Не е шега: Македонија даде 40 гола на Светското првенство
Ракометарите на Македонија ја запишаа втората убедлива победа во Президент Купот на Мундијалот, откако денес во „Орлен Арената“ го декласира Мароко со 40-25 (18-12). Избраниците на Кирил Лазаров одиграа речиси перфектен натпревар, ги користеа противничките грешки, дадоа многу голови по контри и во целост ја оправдаа фаворитската улога на овој натпревар.
За дуелот со Мароканците од составот беше изоставен Гоце Георгиевски, а во тимот се најде Марко Стојковиќ. Првиот напад го имаа Африканците, кои успеаја да добијат пенал и преку Реида да поведат. На спротивната страна, брз одговор даде Мартин Серафимов со израмнувачки гол. Голманот Мартин Томовски беше сигурен, собра две интервенции и една која не се броеше. По три неискористени напади на двете страни, Серафимов вторпат стрелаше за прва македонска предност. Следеа грешки на ривалот, па Петар Атанасијевиќ и Ненад Костески со по два гола донесоа прва поосетна предност од 7-2.
Мароканскиот селектор реагираше со тајм-аут и ја смени тактиката, па неговите играчи излегоа високо на бековите, а тоа ги натера нашите ракометари на грешки и резултатот дојде на 8-6. Во еден момент ривалот напаѓаше за враќање на гол дефицит, меѓутоа Томовски пак стапи на сцена, фати жива и фрли контра која Атанасијевиќ ја претвори во гол. Македонија успеваше да се одржи во предност со погодоците на Кузмановски и двапати Петров (12-9). До полувремето Мароко продолжи со цврста одбрана, високо излезени дефанзивци на бековите во обид да се сопрат нашите акции, меѓутоа тоа не беше преголем проблем. Македонија успеваше добро да се одбрани, а во нападите беше солидна и предноста одново дојде до +5, а во финишот и до највисоки шест гола позитива (18-12).
Второто полувреме започна со одлична наша игра и многу конфузија во нападите на противникот. Тоа доведе до серија од 6-0 на стартот на продолжението со погодоците на Костески, Кузмановски, Талески, Атанасијевиќ и двапати Ѓорѓиев. Првпат македонската мрежа се тресеше по осум ипол минути игра преку Захер. Следните минути се играше израмнето, паѓаа голови на двете страни, ама Македонија и натаму одржуваше висока предност и со 12 гола предност влезе во завршната четвртина од натпреварот. Голеадата продолжи и во наредните минути, момците во црвени дресови не простуваа и казнуваа сè што можеа, а Мароканците се обидуваа да парираат, меѓутоа безуспешно. Разликата на семафорот продолжи да расте и достигна максимални 16 гола. До крајот немаше никакви промени, селекторот Лазаров даде шанса на доста ракометари да го почувствуваат мундијалскиот ракомет и нашиот тим запиша висока победа.
Најефикасен ракометар на натпреварот беше Филип Кузмановски со осум погодоци, а одличен натпревар одиграа и крилата Атанасијевиќ со седум и Костески со шест, колку што даде и Серафимов. Меѓу стативите блескаше Мартин Томовски кој со тринаесет одбрани беше избран за МВП на мечот.
Македонија ја заврши групата на второто место зад Тунис и в среда против Јужна Кореја ќе разигрува за 27. место на Светското првенство.
Извор: gol.mk
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Владата ќе ги покачува пензиите непосредно пред…
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, денеска…
Дали ДПМНЕ го награди Максим со 243…
Од унгарскиот кредит од 50 милиони евра,…
Николоски: ОПОЗИЦИЈАТА ЌЕ ОСВОИ ОД 0 ДО…
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски…
Ужас во Охрид: Автомобил влета меѓу пешаци…
Стравична сообраќајка вечерва ја потресе Охрид –…
Сите ја плаќаме цената на иранските напади,…
Бенјамин Нетанјаху кажа дека целиот израелски народ…