Добро утро со Инфомакс: Ние револуционерната борба за слобода ја водиме сами, не плашејќи се од жртвите што ги даваме!

t

Во пресрет на 151 годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев, апостолот на Македонската револуционерна организација и борба, во рубриката “Добро утро со Инфомакс” денеска и во наредните денови ќе посветиме простор само за Гоце Делчев.

Добро утро Македонци, во продолжение писмото од Гоце Делчев до надбискупот Менини, 11 јули 1898 г:

– Ваша Екселенцијо, Господине Надбискупе,

Почестен сум со Вашиот одговор на моето писмо од 3 јули о.г. и наполно ја делам Вашата загриженост во врска со евентуалното давање гласност на милосрдноста што сестрите во Паљурскиот манастир ја покажаа кон нашите луѓе. Причина што таа наша благодарност не ја упативме лично до нив, туку преку Вас треба да Ви биде јасна. Нашата Револуционерна организација за најважен принцип во дејствувањето ја има тајноста, бидејќи знаеме дека османлиската власт има намера да ги испофаќа сите луѓе, не само оние што го будат и водат народот во борба туку и оние што на каков било начин му помагаат на нашето револуционерно дело. Поради тоа немате причина да се беспокоите од можноста доброто да го платиме со зло.

И по овој случај, Ваша Екселенцијо, сакам да Ве убедам дека светлиот дух што ги озарува срцата и душите на нашите браќа, и револуционерна идеја – мајката на тој дух – се нескршливи, нив ниту железната османлиска рака, ниту штикот на турскиот аскер не може да ги пробие. Ние револуционерната борба за слобода ја водиме сами, не плашејќи се од жртвите што ги даваме. Меѓутоа, секоја помош од страна за нас е доказ дека нашата борба е праведна. Нашата ТМОРО денес се прогласува за терористичка организација од многу претставници на христијанските држави, едно поради непознавање на нашата борба, а друго и поради личните интереси на нивните држави. Нашите илјади дејци, скромни, но свесни и вистински борци, готови се секој миг да се жртвуваат морално и физички за народната слобода за сите народности, без разлика на верата. Тие имаат право, ако не на ефикасна помош, барем на милосрдност и сомилост. Бидејќи Вашата Црква ги покажа на дело тие својства кои треба да го красат секој вистински човек, ние ја искажуваме својата благодарност и очекуваме дека Светата Столица и натаму преку своите органи ќе ја врши својата хумана христијанска мисија.

Уште еднаш Ве молиме, Ваша Екселенцијо, да ја пренесете нашата благодарност до Вашите претпоставени и ги запознаете со суштината на нашето револуционерно дело, стои во писмото.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