Светски икони – мода, филм, музика, стил(9.1) Џоплин како музичка дива, hipi и hell ангел(втор дел)

t

Светски икони – мода, филм, музика, стил(9.1)

Џоплин како музичка дива, hipi и hell ангел(втор дел)

Се обидувам на луѓето да им кажам дека и белците имаат душа
Џенис Џоплин

Џенис Џоплин беше жена уметник. Го искажа женскиот бес и разочарувањето на многу жени, неколку години пред феминизмот да ги озакони. Таа не беше само музичарка. Напротив, имаше многу други таленти. Уште многу млада, со рацио на филозоф, стана свесна за моќта на блузот. Беше интелектуално прониклива, имаше напредни родови ставови и поседуваше афинитет кон ссликарството. Беше вистински перфекционист: Образована музичарка родена со талент. Со страст приоѓаше во создавањето и изведувањето на музичките нумери. Макотрпно работеше на подобрување и усовршување на својот музички талент. Тоа и ја направи поинаква, најдобра и успешна. Не се задоволуваше со постигнатото. Беше прва, најпрва, која ги придвижуваше границите на родовите и сексуалноста. Најмногу од се ја сакаше слободата(“Калифорнија…можете да правите што сакате и никој да не ве гњави“). А музиката и пеењето и беа прва и најголема љубов(“Кога пеам, се чувствувам, како кога прв пат ќе се заљубиш…Свирката е најубавата забава што постои – ги чувствуваш работите и целосно се внесуваш во тоа. Во тоа е и фората…Музиката се сведува на чувства“).

За само четири години блескава кариера, имаше многу ѕвездени моменти. Сепак, најбитни се два: Настапот и успехот на фестивалот во Монтереј, каде ја нарекоа “вистинска кралица на фестивалот“ и настапот во “Алберт Хол“ во Лондон. Треба да се забележи дека после нејзиниот триумфален настап во “Алберт Хол“ во Лондон, 1969 година, таа ги доби можеби најдобрите критики во историјата на музиката:

Soul (душа) е тоа што е Џенис ( магазинот “Диск“);
Џоплин ги проби ѕидовите на британската резервираност, ја опушти публиката, но и ја раздрма, ги отвори очите на сите и ги полуде (Мелоди Мејкер).

Во шоуто на Дик Кавет, само неколку месеци пред нејзината смрт, Џоплин изјави дека машките секогаш земаат малку повеќе отколку што се подготвени да дадат. Нејзе, просто, ја убиваше таа машка доминација. Можеби тоа е и причината што во своите познати музички хитови Ball and Chain и Piece of My Heart пееше за неизбежноста на судбината жените да бидат сјебани од машките.
Џенис беше феминисткиња, бисексуалка и икона на 60те од минатиот век, но најверојатно најмногу ќе биде запаметена како трагична жртва, една од најспектакуларните “drama queens“ на 20от век, како што запиша еден музички критичар во Њујорк Тајмс. Таа имаше врвна интелегенција и уметничка душа. Пејачот Крис Вилијамсон за неа ќе каже дека тоа што таа го пееше никој пред неа нешто слично не испеа. Тоа е резултат на моќниот вокал на Џоплин.

А таа, Џоплин, со својата песна ја покажуваше својата тага. Таа не пееше само по нотите. Умееше да ја фати суштината на музиката. Секс богиња на контракултурата. Нејзиниот имиџ беше имиџ на спектакуларна намачена блуз дива. На сцената беше најубедлива, во моментите кога возбудено со својот глас впливува во нејзината музичка и животна нирвана.
Кога ја пееше Piece of My Heart, нејзиниот глас воодушевуваше, звучеше одлучно на начин каков дотогаш не сме слушнале од некоја бела пејачка.

Кога пак ја изведува Summertime чиниш го слушаш нејзиниот страв и нејзината радост додека ги крши сите правила. Јас во нејзината музика и денес ја слушам слободата, која според мене беше и нејзината порака. Не беше среќна, но веруваше во бунтот и ги промени правилата за сите нас. Во таа смисла, таа е и голем победник, поголем отколку што било кога и самата можела да се надева дека ќе биде.

Сакаше да го скандализира светот кој ја отфрлуваше. Често во тоа и успеваше. Благо речено, се облекуваше доста чудно, на себе ставаше ракавици, најразлична бижутерија, лента за коса, така што изгледаше дека има извонреден талент за пронаоѓање на најдречливи бои. Луѓето од модата се чудеа на нејзиниот невкус. Пиеше, лумпуваше, многу не се грижеше за однесувањето на јавни места, работеше што сакаше. Им се потсмеваше на поставените правила, ги игнорираше, правеше сопствени правила, па дури и нив ги прекршуваше.

Не бараше многу. Само бараше луѓето да ја сакаат. Љубовта и беше потребна. Очајнички ја бараше. Џоплин знаеше да пее. Низ своите песни се искажуваше самата себеси. Преку нив сакаше и бараше да биде сакана. Бегаше во музиката или пак и се враќаше, само таа тоа го знае, но едно е сигурно: во музиката ги бараше световите кои не успеваше да ги пронајде во родниот град Порт Артур, во Сан Франциско, во Њујорк, во хероинот или во алкохолот. Низ музиката ги сакаше луѓето. А таа, музиката, љубовта само делумно и ја враќаше. Со песната ја сакаа илјадници луѓе, без неа беше осамена. Пред самата смрт стана неизлечив наркоман, зависен алкохоличар и многу талентиран жив мртовец.

Музичка дива која беше и просечен граѓанин и hipi и hell ангел, и уметник, и дилетант, и интелектуалец, и кловн, и ѕвезда, и клошар, и лоша риба и убавица, и џанки, и козервативец, и пацифист, и борец, и циник, и вљубена, и провинцијалка, и граѓанин на светот.
Како и успеа сето тоа?

Секогаш беше бунтовница гладна за внимание.
Воопшто не се плашеше да ги минува границите и да ги крши правилата.
Најпрвин, израсна од нејзините неконтролирани песни, бројните недоразбирања, дрогата и алкохолот. Потоа, се претвори во прототип на незапирлива хероина на своето време. На крајот, Џенис стана жртва за сопствениот публицитет. Можеби затоа пред крајот на својот живот стана и мрачна икона на алкохолизмот и дрогите. Нејзината трагична смрт во неугледниот холивудски Ланмарк хотел, претставува трагично завршено бегство во светот на современата “Алиса во земјата на чудата“.

После секоја гужва јас дома си заминувам многу осамена
Џенис Џоплин

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Му ја дал колата на другар кој…

Основното јавно обвинителство Охрид донесе Наредба за…

На професорот му пукна филмот: Eве што…

Со поврат на инвестицијата од 0,5% годишно…

Вештачката интелигенција влегува во македонското образование, најави…

Министерката за образование Весна Јаневска вели дека…

Портпаролот на Комисијата за национална безбедност на…

Портпаролот на Комитетот за национална безбедност и…

Ќе се проба приватно: Зоран Ставрески не…

Некогашниот вицепремиер за економски прашања Зоран Ставрески…