Вучиќ подготвен да го прифати концептот на европскиот план за Косово, опозицијата го критикиува

t

Изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека Белград е подготвен да го прифати концептот на европскиот предлог за Косово ја подели српската јавност – некои бараат тој да не биде „соло“ играч и да ја објасни суштината на предлогот пред парламентот, додека други бараат да го потпише што е можно поскоро.

Во петокот, по средбата со претставниците на САД и ЕУ, Вучиќ рече дека Србија е подготвена да го прифати концептот на европскиот план и да работи на имплементација на предложениот договор за дијалог за нормализација на односите со Косово, што беше потврдено и од претставникот на ЕУ, Мирослав Лајчак.

Словачкиот дипломат и специјален претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, оцени дека Вучиќ покажал одговорен пристап и подготвеност да носи тешки одлуки во интерес на мирот и европската перспектива на Србија.

Изјавата на Вучиќ, сепак, не и се допаѓа на опозицијата од конзервативно-десниот спектар на политичката сцена во Србија, која го обвинува дека не смеел да се согласи со предлогот без одобрение на државниот парламент, и бараат Вучиќ да објасни во Собранието на Србија со какви опасности и предизвици може да се соочи земјата.

Движењето „Двери“ останува на ставот дека најпроблематично во моментов е тоа што никој не знае дали предлогот на Западната петорка е де факто ултиматум, и ако е – зошто Вучиќ дури се согласил да разговара и да го спроведе. „Двери“ бара дијалогот за Косово да биде замрзнат до крајот на руско-украинската војна и дотогаш ништо да не се потпишува.

Конзервативно-ројалистичката коалиција „НАДА“ бара од Вучиќ итно да ги информира граѓаните за содржината на француско-германскиот предлог, кој стана предлог и на Европската унија, бидејќи за судбината на државата не може да се преговара тајно и без српскиот народ.

Тие бараат од Вучиќ да одговори врз основа на кои овластувања и одлуки на надлежните органи ја презел обврската и ја истакнал подготвеноста Србија да го прифати концептот и да работи на имплементација на тој договор.

Народната партија на Вук Јеремиќ во саботата оцени дека Вучиќ ја подготвува јавноста за капитулација со прифаќање на концептот и примената на договорот за Косово, што, според нив, подразбира дека Србија се согласува на еднаквост во меѓународниот простор со самопрогласеното Косово.

Во исто време, Лигата на социјалдемократите на Војводина (ЛСВ), побара Вучиќ што е можно поскоро да го прифати договорот за меѓусебните односи меѓу Србија и Косово како што го предложија францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц .

„Вучиќ мора да престане да си игра со иднината на Србија и нејзините граѓани со неодлучна политика и мора да ја спаси Србија од нови санкции, економски пад и уништување“, објави „ЛСВ“.

Претседателот на „ЛСВ“, Бојан Костреш, кој го наследи Ненад Чанак на чело на партијата, во соопштение за медиумите истакна дека на Србија не и треба нова изолација и санкции, туку напредок и соработка и дека единствениот начин за развој и модернизација на Србија е да се приклучи кон Европска унија.

Дипломатската петорка, во која заедно со Лајчак се американскиот пратеник Габриел Ескобар, како и претставниците на Франција Емануел Боне, Германија Јенс Плотнер и првпат италијанскиот пратеник Франческо Тало, се сретнаа со Вучиќ во петокот по претходна разговор со косовскиот премиер Албин Курти во Приштина.

Вучиќ на новинарите им рече дека ја покажува сета загриженост и резервираност за важно прашање, но не прецизираше за што се работи, инсистирајќи на тоа дека не може да зборува за тоа бидејќи планот не е јавен.

Радио Слободна Европа (РСЕ) објави, повикувајќи се на планот на ЕУ што претходно го виде, дека документот има еднаков пристап до страните и предвидува почитување на територијалниот интегритет, неповредливост на границите, признавање на државните симболи и посебен аранжман за српската заедница во Косово.

Според РСЕ, во документот експлицитно не се споменува меѓусебното признавање или членството на Косово во Обединетите нации, на што инсистира Косово.

Сепак, во документот се споменува поддршката што двете страни меѓусебно треба да си ја пружат во процесот на европска интеграција, додека од Србија се бара да не се меша во членството на Косово во меѓународните организации.

Соговорниците во Белград се согласија дека „замрзнат конфликт не е решение“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Трамп со застрашувачка објава: Итно евакуиратје го…

Американскиот претседател Доналд Трамп на социјалната мрежа…

САД се подготвуваат да копаат литиум во…

Украинските власти ги презедоа првите чекори за…

Земјотрес со јачина од 4,2 степени ја…

Земјотрес со јачина од 4,2 степени според…

(Видео) Израел нападнат со ракети и дронови…

Иранските државни медиуми известуваат за заеднички напад…

Курти по изјавата на Трамп: Треба да…

Вршителот на должноста премиер на Косово, Албин…