Зошто наместо функционална, имаме формална демократија? (8.)Поенти, ставови, констатации, заклучоци и предлози

t

Зошто наместо функционална, имаме формална демократија?(8.)
/Поенти, ставови, констатации, заклучоци и предлози/

Вистинската демократија подразбира култура на законие
Културата на беззаконие мора да биде напуштена и уништена

Да ја напуштиме “демократијата на низок интензитет“
Стоп за културата на беззаконие!
Да, за културата на законие!
Неопходна е итна ревитализација на институциите

Во претходната колумна ви ги презентирав првите осум поенти, заклучоци и предлози за подобрување на македонската формална демокарија. Денес ви ги претставувам следните седум(од 9 до 15).

9.Повеќе од неопходна ни е култура на законие. Тоа е култура на закон, која се спротивставува на културата на беззаконието. Гледаме дека криминалот и корупцијата се најголема закана за демократијата. Демократијата може да ја спаси само владеењето на правото. За такво владеење потребна е култура на законие. Тоа е стриктно почитување на законите и имање целосна доверба во правниот поредок (Слаѓана Тасева, Миодраг Лабовиќ, Бранислав Саркањац и др., Култура на законот наспротив корупцијата, ФОРУМ-ЦСИ, Скопје, 2002) . Културата на законие е култура што енергично се спротивставува на беззаконието. Да се потсетиме: тоа е исто како што своевремено во Италија, Сицилија, cultura della legalita и објави војна на cultura della mafiosita.
Нема владеење на законите(правото) без култура на законието. Основните столбови на оваа култура се граѓанството, општествената заедница и општата и политичка култура. Треба да се има верба во законот и во правдината, која доаѓа од разбирањето на смислата на суштината на законот и правото.

10.Во последните 20 години ни се случува синдром на “антиопштествен дух“ на општествените групи што учествуваат во власта (Македонци и Албанци), кој се изразува во наметнување на сопствените интереси, кои се премногу себични и премногу посветени само на остварување на сопствените интереси. Ваквиот дух промовира матрица на “изолирање и ексклузивност“, наместо да се спроведува, негува и развива комуникација со сите општествени групи, што значи, покрај Македонци и Албанци, рамноправно со нив и Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци и останати кои живеат во Македонија. На тој начин ќе се создаде инклузивната матрица, која го надминува ексклузивитетот, а ја јакне партиципацијата и активната ангажираност на поголем број луѓе во граѓанските и општествените процеси и односи.

11.Подолго време сме држава која ги губи своите демократски принципи, што доведе до губење на содржината и есенцијата на демократијата – правниот карактер, граѓанската опција и институционалната стабилност. Државата, власта во неа и институциите со кои таа управува, веќе неколку изборни циклуси не успеаваат на граѓаните да им обезбедат политичка стабилност, економски просперитет и социјална сигурност. Наместо вистинска демократија имаме формална демократија, која најчесто е покритие за постојната анархија, беззаконие, лажниот плурализам, самоволието на политичарите од власта и на економските моќници-олигарси. Сведоци сме на недефиниран политички легитимитет на тие што владеат(често избрани со манипулации со избирачкото тело), што е аномалија во нашата демократија, која осетно ги намалува шансите граѓаните-избирачи да бидат во средиштето на општествената активност и општественото живеење, како и активно да учествуваат во градењето на држава со демократски систем прилагоден на нивните потреби и интереси. Неопходноста од надминување на оваа “демократска аномалија“ е повеќе од неминовна.

12.Граѓаните се чувствуваат препуштени сами на себе и се немоќни да се борат против аномалиите и парадоксите на системот и власта. Во таква состојба најчесто и во најголема мера тие се потиснати и маргинализирани од интригантите, безобѕирните, манипулантите, медиокритетите – од луѓето без достоинство и чест. Тоа кај нив раѓа чувство на немоќ, што резултира со повлекување во пасивност и интровертност. Во услови на општествена аномија, голем број граѓани разочарани и резигнирани апстинираат од јавниот општествен живот. Тоа води кон Фромовиот синдром “бегство од општествената заедница“, што истовремено е и “бегство од сопственото јас“. Вистинската демократија бара во нејзиниот фокус на интересирање да бидат граѓаните како партиципиенти на сите нејзини односи и процеси.

