Македонски светилници(5.) Пере Тошев – совеста на револуционерната Македонија
Пере Тошев е просветен работник, идеолог и организатор на Македонската револуционерна организација(МРО), македонски револуционер, војовода, учесник во Илинденското востание, национален херој и совест на револуционерна Македонија. Најблизок соработник на Ѓорче Петров, Гоце Делчев и Јане Сандански. Целиот живот го посветил на борбата за ослободување на Македонија.
За својата Татковина – Македонија храбро го даде и својот живот.
Неговите соборци и современици ќе запишат дека меѓу најголемите македонски револуционери тој е најмалку познат на македонскта јавност. Професорот Михајло Миновски со право ќе забележи дека големиот револуционер – конспиратор, еден од водачите раководители, апостолите на МРО, и по едно столетие од неговото загинување остана недоволно проучен и афирмиран онака како што заслужува. Професорот продолжува со констатацијата дека ако Делчев беше апостолот на македонското револуционерно движење, ако Ѓорчев беше креаторот на надворешната политика на МРО, ако Дамјан Груев беше предводникот на Илинденското востание, Пере Тошев беше креатор на внатрешната (економско-развојна, просветно-културна, здравствена и социјална) политика и на државното уредување на револуционерна Македонија.
Од една страна, го краселе револуционерен стоицизам и нескршлив бунтовен дух, а од рдуга страна бил скромен, тивок, но поседувал непосредност, шарм и искреност, особини со кои стекнал голем авторитет помеѓу припадниците на Македонската револуционерна организација, кои кон него имале голема почит и стравопочит. Опишувајќи го неговиот карактер ќе констатираат дека бил тврд како камен и нем како свинга. Во таа смисла Ѓорче Петров во своите Спомени има запишано: “Се сметам за извинет кај оние слушатели кои се надеваат дека ќе чујат сензационални работи и прикаски за бурните делувања. Херојските подвизи со надворешен блесок, ако претходно изјавам дека такво нешто не го краси Перевиот живот, затоа што сè што правеше го правеше во конспирација, невидливо-вистинско македонско подземје. За него прилега да се каже оваа карактеристика отколку да се пишуваат поеми…“. А Даме Груев, вака ги опишувал некои особини на Својот другар и соработник Пере: “За него само личноста воопшто има значење, бидејќи таа ја твори историјата, а не масите. Анархистичките дејства-бомбаџилукот, ја беа завладеале неговата душа. Секое друго средство за него беше неефикасно за борба против Турците и поради таа причина тој настојувал час поскоро да се пратат луѓе во странство за да се изучат на тоа искуство“.
Пере Тошев, со прекор “Лефтер“, роден е во Прилеп во 1865 година, во семејство на видни и богати иселеници од Дебар. Основното образование и прогиманазијата ги завршил во родниот град, а од 1882 г. учел во Солунската машка гимназија, која била расадник на македонски револуционери со напредни и патриотски идеи. Уште од најрана младост Пере го пројавил својот борбен дух, па така во 1884г. поради бунт, исклучен е од гимназијата во Солун и се запишува во Пловдивската гимназија, каде не мирува, продолжува со својата бунтовност, и заедно со Спиро Костов, од Велес, и Владимир Кусев, од Прилеп, формира организациона единица на Тајниот револуционерен македонски комитет, кој има за цел ослободување на Македонија.
Веќе во 1885г. учествува во Српско – Бугарската војна, во борбите кај Сливница и Пирот, каде е ранет, а подоцна и одликуван со “Орден за храброст“.
Во периодот 1885 – 1890г. имал бројни состаноци со македонски дејци со цел да формираат македонско-одринска организација, што се потврдува од содржината на писмото што го испратил до Ѓорче Петров во 1889г., во кое предлага да формираат организација за ослободување на Македонија. За својата револуционерна активност уште тогаш е затворан во Бугарија, а по ослободувањето заминува во Прилеп, каде по извесно време се вработува како учител. Во периодот што следувал учителствувал уште во Битола, Скопје и Солун.
Веќе во 1894г. станува член на МРО, по што го формирал првиот окружен револуционерен комитет во Битола. Потоа оди во Солун каде станува училишен инспектор. Тогаш и го формира четништвото како институција и е автор на револуционерната идеологија на комитите. Тогаш многу блиско соработува со Гоце Делчев, со кого работат на организационото ширење и зацврстување на МРО. Во 1901г. се случува “Солунската афера“ во која е затворено скоро целото раководство на МРО, вклучително и Пере Тошев, кој бил уапсен и затворен во Бодрум-кале, Мала Азија.
Неговата индивидуалност дошла до полн израз во редовите на МРО, па така дејствувањето на организацијата е неразделно сврзано со личноста и активноста на Пере Тошев. Инаку, неговиот карактер и темперамент му давале сила да го насочи своето внимание на луѓето со кои соработувал.
Стекнал голем авторитет кај соработниците кои без проблеми ја прифаќале револуционерната идеологија што тоја ја заговарал. Нај јак бил во делата во организацијата и на теренот. Проповедите и говорите им ги оставал на другите видни дејци. Така истекнал неограничена доверба кај сите соработници. Неговиот авторитет се протегал и пошироко од Битолскиот округ. Го стекнал со отворен збор и категоричен цврст став, искажан со сериозност и сугестивност, кои оставале голем впечаток.
Со право проф. Христо Андонов-Пољански за Пере Тошев ќе напише: Потеклото и семејната средина се фундаментален елемент во биографијата на една личност. Тие го обусловуваат неговиот живот во неговата најрана фаза, а оставаат траги во целокупната негова натамошна дејност…
(продолжува)
Сотир Костов
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Просечната нето плата во април 45.452 денари
Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во…
Констатирани неправилности, Обвинители намерно и неоправдано направиле…
Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност на…
Путин како Мицкоски: Тектонски промени во глобалната…
Рускиот претседател Владимир Путин се обрати на…
Српските возови добиваат бизнис класа
За околу година, година и пол, „Србијавоз“…
Мурати: Македонија некогаш беше пример на надеж…
Коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ денеска…