Зошто наместо функционална, имаме формална демократија?(9.) Поенти, ставови, констатации, заклучоци и предлози
Граѓанско општество и правна држава за демократизација на македонскиот плурализам
Ќе започне ли еднаш демократскиот јавен дијалог?
Потребни ни се слободни, независни и објективни медиуми
17.Партиите, преку своите акции и целокупно дејствување треба на младите да им пренесуваат пораки за демократијата, духовноста, патриотизмот. На тој начин кај нив ќе ги поттикнат иницијативноста, имагинацијата, инвентивноста и креативноста. Со нови млади генерации во политиката, имаме шанса да оствариме најдобра можна демократија. Демократија која ќе го достигне врвот. Тоа со маргинализирани државни институции, поради коруптивното однесување на партиите на власт, непотизмот и кронизмот, на сегашните политички структури, тешко дека ќе го постигнеме. Она што во актуелниот миг ни е потребно е демократизација на самата демократија.
Политичките партии морат да се навикнат многу повеќе и уште подобро да соработуваат со граѓанскиот сектор. Во таа смисла охрабрувањата за силна граѓанска култура се неопходни и повеќе од потребни – сега и тука. Само така граѓанската сфера ќе биде поттикната од власта, која пак од своја страна таа е нејзина културна основа. Кога на овој двоен сооднос власт/влада – граѓански сектор/граѓанско општество, ќе се додаде и економијата, го добиваме триножното столче на демократијата за кое зборува Ентони Гиденс, и додава дека тие треба да бидат урамнотежени(Ентони Гиденс, Забеган свет, Филозофски факултет, Скопје, 2003).
18.За младата популација политиките на партиите треба многу повеќе да обезбедат критичка комуникација во врска со прашањата на културата и моралот. Се треба да започне со изборите, изборните кампањи и политичката култура практикувана во нив. Треба да се напуштат спинувањето, невистините, и нереалните ветувања, бидејќи со спин техниките и изборната понуда и продажба на изборни бенефити, се замаглуваат постојните горливи проблеми (корупција, невработеност, организиран криминал, непотизам, исселување на младите). Значи, со право може да се констатира дека политичкиот маркетинг, сеуште, во најголема мерка, е tera incognita, за најголемиот број политички партии и нивните советнички тимови. И тоа не е се. Политичарите, и понатаму се еден вид persona non grata во вистинскиот свет на политички маркетинг во кој има креативна содржина и политичка есенција, а не само празна форма или разубавена фасада.
Неопходен е повеќе содржаен социјален маркетинг, а помалку, или сведен на минимум, море и зиро ниво, зашекерен (нереално разубавен) и блазиран (рамнодушен, заситен, затупавен) изборен политички маркетинг. Само така изборите и изборните кампањи ќе бидат во функција на демократските процеси, и наместо да ги загрозуваат, ќе ги развиваат.
19.Политиките на политичките партии треба многу повеќе да се потпираат на убедувања за да уверат, а не врз принуда за да потчинат, во смисла на дисциплинираност и послушност. Ова особено важи за нивниот однос кон граѓаните-избирачи. Со тек на годините политичките партии во Македонија или намалуваа цензуси за да имаме успешни избори (претседателски и за градоначалници) или се соочуваа со постепено намалување на излезноста, а зголемување на апстиненцијата на избирачите на денот на изборите. Еве еден краток преглед на процентуална излезност на парламентарни избори: 1990г. – 84,8% излезност(прв круг) и 76,8% излезност (втор круг); 1998г. – 72,9% излезност (прв круг) и 69,4% излезност(втор круг); 2006г. – 55,98% излезност; 2008г. – 57,99% излезност; 2011г. – 63,48% излезност; 2014г. – 62,96% излезност; 2016г. – 66,79% излезност; и 2020г. – 52% излезност. Никој не зборува за овој тренд кој сега веќе е непобитен факт. Сите политички чинители како да го премолчуваат или маргинализираат. Зошто? Од едноставна причина што тој е првиот индикатор за поткопаниот легитимитет на избраните политичари и на победничките партии или коалиции, но и на владеачките политички структури.
Прв чекор за подобрување на оваа незадоволителна состојба е неопходноста партиите на надворешен план да практикуваат јавен демократски дијалог, во вистинска смисла на зборот, а не декларативно.
Истовремено на внатрешен план конечно да ја воведат внатрепартиската демократија и постојано да ја негуваат и развиваат.
20.Јавните политики мора да создадат систем на образование на државно ниво кое ќе значи вистинска поврзаност на истото со демократијата, т.е. едното ќе го унапредува другото и обратно. Потребно е образование кое ќе е придвижувач на реформирање на општеството. Таквиот вид на образование ќе ги шири контактите помеѓу поголем број различни луѓе, и ќе ја намали ексклузивноста на привилигираните групи.
