АРГЕНТИНА Е НОВИОТ СВЕТСКИ ФУДБАЛСКИ ШАМПИОН!
Големото финале на Светското првенство во Катар донесе голема драма и победа на репрезентацијата на Аргентина во дуелот со Франција 4-2 (3-3 регуларен дел). Аргентинците имаа убава предност од два гола, но тоа светскиот првак го анулира за две минути. И по продолженијата немаше победник, бидејќи беше постигнат по еден гол во секоја мрежа. На крај, одлучија пеналите, по кои поуспешни беа аргентинските фудбалери, а трагичари беа Кингсли Коман и Аурелиен Чуамени.
Бранителот на светскиот трон одигра катастрофално прво полувреме. Противникот предводен од Лионел Скалони ги постигна единствените два гола и стекна висока предност. Од самиот почеток „гаучосите“ тргнаа амбициозно и агресивно. Тоа им донесе резултат и два погодоци. Анхел ди Марија беше најдобар поединец на теренот. Офанзивецот доби шанса од првата минута и беше нерешлива енигма за десната страна од француската одбрана. При еден негов пробив Осман Дембеле стартуваше невнимателно и направи пенал. Меси ја презеде одговорноста и погоди за 1-0.
Французите не одговорија соодветно. Нивната тактика очигледно беше да се препушти играта на противникот, кој вторпат ја казни лошата поставеност на „триколорите“. По една убиствена контра, Аргентинците стекнаа двојна предност. Ди Марија се најде на вистинското место за да ја комплетира одличната акација на својата репрезентација. Дидие Дешамп одговори со две измени пред паузата. Оливие Жиру и Осман Дембеле не ги задоволија неговите очекувања и завршија на клупата за резерви. Долгото продолжение не помогна, па Аргентина замина во соблекувална со огромна позитива.
Во продолжението аргентинската селекција рутински го трошеше времето. Чекаше брза транзиција за одново да ја казни француската одбрана. Франција се префрли на противничката половина, а подоброто издание ѝ донесе намалување на резултатот. Отаменди направи фаул за пенал, кој го реализира Килиан Мбапе. Само неколку акции подоцна, Мбапе одново стрела, за одушевување на француските фанови во Лусаил. Францускиот тим нападна жестоко по трета реализација, но до тоа не дојде, па следуваа две продолженија.
Скалони ја освежи својата екипа со Лаутаро Мартинез и Леандро Паредес. Напаѓачот имаше златна шанса за ново водство, но во последен момент блокираше Дајот Упамекано. Францускиот фудбалер направи уште една интервенција во продолжението и спречи радост на аргентинскиот тим. Тоа беше сè што видовме до крајот на првото продолжение. Почетокот на вторите петнаесет минути им припадна на Аргентинците. Меси на една одбиена топка и добра изработена акција погоди за 3-2. Лорис првично одбрани, но не успеа целосно да го спречи противникот да стекне нова предност. Французите не се откажаа, а Мбапе постигна хет-трик, кога по негов удар со рака играше Монтиел и донесе нов пенал за ривалот. Тоа значеше дека пеналите ќе го дадат новиот светски првак.
Први шутираа и погодија Меси и Мбапе. Следуваше промашување на Коман, односно одбрана на Мартинез, а потоа нововлезениот Пауло Дибала шутираше по средината и донесе предност за Аргентина. Чуамени падна на притисокот и промаши цел гол, па Паредес казни и обезбеди висока предност за својот тим. Конечната победа на „гаучосите“ ја донесе Монтиел, кој донесе трета светска титула за Аргентинците.
Извор: GOL.mk
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Нова драма во Франција: Евакуирана железничка станица
Железничката станица Сен-Шарл во Марсеј беше евакуирана…
Израел ја предупреди Франција за потенцијални терористички…
Израел денеска ја предупреди Франција за потенцијални…
Левичарите во Франција го обвинија Макрон за…
Победниците на изборите од француската левичарска коалиција…
Шпанскиот репрезентативец Jамал стана најмладиот стрелец…
Ламин Јамал, фудбалскиот препрезентативец на Шпанија, стана…
Пад на еврото по изборите во Франција
Еврото падна по вториот круг од парламентарните…