13.Неопходна е ревитализација на институциите, меѓу другото и со граѓанска обнова, т.е. граѓанска вклученост, пред се во локалните заедници, а секако и на регионално и државно ниво, со фокус врз моралната обнова и врз развивање на фундаменталните верувања што ја прават демократијата можна. Сите релевантни експертски изтражувања и испитувања на јавното мислење покажуваат дека довербата на граѓаните во институциите на државата(судови, обвинителства, собрание, влада, полиција, образование, здравство) е на најниско можно ниво, што е незавиден факт за демократијата и политичкиот систем во Македонија кои сакаат да ги добијат епитетите напредни, модерни и ефикасни.

14.Партиската политика и лидерите на партиите ги поделија локалните заедници и од нив создадоа верски и етнички енклави(Арачиново, Сарај, Зајас, Кичево, Тетово, Чаир, Струга). Во нив, но и во многу други општини, евидентно е постоењето на негативниот феномен социјална дистанца(степен на разбирање и психолошка блискост/одалеченост во однос на различните поединци или групи), а во тој контекст и етничка дистанца(ниско ниво на блискост/оддалеченост помеѓу припадници на различни етникуми).
Инаку, се започна со “негативниот изборен ефект на гласање“. Под поимот ефект подразбираме размислување, однесување, одлука и дејствување(излегување или не на гласање) на избирачите. Се мисли на ниво на поединец, интересни групи и целото избирачко тело. Исто така треба да се замат во предвид и изборната атмосфера, сефкупната атмосфера во општеството, емоционалните процеси, разбирливоста на пораките и конзистентноста на комуникациите, а особно содржината и естетските моменти на пораките. Сите тие добро измиксани, по природен пат, но и диригирано и исилено, дадоа “негативен изборен ефект на гласање“.
Зошто и како се случи тој феномен? А богами и како да се објасни истиот? Одговорот лежи во дејствувањето на феноменот (теорија) “когнитивна дисонанца“, поставена од Леон Фестингер(Михаел Кунчик, Астрид Ципфел, Вовед во науката за публицистика и комуникации, Фондација „Фридрих Еберт“, Скопје, 1998). Тој поим, таа состојба, е еден вид на психичка состојба на напнатост (стрес, страв, притисок, двоумење, недоверба) која настанува кога когнициите(знаењето, мислењата, убедувањата, ставовите) и однесувањето на човекот не се согласуваат, што значи не се конзистентни. Овде се мисли, како на политичарите, лидерите и кандидатите, така и на гласачите поединци, групите и целиот електорат. Во таква една контрадикторна состојба (се мисли на пандемијата од ковид-19 и севкупната криза – економска, политичка, социјална, морална) одлучува субјективната перцепција, одлука и реакција на поединецот. Станува збор за повеќеслојна дискрепанца: помеѓу ставот, дискурсот и однесувањето на тој што ја праќа пораката, но и за дискрепанца помеѓу ставот на избирачот и неговата одлука да гласа или не.

15.Политиката и државата ги изгубија младите. Младите се разочарани од граѓанскиот живот и општествениот живот во целост. Едни(голем број) ја напуштија државата во потрага по подобар живот, а други се повлекоа од општествените односи и врски надвор од кругот на своите најблиски пријатели и семејства.

16.Проблемот на не ангажираност на младите е проблем кој истовремено е когнитивен и мотивациски. Тие имаат потреба од систем на вредности што ќе ги освојат и нивните срца и нивните умови. На младите не треба ништо да им се ветува, туку непосредно да бидат влучувани во институциите на државата и активни во формите на граѓанската партиципација.
Во таа смисла, не е вистинското прашање дали во нашето општество може да се одржи демократијата. Круцијално прашање е дали ваквата демократија, чии актери се забеганите неодговорни и неморални елити, заслужува да биде одржана. Недостасува морална цврстина, морална принципиелност и морална храброст, чесност и почит кон противниците и избирачите (Кристофер Лаш, Побуна на елитите – и издајство на демократијата, Светови, Нови Сад, 1996)

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Мицкоски: Гајбата пред кооперација е поудобна од…

Претседателот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан…

Апасиев ги избрука! Не работи канцеларијата за…

ПОТЕМКИНОВИОТ СВЕТ НА ВМРОИДИТЕ (или "Како функционира…

Доаѓа невреме во Македонија

Во нашата Република Македонија се до петок…

Што се случува во РЕК Битола, врие…

Во моментов огромно полициско присуство има во…

Откако цела Македонија ги виде заканите кон…

Дел од родителите на починатите во трагедијата…