Светски икони – мода, филм, музика, стил(9.) Џенис Џоплин – некрунисана кралица на блузот и хипи движењето
Светски икони – мода, филм, музика, стил(9.)
Џенис Џоплин – некрунисана кралица на блузот и хипи движењето
Само си тоа со што се согласуваш да бидеш
Џенис Џоплин
Џенис Џоплин е битник-девојка од Порт Артур, Тексас, САД. Таа е хероина на контра-културата. Можеме да ја дефинираме како мешавина на самодоверливо музицирање, дрска сексуалност и природно слободоумно однесување. Од тој извонреден микс се изнедри првата американска и светска рок-ѕвезда. Се појави на рок сцената, направи засврт и се промени. Олицетворение е на некрунисана кралица на блузот и хипи движењето. Најталентираната пејачка на сите времиња. Прва и ненадмината женска легенда на рокенролот. Девојка која на музиката и даде се, а од неа доби така малку. Нејзиниот прекар е Prl (бисер). Најблескав бисер на музиката. Затоа, едно е сигурно: Таа е највпечатливата членка на ‘’Трагичниот клуб 27’’, порочни спринтери кои долгопругашките дисциплини, каков што е животот, нешто посебно не ги интересираа, бидејќи согореа во славата до својата 27ма година. Друштво во тој трагичен клуб и прават Џим Морисон, Џими Хендрикс и Џејмс Дин. Таа прерано почина, но нејзиниот апсолутно неповторлив вокал и бесмртните хитови испеани од неа Cry Baby, Mercedes Benz, Piece of My Heart и неверојатните интерпретации на Summertime и Me and Babby McGee, ја променија историјата на музиката, а нејзе ја воведоа во вечноста.
Родена е во Тексас, градчето Порт Артур, каде никогаш не се чувствувала среќна. Во училиштето соучениците ја навредувале, ја исмејувале бидејќи била премногу дебела, а според некои и грда, па од тие причини многу рано го напушта својот роден град. Растела неприлагодена во зафрлениот Тексас и имала силна желба нешто да направи од себе и побегне од духовната пустина со која била опкружена. Подоцна, кога ќе стане славна ќе изјави дека основна причина за тоа било што со главата и мислите била на сосема друго место, и ќе додаде дека што и да се случувало, не се случувало таму. Рано почнала да се занимава со сликарство, воглавно се дружелa со бунтовници, а ја интересиралe претежно неконвенционални работи.
Како многу млада се одважи да биде поинаква. Различна од другите. Одела боса и на бината исто така настапувала боса кога тоа и се допаѓало. Носела левиски бидејќи во нив се чувствувала поудобно, а на Универзитетот на предавања одела без брусхалтер. Негувајќи го својот бунтовен дух, Џоплин, од една страна, се угледа на големите херои на блузот, а од друга страна, на декадентните бит поети и писатели. По заминувањето од Порт Артур продолжува да живее во Сан Франциско, каде сериозно почнува да се занимава со музика. Пеењето блуз и изгледало како најдобар излез. За жал нашла и други излези како што е лажниот сјај на дрогирањето. Повремено употребувала хероин, најчесто еден бурбонмикс таканаречен ‘’јужњачка утеха’’, а си поигрувала и со други психоактивни супстанци, па така ќе остане запаметена како прва јавна личност која се навлекла на метамфетамин.
Се памети нејзиниот впечатлив настап во салата Авалон, во Сан Франциско на 4ти јуни 1966 година, заедно со бендот ‘’Big Brother and the Holding Company’’. Тогаш, никој не помисли, ниту предвиде, дека наредните 4 години ќе бидат целиот нејзин живот што и преостанува. Следната година, после спектакуларниот настап на фестивалот во Монтереј целото хипи движење ќе биде воодушевено од неверојатниот глас на Џоплин, кој ќе биде прогласен за талент кој не познава граници. За тоа што Џоплин го изведуваше на бината во Монтереј, слободно може да се каже дека белиот свет на рокот никогаш порано ниту видел ниту слушнал нешто слично. А таа самата за Монтереј велеше дека е најдобар фестивал и дека никогаш и ништо слично нема да се повтори.
