Точка на бифуркација – редовна неделна колумна на Оливер Андонов
„Ќе дојде време на лажни пророци
што божем во мое име
ќе ве збираат по плоштадите,
ќе креваат врева до небеси,
ќе се бувтаат во градите…“
„Лажни пророци“
Блаже Конески
Користењето на терминологија од природните науки, за да се појаснат одредени општествени случувања, во политички трактат не е новитет. Во оваа прилика тоа го правам сосема свесно со цел на одредени телетабиси, припадници на македонската политичко-олигархиска „елита“, накитени со лажни академски титули од природните науки, да им ги појаснам општествено политичките процеси кои ги креираат.
„Точката на бифуркација“ е критичната состојба на системот, во која системот станува нестабилен во однос на флуктуациите и се јавува несигурност. Односно состојба кога системот станува хаотичен и е поставен пред две можни решенија: системот да се распадне или да се пресели на ново, поразлично и повисоко ниво на РЕД.
Моменталните општествено политички односи во Македонија ја достигнаа сопствената „Точка на Бифуркација“, од овде па натаму постојат само две можни решенија: Или суверенот ќе дозволи да продолжат да владеат овие политичко – олигархиски „елити“ и конечно ќе стават „точка на И“ во постоењето на државата односно нејзино ништење или како милуваат да глаголат наследниците на КПЈ одумирање на државата. Или (извинете за тафтологијата која беше неизбежна) суверенот ќе им го одземе правото да си подигруваат со него изнедрувајќи антиелита. Основен фактор при појавата на „Точка на Бифуркација“, кој многу ме загрижува, е времето како немилосрден судија кој ја определува казната за бесцелно потрошеното време.
Иако постојат многу очебијни фактори кои јасно ни посочуваат дека сме во допир со „Точката на Бифуркација“, економски, политички и социолошки податоци, основни показатели се несогледивите врвови на корупцијата и загрозеност до поништување на демократијата и демократските процеси. Проблемите на ова општество се политичките елити, како креатори на овие процеси, кои ја осакатија до состојба на укинување демократијата и создадоа услови за заболување на државата со канцер на корупција, кој од ден на ден го метастазира целото инстутиционално ткиво.
Политичките елити по кои се препознаваат државите како успешни, демократски или неуспешни, партократски и корупциски се разликуваат по тоа дали имаат капацитет да ги водат државите, дали се објект или субјект во внатрешните како и регионалните политики. Ова пак зависи од тоа дали вашите политички елити се клавир или синтисајзер. Имено, политичка елита „клавир“ сама создава звуци и компонира партитуда, соодветна и по желба на суверенот. Политичка елита „синтисајзер“, како што е нашата, не е во состојба сама да создава композиција па „свири“ по она што е наснимено во синтисајзерот, секако да не го заборавиме основниот предуслов, на синтисајзерот му треба надворешна енергија дури и за да на плејбек одсвири нешто.
Основно за нашите политички елити „синтисајзери“, со цел да се поништи демократијата и создаде простор за корупција, е што сите заедно свират на еден ист синтисајзер, ист рефрен и се прикачени на иста енергетска мрежа. На овој начин се руши неизмерно потребното за развој на една држава, пред се за развој на демократските процеси, дијалектичкото единство односно единство на спротивставености. Така и левите и десните коалицираат, бришејќи ги меѓусебните разлики, доколку некогаш постоеле, заради лични лукративни причини. Најопасно во овој нивен рефрен, како фон во пиесата „Game of Thrones“, е популизмот. Популизмот кој „лидерот“ на опозицијата го реализира преку тематиката „националромантизам“, додека пак лидерот на власта преку „славното комунистичко минато“, вака или онака популизмот е смртта за демократијата и нејзините постулати. Токму преку ширењето на популизмот нашите политички синтисајзери навлегуваат во состојба на, како би рекол Шпенглер, псевдоморфизам (уште еден поим од природните науки). Односно креирање на политики и институции кои немаат никаква допирна точка со општеството, нит со реалноста, целосно одвоени од потребите на суверенот, глуви за гласот на народот. Институции сами за себе и за вработување на партиски послушници. Еклатантен пример за ова се повеќето институции и закони кои се креирани за борба со корупцијата, но никако да профункционираат бидејќи, несоодвествуваат со својата намена. Форма без суштина, создадени за да, доколку се успее, се прелажат нашите НАТО и ЕУ сојузници. Па така нашите политички синтисајзери остануваат на одамна научениот рефрен „борба против корупцијата, борба против корупцијата, борба….“, но само како рефрен.
