Aгелер за Капитал: Инвестиравме милиони – каде се парите? Нашата инвестиција во македонското правосудство не даде поврат

t

„Кога станува збор за напредокот во судството, ние сме разочарани. Во последните триесет години, сме инвестирале половина милијарда долари во програми за владеење на правото и добро владеење, но не гледаме подобрувања и реформи што би можеле да ги очекуваме со толку голема инвестиција. Сепак, на крајот на краиштата, системската корупција во целата земја во сите сектори подиректно им наштетува на луѓето во Македонија отколку нам. Сите вие заслужувате општество, судство, влада чии постапки се транспарентни и ви служат вам – на граѓаните. Тоа е камен – темелник на фер и функционална демократија. На тоа треба да се фокусира владата, без разлика на тоа која партија е на власт. Судството мора да биде независна, целосно финансирана и неполитичка гранка на власта. Политичките лидери треба да го сакаат тоа, а вие граѓаните треба да го барате.“

Во деновите кога македонската јавност ја брануваат повеќе разврски, но и најави на судски процеси од висок профил каде што се инволвирани политичари и бизнисмени, како и сместувањето на струшкиот градоначалник на црната листа на САД поради наводна вмешаност во корупција, го направивме ова интервју со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во земјава, Н.Е. г-ѓа Анџела Агелер, којашто уште и пред официјално да ја преземе амбасадорската функција најави дека поле на особен нејзин интерес за време на мандатот ќе биде токму борбата против корупцијата и организираниот криминал. Вели дека македонското општество мора да направи реформи, особено во делот на владеењето на правото, доколку сака повеќе странски инвестиции, меѓу кои и американски, се разбира и побрз економски развој. Околу овие прашања, како и околу потенцијалите за развој на економската соработка помеѓу САД и Македонија, регионалните интеграции, енергетската иднина на државава, коридорите што треба да ги гради конзорциумот Бехтел – Енка, и досегашната помош и финансиска поддршка што ги имаат пружено САД за земјава, читајте во ова интервју со г-ѓа Агелер.

-Ваша екселенцијо, премиерот на Република Македонија Димитар Ковачевски во мај беше во САД на средби со високи претставници на американската администрација. Се сретна и со Ентони Блинкен, државен секретар на САД и со други високи претставници на политичкиот живот во Вашингтон. Македонија е стратешки партнер на САД. Оттука, како ја оценувате посетата на македонскиот премиер во Вашингтон и како ги оценувате стратешките односи меѓу двете земји во моментов? Што е ново на оваа тема?

Премиерот имаше одлично патување во Њујорк и во Вашингтон, каде што се сретна со високи американски претставници во Обединетите нации, а потоа и во Стејт департментот и на Капитол Хил. Секогаш е добро да се посетуваат пријатели, а срдечноста со која беа пречекани премиерот и министерот за надворешни работи покажува колку длабоко Вашингтон го цени ова пријателство. Работиме заедно уште од вашата независност, а силата на нашето партнерство е многу важна за Соединетите Држави.

Како што велите, Македонија е стратешки партнер и игра важна улога во регионот која не треба да се потценува. Ниту една друга земја од Западен Балкан ја нема истата способност да зближи различни регионални лидери за конструктивни дијалози, а вашите мировни напори направија многу за да донесат стабилност и безбедност на Балканот.

Но, САД се јасни – и луѓето во оваа земја разбираат – дека се потребни внатрешни реформи, особено во борбата против корупцијата. Има уште работа, но дозволете ми да повторам дека оваа земја и нејзините граѓани секогаш ќе ја имаат поддршката од САД. Не треба сами да се справувате со овие тешки прашања.

-Дали на средбите во Вашингтон се покренати идеи за нови проекти? Можеби и нови инфраструктурни инвестиции? Како сте задоволна од моменталните економски односи помеѓу САД и Македонија и кои се според вас најголемите пречки за поголем влез на американски, и воопшто странски инвестиции во земјава?

На состаноците во Вашингтон се разговараше и за тековните и за можните нови проекти. Секретарот Блинкен и другите функционери – сите се запознаени со Македонија и регионот – сакаа да разговараат за широк спектар на предизвици и можности. Инфраструктурата секако беше дел од тоа. Енергетската диверзификација и опциите за чиста енергија се од интерес за Секретарот, како и тоа до каде се големите проекти како што се Коридорите 8 и 10д. Оваа земја нуди огромни можности во ИТ, земјоделството, туризмот и во многу други области.

Економски, работиме доста добро заедно, но инвестициите и трговијата со САД не се толку робусни колку што знам дека можат да бидат. Бизнисите и инвеститорите од САД бараат средини во кои можат да видат здрав поврат на нивните инвестиции. Ова бара јасно придржување кон владеењето на правото, видлива посветеност во борбата против корупцијата, почитување на договорите, квалификувана работна сила и транспарентна бирократија.
Има некои одлични можности за американските бизниси да ги снабдуваат своите европски клиенти од капацитетите овде во Македонија, но за да се склучат договори неопходни се транспарентност и добро владеење.

Владата на САД и нашата Амбасада не насочуваат зделки и не преговараат за договори во име на приватни бизниси од САД. Ниту, пак, им кажуваме на американските компании каде и во кои сектори да инвестираат. Сепак, ние активно се залагаме за поголеми инвестиции од САД и за реформи со цел тие да се привлечат овде во Македонија.

Извор: Капитал

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

„Би-би-си“: Новата шефица на МИ6 е внука…

МИ6 денес се обиде да ја дистанцира…

Трамп повторно би го бомбардирал Иран ако…

Претседателот на САД, Доналд Трамп, денес изјави…

Турчин приведен во моментот кога сакал да…

На 26.06.2025 во 17:40 часот на Граничниот…

По пожарот во Делчево: Малолетничка побарала помош…

Денеска (27.06.2025) во 00:19 часот во ОВР…