Ковачевски: Провокаторите и негаторите на македонскиот народ и држава нема да можат да влезат во државава

t

Сите оние коишто не се добронамерни, коишто провоцираат и ги негираат македонскиот народ и држава, а со тоа ги нарушуваат чувствата на Македонците, нема да можат да влезат во државата. Секој оној, пак, кој сака да присуствува на утрешното чествување и е добронамерен, ќе може да дојде и да се поклони на гробот на великанот на македонската национална борба, со претходна најава.

Ова денеска го изјави премиерот Димитар Ковачевски во пресрет на утрешното одбележување на годишнината од раѓањето на револуционерот Гоце Делчев, чиешто чествување деновиве ги засили полициските обезбедувања на реонот околу црквата „Св. Спас“ во Скопје.

Ковачевски потенцира дека секој странски државјанин за којшто МВР има информации оти е лице коешто со влез во земјава потенцијално би ја нарушило националната безбедност, владеењето на правото, јавното здравје или меѓународните односи на државата, согласно со Законот за странци нема да биде пропуштено во државата.

„Тие одлуки се носат согласно Закон за странци, согласно информациите со коишто располага МВР, се носат на денот на настанот и во деновите пред настанот. Можете да видите дека МВР уште од вчерашниот ден ги презема потребните активности“, рече премиерот Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања при посетата на компанијата „Виталија“.

Прашан дали за утрешниот настан, свое присуство најавила делегација од Бугарија, премиерот одговори одречно.

„Владата не добила најава дека делегација од Бугарија ќе присуствува утре на одбележувањето 151 година од раѓањето на Гоце Делчев. До овој момент, од Кабинетот на премиерот на Бугарија јас немам најава за официјална бугарска делегација којашто би положила цвеќе“, кажа премиерот Ковачески.

Во својата изјава премиерот уште еднаш нагласи дека Министерството за внатрешни работи е должно да обезбеди мирно и достоинствено чествување на годишнината од раѓањето на Делчев, согласно заклучоците кои претходно беа донесени на Советот за безбедност и од Владата.

Во насока на одржување на мирот во текот на утрешниот ден, премиерот апелираше до сите здруженија на граѓани и поединци кои планираат да присуствуваат на чествувањето, тоа да го направат без провокации и нарушување на односите на двете соседни држави.

Бугарската непрофитна организација Фондација „Македонија“, која се декларира како бугарска културна и образовна организација, вчера упати повик до сите Бугари во Скопје, а посебно до помладите, да присуствуваат на одбележувањето на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев што ќе се одржи в сабота во Скопје.

Во објавата се додава дека организацијата добила потврда од над 40 Бугари од Скопје и од земјава дека ќе присуствуваат на чествувањето на 4 февруари во црквата „Св. Спас“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Насилникот НЕ ОДИ ВО ПРИТВОР, ОЈО побара,…

По барање на Основното јавно обвинителство во…

МВР поднесе кривична пријава за насилникот од…

СВР Охрид поднесе кривична пријава против К.К.(31)…

Ина МногуФина со осуда за насилникот што…

Објава на Фејсбук на Ина МногуФина по…

„Не ме интересира што функции имаат неговите,…

Претседателката на ЛДП и пратеничка во Собранието,…

Министерот Ристовски ги поздрави финалистите на 55.Меѓународен…

Министерот за спорт Борко Ристовски заедно со…