлер и негатори и асимилатори на македонскиот народ, како што се Цар Борис Трети и Иван Михајлов.
Не сме против афирмација на националните обележја на Бугарите во Македонија, но не е случајно што тоа се прави со здруженија кои носат имиња на фашисти, поради што со право ќе не третираат како држава која доживува повампирување на фашизмот.
Цар Борис Трети е водач на фашистичката армија која ја окупира Македонија и познат е како „Цар Обединител“ на Бугарија, чија окупаторска власт врши злосторства и со терор спроведува процес на бугаризација на Македонците за време на Втората светска војна. Оттаму, со афирмацијата на неговото име се промовираат територијални претензии кон Македонија и се навредуваат чувствата на Македонците.
Со понижување на Македонците, Евреите, Ромите и сите други слободољубиви граѓани кои страдаа за време на фашистичката окупација во логорите на смртта во Треблинка или во затворите и полициските участоци, не може да се градат добрососедски односи помеѓу Бугарија и Македонија.
Демократскиот сојуз со индигнација ја отфрла и изјавата на Министерството за надворешни работи, која ниту е европска ниту пак значи афирмација на човековите права и слободи со формирање здруженија со имиња на фашисти и непријатели на македонскиот народ.
Демократскиот сојуз повикува на одговорно, разумно и државничко однесување на Владата во целина и на министрите.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
ЕУ и САД исплашени: Заедничкиот настап на…
Неодамнешната заедничка изјава, усвоена од Русија и…