Кога сме веќе кај рефрените никако не можам да избегнам од рефренот, кој на сите нас подолго време ни ѕуни во ушите, шлагерот кој упорно го пее Г-дин Проф. д-р. Христијан Мицкоски „предвремени избори во ….(овде секој читател може да го стави датумот кој го милува, пример датумот на вашето раѓање, пејачот ќе го вметне во рефренот)“. Ова е еклатантен пример за популизам и политички солипсизам. Мицкоски заглавен во автоматски, ригидни, стереотипни ставови отпорни на надворешно влијание повторува ист рефрен, кое пак е симптом за болеста наречена „мутацизам“, но преводот на народецот наш е попластичен „расипана плоча“. Овде веќе доаѓаме до генеалогија на моралот, но за тоа по тоа…
Опасноста од несогледување, при очи слепи, дека се наоѓаме во позиција на „Точка на бифуркација“, или како би рекол народецот наш „догорено до нокти“ ќе бидат несогледиви по опстојувањето на државата во форма и содржина по која ја препознаваме. Псевдоморфизмот не води кон крвав судир помеѓу богатите и бедните. Поради ова, паралелно со егзодусот на младите и умни луѓе кои бегаат од државата, во моментов веќе се случува егзодусот на богатите. Криминалците, транзициски богаташи кои ја опљачкаа државата, со невидена брзина и волшебни методи, по примерот на Дејвид Коперфилд, го изнесуваат надвор од државата украденото народно азно, купувајќи имоти во, според нив, мирни дестинации. Во оваа прилика би ги подсетил неогурбетчиите дека таков процес веќе видовме кај олигарсите на Русија и други источноевропски држави, нешто сигурните дестинации не се покажаа многу сигурни. Game over!
Дедо Герасим – Внучко се видов со Рацин, разговаравме за неговото поимање на дијалектиката, знаеш по онаа негова студија за „Хегел“ од 1931 г., интересно глаголеше за „неизбежноста да се свати светот како процес, со железни логични закони врз принципите на дијалектичките противречности“. Токму во најжестоката дискусија, знаеш тешко е кога живееш помеѓу сонот и јавето, ми заѕвони GSM-от сум заборавил да го оставам во реалното време. Се јавувам кога еве ти го Јан Лудвик, бара да се сретнеме, малку се зачудив од овој повик, не ми беше многу јасно. Така го оставив Рацина со „Хегел“ и „Тутуноберачите“ и скокнав кај Јан Лудвик. Внучко нема да ми веруваш, за неколку секунди, за вас обичните смртници тоа се повеќе години, сватив дека се наоѓам во „Папокот на светлината“. Да, да она најново писание на Венко. Одеднаш се судрив со „видливото кое го прикрива невидливото“ со “дволичниот Балканец“ и „Секундата на ѓаволот“, суетната душа на „Графитниот љубовник“ и секако „Папокот на светлината“. Прошетав, заедно со Јан Лудвик, низ Венковите писанија следејќи го паралелното егзистирање на доброто и злото до конечната нивна пресметка и …..останав со отворена уста! Венко остави злото да живее и уште ме убедува дека „Без злото не би се виделе величественоста на доброто, подвигот и чудото“. Не знам Внучко, но имајќи ја во предвид историјата на македонскиот народ и злото кое го трпи векови на ред, посебно ова зло кое го надвјаса годините последни, изнедрувајки се од него – македонскиот народ, не можам да се согласам со Венко. Злото е зло, само со неговото уништување човек ќе се ослободи од демоните!
На денот на Светите три Ерарси, Св.Јован Златоуст, Св.Василиј Велики и Св.Григориј Велики
(во втората подготвителна недела за Великиот пост – недела на блудниот син)
Вонреден професор д-р Оливер Андонов
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Герасимов: Запрено е напредувањето на украинските сили…
Напредувањето на вооружените сили на Украина длабоко…
Рускиот опозициски активист: Украина е жртва на…
Рускиот опозициски активист Илја Јашин вели дека…
Во Брисел е нападнат амбасадорот на Азербејџан…
Амбасадорот на Азербејџан во НАТО и неговата…
Немаме сознанија, ќе го контактираме Киев –…
Соединетите Американски Држави планираат да ја контактираат…
Вечна им слава на ХЕРОИТЕ! 23 години…
И по 23 години од случувањата на…