Светски икони: Кралот на гуштерите – Неговите вредности и демони

t

Светски икони – мода, филм, музика, стил(10.1)

Кралот на гуштерите:Неговите вредности и демони(втор дел)

Рок поезијата на Џим Морисон претставува исчезната, “убиена“ рокенрол епоха. Но истовремено ги отсликува сите оние несреќни години кога навистина големи поети, мислители и музичари, мораа да бидат тргнати настрана, жртвувани во “пеколот на алкохол и дрога“ или убиени, со цел светот да доживее една друга арена во која царуваа неправдата, војната, срамоти крвта –  сите предуслови за пораз на слободата, мислата и мирот. Во едно такво време пораката беше Џим Морисон, неговата поезија и музика.

Сите кога барем еднаш ќе го слушнеа неговиот звучен вокал сфаќаа од каде доаѓа мистеријата за него. За разлика од Елвис Присли и Мик Џегер со кои често беше споредуван, неговото однесување на сцената беше поразлично. Срамежлив, романтичен мечтател, и посебен тип на рокенрол поет. Во тој контекст зборуваше дека не е новиот Елвис, туку само е среќен што пронашол совршен медиј преку кој може да се изрази.

Беше толку млад, а зборуваше како искусен филозоф. Велеше дека пријателите треба меѓу себе да се помагаат, а вистински пријател е оној кој ви ја овозможува тоталната слобода. Многу често знаеше да каже дека постојат различни слободи и многу недоразбирања во врска со нив. За него најголема слобода беше можноста да бидеш тоа што си. Потсетуваше дека ние луѓето во реалноста многу често сме со маски.

И затоа, за него, не може да има  револуција на општо ниво, додека не се случи бунт на индивидуален план. Преку песните порачуваше дека тоа прво треба да се случи кај секој од нас. Предупредуваше дека слободата не се добива на подарок. Дека никој нема да ја освои во туѓо име. Ако тоа го очекуваме од некој друг, тогаш засекогаш сме зависни.

Овие негови размислувања и ставови, како и неговата поезија, потврдуваат дека рок културата и рок музиката во неа, не се само ‘’шуби-ду-ап’’ мантра, ниту ‘’ајде-сега-рацете-горе’’ повик за забава. Напротив. Тоа е микс од рок филозофија, поезија и музика, со ритми превземани од чикашкиот блуз и оригинална музичка форма, настаната со вкрстување на блузерски шеми со атмосфера на сонгови на Бертолд Брехт и Курт Вајл, украсена со стихови од рамбовска провиниенција, психоделични ескапади и џезерски импровизации.  Во тој контекст, рок музиката на Морисон е полуден шатл, кој врви по патот кој сам го одредил. Прелетувајќи низ универзумот тој стана поет на американската молитва и американската ноќ.

Иако Морисон беше проблематичен, нему никогаш не му недостасуваше внимание од жените. Имаше бројни кратки љубовни врски со познати личности, а една од нив беше и Џенис Џоплин. Врз него единствено влијание имала Памела Курсон – неговата долгогодишна сопатничка, која го охрабрувала да пишува поезија, бидејќи тоа било неговата најголема страст. Приватно бил тивок, срамежлив и прилично затворен во себе. Романтичен мистик и поет. На сцената секогаш бил бунтовен, а во јавниот живот живееше според свои правила и не дозволуваше општеството да го оформува.

Секогаш на преден план ја ставаше борбата против авторитетите. Истакнуваше дека е заинтересиран за се во врска со револтот, нередот, хаосот и активности кои на прв поглед изгледаат како да немаат никаква смисла. Кај него се зависеше од расположението и личниот став. Пркосен и нескротлив создаде сопствен митски свет, свет на ‘’Кралот на Гуштерите’’. Неговите настапи беа обележени со страшни тензии. За жал покрај феноменалниот успех во музиката и со поезијата, приватниот живот на Морисон и неговите јавни настапи се повеќе излегува од контрола. Алкохолот и наркотиците го водеа во насилни и вулгарни истапи на концертите на кои често ги провоцираше полицајците и сопствениците на клубовите во кои настапуваа тој и неговиот состав Doors. Како растеше популарноста на Морисон и неговиот бенд Doors, така се зголемуваше и неговото лудило. Повеќе пати е апсен и обвинуван за недолично однесување и вулгарности на концертите, за егзибиционизам, повреда на јавниот морал и опивање и предизвикувања на нереди на јавни места.

Во обид својот живот да го врати во нормала, Морисон го напушти бендот во пролетта 1971 година и со сопатничката Памела замина за Париз. Пред заминувањето го заврши снимањето на најпопуларниот албум на групата, насловен L.A. Women. Беше нескротлив и живееше развратен живот, па така во Париз стана редовен гостин на клубот рокенрол циркус кој често го посетуваа и членовите на Битлси, Ролинг Стоунс, Пинк Флојд, како и музичките легенди Џими Хендрикс и Ерик Клептон.

Судејќи според случувањата што претстоеја, тој сепак не побегна од алкохолот, дрогата, депресијата и демоните во него што го измачуваа и прогонуваа. Велат дека неговиот трагичен крај се случил поради инфаркт на срцето. Врз неговото тело немало видни знаци на насилство па затоа не е направена обдукција, што предизвикало бескрајни шпекулации и многу различни теории на завери за неговата смрт. Погребан е во Алејата на поетите на париските гробишта Пер Лашез.

Од неговата несреќна смрт, па се до денес гробот на Кралот на гуштерите (The Lizard King, надимак на Морисон)  е најголема топ туристичка дестинација во градот на светлоста и љубовта – Париз. Џим Морисон беше и остана еден од најголемите и најмистериозните рок идоли на сите времиња.

Поетските оди за бунтот тој ги смести во музиката на Doors. Таа и таква музика инспирираше бројни генерации на млади кои и денес низ стиховите на Морисон ги артикулираат своите емоции. Прераната смрт на Џим Морисон(03. 07. 1971 год.) направи поет од таков калибар каков што беше тој, никогаш да не ја доживее творечката моќ која доаѓа со зрелите години и на поезијата и дава неопходна искреност, длабочина и јасност. И денес после толку време гледаме дека светот каков што го посакуваше Морисон не е возможен. Тој е се подалеку од нас.

Како и да е, Морисон за секогаш ќе биде Дионис, Крал на гуштерите, шаман(“шаман со душа на кловн“), ангел на темнината, модерен Ерос, поет, забавувач, лидер. Еден, единствен – за секогаш. Никој не е толку жив како Џим Морисон.

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Еден Стpaтег, една Струмичка Барбика и немopaлна…

Колумната е кратка приказна за селските и…