21.Демократските вредности и навики мора да се предаваат и да се во центарот на вниманието на образованието и да се пренесуваат низ секојдневниот живот во нашето општество, низ нашите државни институции, нашите медиуми, нашите граѓански здруженија, низ деловните субјекти и низ многубројните други субјекти што на граѓаните им овозможуваат меѓусебно да опстојуваат во интеракција и да поседуваат чувство на вклученост, ангажираност и корисност. Неопходно е во иднина низ процесот на образование и социјализација да се создаде критична маса на добро образование, граѓански либерално ориентирани луѓе кои веруваат во демократските институции и ги знаат своите права и обврски. Граѓаните мора да бидат добро информирани, активни и да веруваат дека нивната улога во политичкиот процес е важна и влијателна. Граѓаните треба да бидат доволно силен глас кој ќе бара одговорност од власта за нејзините одлуки, и само така и никако поинаку ќе бидат достојни репрезенти на граѓанската култура во демократијата. Тогаш можеме да сметаме дека шансите за демократската стабилност на македонското општество не се мали и можат македонската демократија да ја издигнат на едно повисоко ниво. Најдобра заштита на едно демократско општество се квалитетно образовани граѓани, вклучени во демократските односи и процеси на општеството – граѓани кои со директно учество и ангажираност ја создаваат и развиваат демократијата. Така ќе добиеме добри и вклучени граѓани во ангажирано граѓанско општество со развиена демократија (“Да се создаде општество во кое ќе владее народот е секако корисна работа, но знам дека уште покорисно од тоа е да се одгледа – воспите, образува – народ за таков вид на владеење“ Жан Жак Русо).
22.Власта во секоја држава, па и во Македонија треба и мора да се контролира преку интернализација и афирмација на либералните принципи и демократската практика. Нејзините институции се ограничуваат со уставни средства кои не треба да важат само на хартија, туку неопходно е да се спроведуваат и во реалниот живот. Доколку сакаме вистински да биде контролирана власта, таа мора да биде стриктно поделена, (законодавна, судска и извршна) и да биде насочена да функционира низ системот на “пречки и рамнотежа“, а владеењето на правото, демократските “правила на игра“, и почитувањето на човековите права и слободи да се приоритетни на секој поединец, државна институција, од политичките партии, на власт и во опозиција, и на секој деловен правен субјект без исклучок.
23.Медиумите треба конечно да станат слободни и независни (од партиските и сопственичките структури), професионални и објективни. Сведоци сме дека власта (без разлика дали се работи за СДСМ, ВМРО-ДПМНе или ДУИ) преку медиумите врз кои има влијание, создава слика за реалноста, “медиумска реалност“, која е од големо значење за однесувањето на луѓето и донесувањето на нивните одлуки. Но, не треба да се занемари дека таа слика на реалноста е искривена и не е реална, т.е. вистинита. И уште нешто. кога ќе се претера со оваа “реалност“ тогаш доаѓа до една друг феномен – синдромот videomalaise – состојба на недоверба помеѓу медиумите, политичките партии и гласачите. Така добивме разочарани, апатични и незаинтересирани гласачи за учество во политичките процеси. Тоа што западните демократии (САД, ЕУ) го преживуваа во касните деведесетти години од минатиот век и во две илјадитите, денес со големо задоцнување го имаме и кај нас, во македонската политика. Тоа е ситуација на videomalaise – состојба во која има едно чувство на недоверба помеѓу медиумите, политичките партии и граѓаните-избирачи. Се изразува како незадоволство со начинот на кој медиумите ги пратат политичките процеси и во тој контекст, како преку нив се претставуваат политичките партии и нивните кандидати во изборната трка. Оваа појава поодамна е појавена кај нас, но не така многу изразена. Бранот на незадоволство беше резултат од отсуство на сериозна политичка расправа за горливите проблеми, а пренагласеното присуство на сензационализам и не професионално известување на медиумите. Избирачите постепено се разочаруваа, стануваа апатични, а на овие избори дури и очајни и се одлучија за апстиненција и не учествување во
изборните политички процеси.
Недозволено е медиумите и понатаму да бидат сведени на обични трансмитери и “навивачи“ на политичките опции. Повеќе од потребно е да станат вистинско “око на јавноста“, кое гледа и пренесува се што се случува во државата и општеството.
24.Демократска формула за претворање на демократски закоченото и инхибирано општество би можела да биде следната:
а) Граѓанско општество ослободено од стегите на политичка корупција, кронизам и непотизам на партиите;
б) Компетентна научна, академска и стручна јавност;
в) Слободни и независни медиуми и
г) владеење на законите (а не на политичарите и партиите) во сите сегменти на општеството и државата и подеднакво за секој еден поединец, без разлика на статусот. – Правна држава во вистинска смисла на зборот. Почетниот чекор кон остварување на овој демократски идеал се слободни, демократски, фер и кредибилни избори, во суштинска, а не формална смисла.
Сотир Костов
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Филипче: Наместо економски бум, Македонија тресна на…
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, вечерва укажа…
Украина дозволи двојно државјанство за справување со…
Парламентот на Украина денес усвои нов закон…
Евакуирани дел од американските дипломати во Израел
Двајца американски претставници велат дека владин авион…
Филипче: Скопје е затрупано со ѓубре, Мицкоски…
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, се обрати…
Утре ќе има боево гаѓање кај делчевското…
Поради боево гаѓање со огнено оружје, утре…