Таа беше толку моќна и толку поинаква од другите. На публиката и ги даваше сите свои емоции. После тој настап ја нарекоа најдобра рок пејачка што дотогаш е видена. Нејзината спонтаност, природност и сексуалност се покажаа како неодоливи. Едноставно, после тој настап, таа стана вистински рок супер стар. Џоплин, исто како и Елвис, одбиваше да ги почитува границите што општествената заедница ги наметнуваше. Елвис на белите момчиња им даваше можност да изгледаат како мачо одметници, а Џоплин со својот провокативен секси стил на белите девојки им понуди широк дијапазон за изразување.
Џенис Џоплин буквално постојано беше на ивицата на сечилото. Реално, самата беше ивица на мечот која сечеше. Целиот нејзин живот е мечтаење, желба, очај и оттуѓеност. Љубовниот живот на Џенис Џоплин,
иако секогаш врз себе имал сенка на катастрофа, бил прилично богат, или поинаку кажано вклучувал многу личности – воглавно момчиња, но и по некоја девојка. Позната е нејзината кратка романса со пејачот, поетот и секс симболот Џим Морисон, како и љубовната врска со Крис Кристоферсон, славниот кантавтор и актер, кој е автор на една од песните кои Џоплин ја издигнаа во ѕвезда – Me and Babby McGee. Инаку била верена два пати: првиот пат со Питер Де Бланк, а вториот пат со Сет Морган, нејзиното последно момче, кое било 6 години помладо од нејзе.
Позната е по тоа што јавно го игнорираше државниот естаблишмент и по тоа што уште појавно ги прекршуваше конвенционалните правила на пуританците во САД. Џенис со пеењето, животниот стил, ставот на бината, сексуалноста и нејзиниот отровен јазик направи многу за родовата рамноправност. Иако длабоко во неа се криеше осамената тинејџерка од провинцијата оптеретена со комплекси, таа како лавица се бореше за слободата на изразување, независноста на младите и правото тие да имаат свој став. Беше еден од предводниците на револуцијата од 60те години на 20от век. Тоа беше нејзината борба против авторитетот, глупоста, лакомоста и медиокритетите. Таа и согоре во таквата борба. По којзнае кој пат револуцијата го изеде своето најмило чедо. Џенис Џоплин е најочигледниот, најпочитуваниот и најиздаваниот музички бездомник на 60те од минатиот век. Заедно со многу битници (личности кои се противат на сите видови конвенции) од времето на хипи револуцијата и “децата на цвеќето“, угледувајќи се на Џек Керуак, Џоплин помина години на патот удирајќи ги темелите на движењето познато како контра култура (култура на спротивставување на општествените норми и традицијата).
Беше слободна и пркосна. Како таква таа беше ничија. Само своја. За своите музички перформанси знаеше често да каже дека ужива кога публиката ги прати нејзините чувства, а најмногу е задоволна кога таа самата ќе ја почувствува енергијата, која струи низ неа и оди кон публиката. Со своето однесување се трудеше да ја одржи репутацијата на голем бунтовник. Така и го заслужи статусот на икона на најслободоумна женска на 60те години од 20от век. Нејзина омилена песна беше It’s Life во која таа пее за тоа дека човек секогаш на крајот останува со кратки ракави. Неверојатно грозоморно чувство на осаменост го пратеше нејзиниот успех. Чувствуваше дека е несакана и непожелна.
Божица на музиката и автодеструктивноста
Ќе остане запаметена како најдобра светска блуз пејачка.
Ниедно машко не направи да се чувствувам така добро,
како што тоа го правеше мојата публика
Џенис Џоплин
(продолжува)
Сотир Костов
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Кога имате ситуација директор на АНБ фалсификатор,…
Лојалност– награда – глупост Можеби ви изгледа…
Иранска опозиционерка: Време е Хамнеи да си…
Марјам Раџави, претседателка на опозицискиот Национален совет…
Стармер: Иран да се врати на преговарачка…
Британскиот премиер Кир Стармер го повикува Иран…
Македонска амбасада во Израел: Затворен аеродромот во…
Од македонската амбасада во Израел информираат дека…
Захарова: Русија е подготвена да го реши…
Разговорите меѓу Русија и Украина се движат…