Maкедонското МНР реагираше: Декларацијата на бугарското Собрание е неоснована и оди само во прилог на провокаторите
Министерството за надворешни работи (МНР) попладнево реагираше на сабајлешната одлука на бугарското Собрание да изгласа Декларација со која ги осудува „антибугарските пројави” во Македонија. Во реакцијата меѓудругото пишува дека МНР со жалење констатира дека собраниската декларација за наводна „ескалација на агресивни анти-бугарски активности” во Македонија е усвоена токму денеска, на последниот ден од работата на Народното Собрание на Бугарија и таа не соодветствува на договорената политика за унапредување на меѓусебните односи.
„Со оглед на времето на усвојување на декларацијата, таа може да оди само во прилог на провокаторите чија цел е да предизвикаат политички активности кои негативно влијаат на односите меѓу двете држави, и со тоа ги минираат напорите за враќање на конструктивната патека и нега на партнерските односи. Секој чин на провокација од било која страна, случајно или намерно, во моментов станува дел од сценаријата во прилог на ескалацијата на состојбите и како таков сметаме дека е во спротивност со декларираните заложби за враќање на дипломатската агенда онаму каде што ѝ е местото, во дипломатиите на двете земји“, пишува во соопштението на МНР.
По однос на содржината на декларацијата, од МНР велат дека Македонија во изминатиов период преку конкретни проекти и активности, покажа дека посветено работи на спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете држави.
„Содржаните наводи за постоење системски проблеми со правата и безбедноста на етничките Бугари во Северна Македонија целосно се косат со институционално етаблираните факти од релевантни меѓународни институции кои го следат спроведувањето на човековите права и правата на сите етнички заедници, вклучително и на бугарската. Исто така, Министерството за надворешни работи во повеќе наврати посочи дека Законот за фондации и здруженија не е насочен против здружувањето на ниту една етничка заедница, туку против принципот здруженија на граѓани да носат имиња на контроверзни личности кои претставуваат провокација не само за етничките македонци, туку и за сите граѓани кои живеат во земјата. Во истиот контекст, не постои никаква оправдана основа ниту сериозен аргумент да се поврзе работата на историската комисија со измените на Законот за здруженија и фондации. Таа ќе ја продолжи својата работа врз научно аргументирани и потврдени факти и нема допирна точка со условите под кои се формираат и функционираат здруженијата на граѓани и фондации“, велат од МНР.
Оттаму остануваат на ставот дека за случајот со физичкиот напад врз македонскиот државјанин Христијан Пендиков во Охрид, институциите на системот реагирале соодветно, сторителите се приведени, истрагата е во тек, а преку јавни политички активности настанот го осудија највисоките претставници на државата, како што се Претседателот, Премиерот и Министерот за надворешни работи.
„Притоа министерот Османи оствари и итна вонредна посета на Софија за да го посети повредениот Пендиков, со што и во политичка смисла ја искажа интенцијата на државата за грижа кон сите нејзини граѓани подеднакво. Оттука бројните изјави за овој случај, сега веќе преточени и во содржината на Декларацијата, ги сметаме за преувеличени и неосновани, кои на ниту еден начин не соодветствуваат на реалноста. Во исто време сакаме да ја искористиме приликата и да повикаме на воздржаност од натамошни одлуки и дејствија кои сериозно им штетат на односите меѓу двете земји и нивните граѓани, токму во духот на европските вредности и слободи“, пишува во соопштението на МНР.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Видео) Како татко, како брат и сопруг…
Ова мое денешно обраќање требаше да биде…
Се преврте брод полн со жито: Бугарија…
Бугарските власти денеска добија повик за помош…
Вајц: Македонија треба да биде предводник во…
Функционалното владеење на правото, доследното спроведување на…
Предметот за претепаната Сара во Охрид одземен…
Предметот за бруталното претепување на младата Сара…
Опљачкана куќа во Визбегово, одземени пати злато,…
На 16.11.2026 во 00:30 часот во СВР…