Незаборавник – За Македонцките работи(11.) Марко Цепенков – 193 години од неговото раѓање
/Записи за Дедо Цепенко и неговото епохално дело/
Кај што паѓа чоек, таму и станува
Дедо Цепенко
На утрешен ден, пред 193 години, роден е прилепскиот терзија Марко Цепенков, кој во својата “Автобиографија“, мудро запиша “Мнозина филозофи има гоедари и мнозина гоедари станале филозофи“. Оваа мисла покажува и докажува дека овој наш терзија не е обичен терзија, туку терзија кој е и народен мудрец, фолклорист, писател на македонски јазик во 19-от век, хроничар и многустран културно-национален деец. Марко Цепенков во многу нешта е исклучителна појава во македонската книжевност и фолклористика. Класик на македонскиот 19 век.
Класик, затоа што е најистакнат и најплоден собирач и афирматор на македонското народно творештво. И не само тоа, туку е и културен и црковно-просветен деец, белетрист и писател. Како деец многу е значаен за македонската книжевност и култура воопшто. Како писател зазема видно место меѓу новите македонски преродбеници. На еден начин тој ги поврзува двете епохи (претходниците на Миладиновци и нивните следбеници) и ја најавува следната развојна фаза на преродбенскиот процес, во која се чувствуваат ефектите од Илинденската епопеја и културно-лингвистичката програма на Крсте Петков Мисирков(“За Македонцките работи“, 1903г.) Димитрија Чуповски и Македонското научно литературно другарство формирано 1902г. во Петроград. Според мене тој е следбеник на Кирил Пејчиновиќ, а предвесник, првин на Мисирков и Чуповски, а потоа и на Рацин и Конески.
Роден е во Прилеп (има податоци и дека е роден во Крушево) во многудетно сиромашно семејство. Од најрани години го учи терзискиот занает, преку кој обезбедува егзистенција, ама не е “неук терзија“, каков што сакаат да го претстават некои душебрижници од истокот. Напротив. Една година се школувал кај познатиот даскал Константин Динков (“Варошка академија“), а година-две и кај Наум Хаџов од Струга. Младоста ја поминал како чирак кај разни мајстори во Прилеп, Струга, Кичево и Битола. Откако станал самостоен терзија, повел иницијатива за отворање на книжарница во Прилеп. Бил активен и како член на црковната општина, каде бил енергичен борец против грчкото духовно влијание.
Како собирач на народни умотворби тој е еден од најистакнатите и најзначајните претставници на македонското преродбенско дело во 19-от век. Цепенков е гордоста на Прилеп и Македонија, а неговите заслуги треба вечно да се споменуваат и прераскажуваат од секој еден од нас и од нашите потомци. Инаку, оваа дејност ја започнал под директно и големо влијание на Димитар Миладинов, љубопитно слушајќи ги неговите разговори со татко му Коста, за родољубието, за народните умотворби, за потеклото на Македонците.
Знаеме дека фолклорот и фолклористиката несомнено беа мошне значајни фактори во целиот тек на македонската национална афирмација во 19-от век. Се работи како за битот, обичаите, верувањата и воопшто духовниот живот на нашиот народ, од една страна, но и за јазикот и уметничката реч, за литературното творештво и за писменото изразување, од друга страна. Токму на овој план Цепенков е интересен не само како предвесник и современик на преродбенските процеси, туку е и еден од најактивните фактори на креирање на овие процеси. Цепенков почна да собира народни умотворби и под непосредно влијание и наговор на Јордан Хаџи Константинов – Џинот. Како собирач и креатор ни остави обемна и богата збирка од народни умотворби.
Според спомените и белешките на Никола Еничеров, Цепенков бил еден полуграмотен човек, кој ја пребарал целата ризница на народното богатство и дека го нанижал на богат гердан сето интересно за земјата и народниот живот. Беше раскажувач по душа, кој најдобро ја почувствувал изворноста на народниот збор. Од него најавтентично зрачи народниот гениј. Неговиот собирачки и творечки опус трае цели 42 години. Сосема доволен за да можеме да зборуваме за цепенковска традиција. Во нејзината основа се сказните, новелите, преданијата и легендите, анегдотите, приказните за животни и басни, па пословиците, поговорките, песните, како и кратките фолклорни жанри (гатанки, детски игри, детски залагалки), и секако и записи за македонски народни обичаи, описи на македонски занаети и др. Тој во сите нив интервенира, со сиот свој усет, инвенција и дарба и преку својот творечки вкус ги стилизира и издига на ниво на наполно индивидуални креации.
Значи не е само регистратор, туку и прозаист кој дава посебен дух и стил на тие творби. Така и ја создава својата запишувачка и книжевна школа. Објавил “Автобиографија“, драмата “Црне војвода“, повеќе песни, “Зборник на народни умотворенија, наука и книжнина“ и др. Дефинитивно е најголемиот и најплоден собирач на македонски народни приказни. Можат да се набројат 5500 пословици и поговорки, 800 приказни, 150 песни, 100 гатанки, 400 верувања и клетви, 300 благослови, 350 баења, 2900 соништа и нивни толкувања, 70 детски игри.
Творечкиот пример на Цепенков најдобро може да се прикаже со приказната Силјан Штркот, на која и дава посебно литературно вообличување. Јунакот на оваа приказна е жив народен дух, митски копнеж за слободна егзистенција. Дефинитивно оваа приказна во уметничка форма е филозовски трактат, каде наоѓаме тврдења дека човекот може да се потпре само врз себе. Нема чуда, нема волшебни и пократки патеки до човечката супстанција. Треба макотрпно да се работи врз себе и врз сопствената личност. Само така се станува личност во вистинска смисла на зборот. Само такви личности можат скепсата да ја претворат во верба, и само такви личности имаат желба рационалното да го издигнат над ирационалното, и имаат копнеж да надвладее доброто над злото.
А токму такви се личностите кои го запалија огнот на народната просвета и духовните вредности (преродбениците) во Македонија. Токму такви се личностите кои го разгореа огнот на националниот отпор и борбата за национално ослободување на Македонија и Македонците (Комитите и војводите на Илинден и борците и хероите на НОБ/НОВ и државотворците на АСНОМ). Не смееме да го заборавиме, зашто како што духовито вели Блаже Конески, ако воопшто штрковито го носат породот, ние сме пород на Силјан Штркот.
Сотир Костов
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
„Севернизација“ во Собранието: Од 41 закон се…
Владата и министерствата ја бетонираат „северна“. До…
Пожар изби во Ајфеловата кула во Париз,…
Во тек е евакуација на Ајфеловата кула…
Кривична пријава за даночно затајување за сопственик…
Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава…
Кривичен ја одби жалбата за притвор на…
Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје…
Владата со препорака Службен весник да ја…
Транспарентна влада е силна влада! Еден значаен…