СВЕТСКИ МАКЕДОНСКИ КОНГРЕС: МАКЕДОНЦИТЕ СЕ СТАРОСЕДЕЛЦИ НА ПОЛУОСТРОВОТ, ТИЕ ГО ПРЕЧЕКАЛЕ ДОСЕЛУВАЊЕТО НА “БУГАРИТЕ“, “ГРЦИТЕ“ И “СРБИТЕ“
Ѓорѓија Пулевски или Ѓорѓи Пулевски е македонски писател на кратки дела, лексикограф, историчар и воен водач.
Ѓорѓи Пулевски е автор на првата печатена македонска граматика и автор на еден од првите речници на Mакедонскиот јазик!
Ѓорѓи Пулевски е роден 1817 година во село Галичник. Ѓорѓи Пулевски бил ѕидар во Романија. До почетокот на 60-те години својот животен пат го продолжува низ разните ослободителни војни и востанија во текот на целата втора половина на XIX век.
Ѓорѓи Пулевски ја започнува борбата за слобода на својот Македонски народ, истовремено учествувајќи во ослободителната борба и на другите балкански народи.
Верувајќи дека со тоа се бори и за својата татковина Македонија, Ѓорѓи Пулевски најпрвин се вклучил како доброволец во ослободителните акции во настаните од 1862-1863 година кога, како наредник на понтонерска чета, се бори против турскиот гарнизон во Белград.
По избувнувањето на Српско-турската војна во 1876 година, тој пак се вклучува како доброволец, на страната на српската војска.
За време на Руско-турската војна 1877-1878 година, Ѓорѓи Пулевски со својата чета во редовите на руската армија повторно се бори за ослободување на Бугарија.
Со Одринското примирје и Санстефанскиот прелиминарен договор е прекинато заземањето и на Македонија.
Во 1878 година, Ѓорѓи Пулевски пак активно учествува како војвода во Кресненското востание, ставајќи се директно во функција на борбата за слобода на Македонскиот народ.
Не помалку е значајна културно-национална дејност на Ѓорѓи Пулевски како учебникар, лексикограф, граматичар, поет, фолклорист, етнограф и историчар.
Негово првопечатено дело е “Речник од четири јазика“ или “Четиријазичник“, објавено во Белград во 1873 година.
Тоа е всушност “Петјазичник“, бидејќи во колоната на српскиот јазик дава лексички материјал од двата блиски, но сепак различни јазици: Македонскиот и Српскиот јазик.
Втората објавена книга на Пулевски е “Речник од три јазика – Тријазичник“, објавена исто така во Белград во 1875 година. Ова дело е особено значајно поради јасната концепција и отворено изнесената идеја за татковината Македонија, за Македонскиот народ и Македонскиот јазик како посебни во словенскиот свет!
По неуспехот на Македонското Кресненско востание, Ѓорѓи Пулевски заминува во Софија. Во 1879 година Ѓорѓи Пулевски сепаратно ја публикува првата патриотско-политичка поема во нашата литературна историја “Самовила Македонска“, во која ги споменува Филип Македонски и Александар Македонски како предци на денешните Македонци, кои 300 лета пред Христа ја совладале целата вселена.
Во книгата “Самовила Македонска“ е изразена идеологијата на македонските учесници во Македонското Кресненско востание. Во тоа време ја објавил и првата одделна стихозбирка на Македонски јазик во македонската литературна историја “Македонска песнарка“ во две книшки. Стихозбирката содржи три лични и повеќе народни песни.
Оваа збирка македонски народни песни била многу позитивно прифатена меѓу македонската емиграција во Бугарија. Константин Везенков бил воодушевен од патриотизмот на својот познаник Ѓорѓи Пулевски искажан во неговите авторски песни за Филип Македонски и Александар Македонски, па решил дел од нив да објави во весникот “Марица“.
Во 1880 година излегува од печат и “Слогница речовска“, која претставува прва публикувана граматика на Македонскиот јазик. Во неа Ѓорѓи Пулевски се обидел да создаде основни норми на Македонски литературен јазик, комбинирајќи ги централно-македонските дијалекти со словенската писмена традиција во Македонија, создавајќи притоа мошне интересна лексика, позајмувајќи зборови и од другите словенски јазици, но секогаш изразито македонизирани.
Како дел од активноста на Ѓорѓи Пулевски меѓу македонската емиграција во Софија е и формирањето на Словено-македонската литературна дружина во 1888 година, под негово претседателство.
Таа има особено значење, како прва македонска литературна асоцијација воопшто и тоа е само уште еден доказ за неговата патриотска културна дејност и национално-политичка ориентација.
Меѓутоа, посебно место во претставувањето на делото на Ѓорѓи Пулевски зазема неговата Славјанско-македонска општа историја, завршена во 1892 година непосредно пред неговата смрт. Ова негово капитално дело беше објавено во целост од МАНУ и Фондацијата “Трифун Костовски“ во 2003 година, а еден негов дел односно “Царственикот Велики Александров“ бил издаден од Институтот за национална историја во 2005 година во Македонија со наслов “Македонска Александрида“, двете изданија под редакција на академик Блаже Ристовски и проф.д-р Билјана Р. Јосифовска.
Делото е објавено на оригиналниот пишан јазик – мијачкиот говор од Галичник, го опфаќа животот на Александар Македонски од неговото раѓање, походите во Египет и Индија, сè до неговата смрт.
Не е за занемарување и неговиот обемен ракопис, насловен како “Јазичница“, завршен исто така во Софија, што претставува специфичен прирачник за изучување на Македонскиот јазик.
Во “Славјано-македонската општа историја” во 1892 година, Ѓорѓи Пулевски напишал: “Македонците се староседелци на Полуостровот! Тие го пречекале доселувањето и на ‘Бугарите’ и на ‘Грците’ и на ‘Србите’!”
Во 1878 година, пак, Ѓорѓи Пулевски напишал: “Со Бога напред, напролет ќе удриме на Турција, сите ние синови славо-македонски! Или сите ќе изгинеме, или повторно ќе го издигнеме царството на Александар Македонски!”
Во Тријазичникот, пак, Ѓорѓи Пулевски напишал: “Народ се вељид људи који е од еден род и кои зборувајед еднаков збор, и који живунајед и се другарад еден со други, и који имајед јаднакви обичаји и песни и весеља; тије људите ји викајд народ, а место во које живувад народ се вељид отечество од тои народ. Така и Македонциве се народ и местово њивно је Македонија!“
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
НАТО: Украина не може без помош од…
Украина нема да може да се справи…
Детектирана е нова варијанта на Ковид-19 во…
Нова варијанта на коронавирусот моментално циркулира во…
Пет активни пожари низ Македонија
Центарот за управување со кризи информира дека…
Нетанјаху повикува на елиминирање на Хамас
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху повика на елиминирање…
Српски студент: Полицијата ме тепаше 10 минути,…
Алекса Станковиќ, студент на Филозофскиот факултет во…