Објавено на:

Апелација одлучи: Повторно ќе му се суди на гинекологот кој ѝ ги подврза мочоводите на пациентка

t

Апелациониот суд во Штип ја уважи жалбата на јавната обвинителка Даница Монева и го врати на повторно разгледување предметот во кој е обвинет гинекологот Митко Киров за кривичното дело „тешки дела против здравјето на луѓето“. Гинекологот Киров и поранешен пратеник во Собранието од редовите на ВМРО-ДПМНЕ според обвинението при вршење на операција за хируршко отстранување на матката ги подврзал и мочоводите на 43- годишната пациентка Тања Атанасова од Валандово, поради што било предизвикано тешко нарушување на работата на бубрезите и доколку таа дополнително не била оперирана, можела да почине.

Првостепениот суд како причини зошто Киров не сторил тешки дела против здравјето на луѓето наведе дека „вакви повреди да се подврзат мочните канали при вадење на матка се случувале и во 30 проценти од операциите за вадење матка“, што за Апелација беше недоволно убедливо. На пациентката Тања Атанасова поради тоа што ѝ биле подврзани мочоводите ѝ било предизвикано влошување на здравствената состојба за што таа веќе зборуваше за „Слободен печат“.

-После операцијата повраќав и многу ми се лошеше. Вечерта дојде сопругот да ме посети во болница и му кажав дека не мокрам. И вториот ден воопшто не мокрев. Веќе вечерта повикаа уролог, доктор Василев. И тој рече – дали е можно на жената да ѝ се подврзани и залепени мочоводите? Веднаш ме однесоа на снимање. Ја губев свеста. Ме пренесоа со амбулантно возило во Скопје, без доктор и само со медицинска сестра. Имав огромни отоци на нозете. Додека чекавме да ме примат на Ургентен центар, чекањето стана неподносливо. Креатининот ми беше 1100, а нормалната вредност е 100. Не можеше да чекаме и право отидовме во „Систина“. Таму нефролог ме прими и два дена бев на дијализа. После дијализата се вратив во живот, вели пациентката Атанасова за „Слободен печат“.

Потоа во „Систина“ следувала исклучително комплицирана долга операција после која на Атанасова ѝ бил спасен животот од сепсата која ѝ се заканувала.

-Уште сум во депресија. После тој настан лечам депресија и анксиозност а пред тоа бев храбра мајка и жена. Мене парите не ме прават здрава, барам правда. Што ако моите деца останеа без мајка?, прашува Атанасова.

Апелациониот суд пред да го врати предметот на повторно одлучување, го прегледал извештајот од Институтот за судска медицина каде неспорно било утврдено дека при извршувањето на операцијата од страна на обвинетиот хирург била направена грешка односно при подврзувањето на крвните садови на матката на оштетената со цел да направи комплетна хисторектомија случајно биле подврзани и мочоводите односно било предизвикано јатрогено оштетување на мочоводите кое било навремено санирано во Систина. Оваа грешка направена во текот на операцијата претставувала јатрогена повреда, што значи „оштетување предизвикано од доктор“.

Според извршеното вештачење, Киров требало добро да ги визуелизира органите во малата карлица и со должно внимание да ја заврши операцијата успешно и без компликации. Според извршеното вештачење обвинетиот лекар требало да ја увиди грешката уште при самата операција и да ја санира во текот на операцијата, односно истиот да ги ослободи мочните канали а не да ја заврши операцијата и пациентката да ја остави во состојба со тешко нарушување на здравјето.

„Цениме дека погрешна е констатацијата на првостепениот суд дека грешката во операцијата била поради објективни причини, односно дека таквото подврзување е честа хируршка компликација и дека во две третини од случаите не можело да се препознае интраоперативно“.

Апелација во пресудата заклучува дека сите изведени докази укажуваат дека обвинетиот со зашивање на мочните канали ја предизвикал штетната последица откажување на работата на бубрезите на пациентката како тешко нарушување на здравјето кај истата со животозагрозувачки карактер. Се додава дека првостепениот суд при постоење на непобитни факти и докази неосновано и нејасно заклучил дека во конкретниот случај не бил исполнет битниот елемент на делото, па предметот се враќа на повторно одлучување.

Извор: Слободен печат

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