Од Белград се бара де факто да признае дека Косово е независно
Договорот за патот кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија подготвен од Европската Унија бара Белград де факто да признае дека Косово е независно, смета руската агенција Тасс.
Агенцијата пренесува делови од документот што синоќа го објави Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) по средбата на лидерите на Србија и Косово во Брисел, во кој се наведува дека тој предвидува меѓусебно признавање на пасошите, Србија да не го претставува Косово на светската сцена, размена на дипломатски претставништва, како и обврска двете страни да работат на сеопфатна нормализација на односите.
„Србија нема да се противи на членството на Косово во меѓународните организации“, се вели отворено во текстот, пишува Тасс и додава дека Косово, од друга страна, се обврзува да создаде услови за обезбедување локална самоуправа за српското малцинство што живее во покраината, односно да го исполни барањето на Белград за создавање Заедница на српски општини.
Тасс пренесува дека шефот на европската дипломатија, Жосеп Борел, изјавил дека за време на состанокот во понеделникот во Брисел, лидерите на Србија и на Косово „признале дека нема потреба од дополнителни преговори за договорот“ и дека се исто така подготвени да почнат имплементација на договорот, но дури откако ќе се утврди патоказот, за што ќе биде потребна уште една рунда преговори, која ќе се одржи во средината на март.
Тасс потсетува дека независноста што ја прогласи „српската автономна покраина Косово и Метохија“ во 2008 година не ја признаваат повеќе од половина од 193-те членки на ОН, меѓу кои Русија, Индија и Кина, како и пет од 27-те земји на ЕУ.
Се вели дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, при полагањето заклетва пред српскиот парламент, рекол дека „ќе ги посвети сите сили на зачувување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Србија, вклучително и Косово и Метохија како нејзин составен дел“, и дека подоцна изјавил дека Србија нема директно или индиректно да ја признае независноста на Косово.
Меѓутоа, откако Вучиќ ја презеде функцијата, западниот притисок врз Белград во врска со признавањето на Косово се зголеми повеќекратно, додава Тасс и потсетува на изјавата на Вучиќ дека колективниот Запад се обидува да го натера да ја признае независноста на Косово за да го „одземе од рацете на Русија аргументот за самоопределувањето на Донбас, преседанот на Косово“.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Ердоган: Членството во ЕУ повеќе не е…
Египет може да се приклучи на новопотпишаниот…
Историски успех за македонскиот кајак: Благој Гугинов…
Македонскиот кајак испиша нова значајна страница на…
Автобус од Полска излета од пат во…
Дванаесет лица загинаа, а најмалку десет се…
Македонија во Таранто со 90 спортисти ќе…
Македонија оди со рекордна делегација на Медитеранските…
Засилен сообраќај, најмногу се чека на „Богородица“
Зголемен број возила се регистрира на патиштата…