Русјаков: Чудни работи се случуваат, СДСМ сака да го сруши СДСМ, за да се врати на власт, ВМРО-ДПМНЕ со своите стратегиски партнери, ги разгледува опциите дали да остане во опозиција или да не дојде на власт

t

Важно Нордистан влезе во 2023 година. Како што му прилега на нордистанскиот идентитет, влезе килаво, глупо и гротескно апсурдно, ама арогантно и вообразено. Оваа бесмислена контрадикторност внесена во нордистанскиот ГМО-код ја искористија секогаш лошите Руси, па во Нордистан, освен новата година, влезе и руски свештеник. Ваквиот антинато-упад веднаш го детектираше октроираната нордистанска власт (и некои опозиционери), па ни објаснија дека руски свештеник во Нордистан е безбедносен проблем. Нормално дека е безбедносен проблем кога попов само што ни се пикна во протекторат и ЕУ-молитви, веднаш отиде… пазете ваму… во манастир. Планира да ни подметне руско православие во западно ориентиран темјан. Па, кога нашиве попови ќе фатат да кадат на литургија, од небото со нас ќе се подбиваат Свети Серафим Саровски, Свети Јован Шангајски и Свети Димитриј Ростовски, наместо, како што е вообичаено, од истото тоа небо да нè мочаат светите Бајден, Фон дер Лејен и Макрон заедно со новомачениците, западноевропските амбасадори што мака мачат да ги внесат Бугарите во Уставот.

Како и да е, јас не гледам безбедносен проблем само со доаѓањето на рускиот свештеник. Честопати кога минувам покрај библиотеки и книжарници (среќа ги има сè помалку, за сметка на молови, салони за убавина и обложувачници), чувствувам како ме демнат страшните очи на Пушкин, Есенин, Достоевски, Толстој, Чехов, Булгаков и другите познати руски реченични монструми, а тоа ми ја вознемирува душата и веднаш чувствувам дека минувам низ сериозен безбедносен проблем, кој во мене буди руски книжевни кошмари на јаве, страв од артилериски напади на алегории и гротески, паника од можна окупација на идиоти, мртви души, Принтипрам циркусанти, сталкери, мајстори и згодни Маргарити.

Loading…
Што по ѓаволите и црноморските длабочини прават оние ликови напукани со грантови за борба против руско влијание во медиуми, библиотеки, еротски воздишки и празнични салати? Каде се да му објаснат на кутриот просечен нордистанец дека грашок се става под душек на принцеза што шири европски вредности, а не во салата, по што автоматски тоа станува руска салата? Па, веќе утре може некоја будала да помисли дека носот служи за секнење гогољовска алегорија, а не за шмркање бело и пикање во туѓа интима?

Како тргнал, и Нордистан ќе излета од шините. Чудни работи се случуваат. СДСМ сака да го сруши СДСМ од власт за да се врати на власт. ВМРО-ДПМНЕ со своите стратегиски партнери, Брисел и Вашингтон, ги разгледува опциите дали да остане во опозиција или да не дојде на власт. Во ДУИ се тепаат два клана, Алијанса станува Алтернатива на Беса, па Еди Рама мора да пее „харе рама“ за да им ги поврзе конците. Дури и кај нордистанските богови се измешаа лончињата. Како инаку да го разберам тврдењето дека уставните измени ќе го внесат Нордистан во ЕУ, која не планира да се проширува во скоро време? Ама ни на ЕУ не ѝ е лесно. Ај што треба да ги внесат Бугарите во нордистански устав, ама сега и пците скитници ќе мора да ги тргнат од улици. Може треба да направат комбинација од двата проблема и да влезат во кампања „Вдоми Бугарин! ЕУ за тебе!“. Нека ми простат Бугарите, особено оние аполитичните, што ги пикам меѓу редови, а надвор од контекст, ама како и да ја завртиме работава, ние сме глупите. Затоа и не е лошо да продолжиме да си вадиме очи за суштински прашања од типот дали индискиот чај е англиска или руска традиција што треба да ја имплементираме како нордистанска религија, која ќе се води според календарот на… хммм… не е лошо да се колеме малку и околу тоа, дали да го прифатиме за официјален календарот на Маите или календарот на Пирели?

Целата колумна на Александар Русјаков прочитајте ја тука.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Бугарија и Романија одбележуваат 20 години од…

Дваесетгодишнината од пристапувањето на Бугарија и Романија…

ОФИЦИЈАЛНО: КРИСТИЈАН КОРАБОСКИ ОД СИНОЌА Е ВО…

Кристијан Корабоски, кој викендов брутално претепа млада…

Вучиќ „заработи“ кривична пријава за продажбата на…

До Јавното обвинителство за организиран криминал на…

Новиот состав на српското Собрание денеска на…

Конститутивната седница на новиот состав на Собранието…

Денес се празнува Преподобен Јоаникиј Велики

Ова големо духовно светило се роди во…