Спасовски: Постои силна решителност Македонија да го усогласи домашното со европското законодавство!

t

Постои институционална и политичка решителност и подготвеност за интензивен и стручен ангажман во усогласување на легислативата со европското законодавство, порача министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во денешното обраќање на панел дискусијата на тема „Хармонизација на законодавството во Република Македонија со европските стандарди и регулативи од Министерството за внатрешни работи“, организирана од Студентското собрание и асоцијација на Универзитетот на југоисточна Европа.

Спасовски своето обраќање го започна давајќи осврт на Поглавјето 24 – правда, слобода и безбедност, коешто е во рамки на кластерот „Фундаменти“ со кое практично почнува, но и завршува процесот на преговори, а подразбира вклученост на голем број државни институции, како и неопходна координација и подготовка, но, како што рече министерот Спасовски, сепак тој процес е во надлежност на Министерството за внатрешни работи.

-Кога говориме за усогласувањето на домашните закони и под законски акти со оние на Европската Унија, конкретно во доменот на функционирање на Министерството за внатрешни работи, тогаш можеби по прецизно е да кажеме дека станува збор за реализирање или оперативна имплементација на нормативните стандарди застапени во Поглавјето 24 – правда, слобода, безбедност,  од пристапниот скрининг процес на ЕУ, како  области на јавна политика кои се посебно значајни за суверенитетот на една држава. Нивната основна цел е да обезбедат слободно движење на луѓе, со гарантирање на нивната безбедност, рече министерот Спасовски,  истакнувајќи ги 12-те под области кои се императив за безбедноста на граѓаните: азил, миграција, надворешни граници, визна политика, борба против организираниот криминал, борба против трговијата со дрога, тероризам, трговијата со луѓе, царинска соработка, полициска соработка, судска соработка во граѓанските и кривичните предмети и фалсификување на евро.

Нагласи дека стандардите што треба да се достигнат во ова поглавје во голем дел се веќе уредени со бројни меѓународни конвенции кои ги презеде земјава од осамостојувањето до денес преку нивната ратификација, односно ги имплементираше како дел од домашното законодавство, пред се во областа на борбата против организираниот криминал, борбата против тероризмот, трговија со луѓе, интегрираното гранично управување и друго.

Тој изнесе неколку примери за тоа.

-Едни од  подобрите примери за тоа се и креирањето на надворешниот механизам за контрола врз работата на лицата со полициски овластувања и затворската полиција, чии основи успеавме да ги воспоставиме и чии резултати се веќе видливи во пракса, како и  спроведувањето на императивната Реформа на разузнавачките служби и воспоставување на новиот систем за следење на комуникациите, што секако произлегуваат од  Поглавјето 24, истакна Спасовски и како примери за добра комуникација и партнерство со ЕУ ги спомена и изготвувањето на Законот за меѓународна и привремена заштита со кој  беше извршено усогласување на националното законодавство со најновите акти на правото на ЕУ во областа азил, како и измената на Законот за гранична контрола, и неговото усогласување со директивите на ЕУ за обврската на превозниците да споделуваат податоци за патниците и евиденција на податоци за патниците.

Во делот на борбата против сериозниот криминал и тероризмот, како што појасни, се и бројни активности на ниво на усогласување на стратешки документи, национални и акциски планови и други проекти како на пример  проектот за Спротивставување на сериозен криминал во Западен Балкан кој има за цел да се зајакнат капацитетите на агенциите за спроведување на законот за гранична контрола и да се обезбеди ефикасен и ефективен одговор на заканите од сериозниот организиран криминал и тероризам, вклучително и спречување и спротивставување на насилниот екстремизам.

-Република Македонија во делот на борбата против тероризмот, го донесе и Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам – со цел усогласување со Европското aquis, а пак Националната комисија за борба против трговија со луѓе изработи Национална стратегија врз основа на препораките и добрите практики од релевантни меѓународни документи од областа, меѓу кои: препораките дадени од страна на Советот на Европа за Евалуација на имплементирањето на Конвенцијата на Советот на Европа „Акција против трговијата со луѓе“, како и Стратегијата на ЕУ кон искоренување на трговијата со луѓе, како и соодветни директиви и регулативи на ЕУ кои регулираат материја поврзана со борбата против трговијата со луѓе, истакна Спасовски.

Тој ја потенцираше институционалната и политичка решителност и подготвеност во земјава за интензивен и стручен ангажман во усогласување на легислативата со европското законодавство, со силна увереност за повеќе од сигурна основа дека целиот тој процес, конкретно за Поглавјето 24 ќе биде окончан квалитетно особено сега на чекор до исполнување на долго посакувана цел – полноправно членство во Европската Унија.

По панел-дискусијата, на министерот Спасовски му беше врачена плакета за соработка и поддршка од страна на Студентското собрание и асоцијација на Универзитетот на југоисточна Европа, по што присутните имаа можност и да ги разгледаат лабораториите во склоп на Правниот факултет при УЈИЕ, заедно со инспектори од форензика од Секторот за внатрешни работи – Тетово.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Активни се пожарите во Чашка, Велес, на…

РЦУК Велес, известува дека шумски пожар на…

Изгубено 3-годишно девојче во Неа Флогита, се…

Во познатото туристичко место Неа Флогита, Грција…

(Видео) Претседателката ќе чека новата влада да…

Сиљановска ќе почека да се формира новата…

ДУИ му помогна на Мицкоски за двотретинско…

Со 88 гласа “за” пред 3 часот…

Американската амбасада ќе ги подобрува односите помеѓу…

Аташето за култура и образовани на САД…