ОСМАНИ СЕ СЛИКА СО ЛИДЕРИТЕ НА БУГАРСКИТЕ ПАРТИИ: Да си го честитаме успехот и да одиме натаму, му порача Борисов
Министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој престојува во дводневна работна посета на Софија, денеска имаше средби со лидерите на главните политички партии претставени во бугарското Народно собрание на кои се разговараше за теми поврзани со билатералните односи меѓу двете земји, обврските кои произлегуваат од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, како и за начините како да се адресираат отворените прашања кои ги засегаат двете соседни држави, во интерес на нашите граѓани и нивната европска иднина.
– Без разлика на предизвиците, С. Македонија и Бугарија мора да продолжат да ги негуваат блиските односи и соработка во духот на европските вредности. Тоа го очекуваат и граѓаните на двете земји, но и нашите партнери и сојузници. Покрај нашето сојузништво во НАТО, нам нѐ очекува и партнерство во Европската Унија, но без разлика, ние сме пред сѐ добри соседи и нашата амбиција не треба да биде ништо помалку од стабилно и долгорочно пријателство, посочи Османи.
Покрај билатералните односи на средбите на Османи со Бојко Борисов од Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), Кирил Петков од Продолжуваме со промената, Мустафа Карадај од Движењето на правата и слободите (ДПС), Корнелија Нинова од Бугарската социјалистичка партија (БСП), Христо Иванов од Демократска Бугарија и Стефан Јанев од Бугарски подем, се разговарало и за актуелните геополитички предизвици и сојузништвото во НАТО, справувањето со енергетската криза, но и можностите за продлабочување на позитивниот тренд во економската соработка.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, на средбата со Борисов во седиштето на ГЕРБ, што беше пренесувана во живо на Фејсбук, Османи нагласи дека најдобар начин за подобрување на меѓусебните односи е комуникацијата.
– Многу е важно двете страни да реагираат адекватно на провокациите, изјави Османи.
Борисов, чија партија во коалиција со Сојузот на демократските сили (СДС) освои најголем број пратеници на неодамнешните предвремени парламентарни избори, истакна дека се залага за подобрување на односите меѓу Бугарија и Македонија, нагласувајќи дека провокативните постапки треба да престанат, бидејќи тие „не се добри“.
Тој додаде дека коалицијата ГЕРБ-СДС победи на изборите во Бугарија и покрај нивната поддршка за Република Македонија, со што, според него, се покажало оти Бугарите оценеле „дека е поддржана најблиската до нив нација и дека треба да бидеме заедно“.
– Можеме да си го честитаме успехот и да продолжиме понатаму. Ние треба само да изградиме транспортни коридори, важните работи се движат, треба да бидеме заедно. Да градиме, луѓето сакаат да живеат подобро, изјави Борисов.
Тој истакна дека исвиркувањето на бугарската химна на фудбалскиот натпревар меѓу репрезентациите на двете земји не бил убав чин и создал тензија во Бугарија.
Борисов додаде и дека не е негова работа да се меша во внатрешните работи на земјава, но нагласи оти усвојувањето на измените на законите за политички партии и за здруженија предизвикале остра реакција во Бугарија. Според него, ваквата постапка се одразува негативно врз добрососедските односи и побара примената на измените да се одложи се додека по нив не се произнесе Венецијанската комисија.
Тој сепак истакна дека има и позитивни примери во односите, како што е продолжувањето на изградбата на пругата во земјава до границата со Бугарија, која е дел од Коридорот 8.
Османи претходно се сретна и со неговиот бугарски колега Николај Милков, како и со премиерот на Бугарија, Галаб Донев. Како што соопшти МНР, на средбата Османи – Донев станало збор за севкупните односи и соработка меѓу двете држави, со фокус врз економската соработка и подготвеноста за заедничкото справување со последиците од енергетската криза.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Арсовска за Николоски: Пренесете му на неписмениов…
Ќе му пише ли некој на неписмениов…
Богојески ќе предава на Воена академија
Неодамна разрешениот по барање на Брисел директор…
Експлозија во касарна во Германија, едно лице…
26-годишен маж загина во експлозија на земјиштето…
Адеми: Османи за македонскиот јазик го постигна…
Инсистирањето на Владата на Северна Македонија да…
Дезинсекција против комарци, од сабота до четврток…
Градот Скопје ги известува граѓаните дека на…